Сутерен.мк

Царева Трпеноска: Најбитно е да се сака самиот живот

Повеќе од три децении за едно од најфреквентните места во официјалниот скопски живот, важеше канцеларијата на началникот на службата за информирање во Собранието на град Скопје. Повозрасните колеги велат, дека местото им било омилено за посета, не толку заради интересот за активностите на актуелниот градоначалник, колку поради постојано насмеаната и комуникативна госпоѓа т.е. токму началникот, Царева Трпеноска, која Службата ја водеше од 1970 – та до 2001 година!

”Многу ги сакав и ги сакам новинарите, а мислам дека и ним им беше пријатно со мене. Тие ме подмладуваа! Многу од тие контакти, останаа и до денес”, вели Трпеноска, која токму затоа и влијаела една од двете ќерки да ја одбере журналистиката како професија.

“Иако, во тоа време информациите беа ‘спакувани’, ‘стокмени по процедура’, за разлика од сега, кога е се многу понепосредно и без ‘ракавици’, јас секогаш се трудев да им излезам во пресрет. Вратата на мојата канцеларија постојано беше отворена”, раскажува жената, која пречекала и испратила многу скопски градски татковци.

Дискретна е за годините поминати со градоначалниците и не сака да навлегува во “анализи” на нивното “владеење”. Дипломатски коментира дека секој од нив оставил печат врз Скопје и дека со сите имала добра соработка. На наше инсистирање сепак, го издвојува Душан Поповски. Вели, “му бев партнер за разговор. Знаевме со часови да дискутираме за темите што го засегаа Скопје и неговите граѓани.”

Инаку, според неа, како синоним за прв човек на Скопје и денес е Благој Попов, кој го имал впрочем, најтешкиот мандат: за време и по земјотресот. За денешните скопски челници, коментира дека се комуникативни и достапни, што секако е важно, но не е баш најубедена во потребата од најавените монументи што (ќе) се поставуваат во централното градско подрачје.

“Ова се кризни времиња, кога треба да се штеди. Народот е сиромашен и таквите проекти само го иритираат. Не велам дека иницијативите не се добри, но можеби треба да се одложат за во иднина. Така функционира и семејството: прво го полните фрижидерот, а, ако остане, се зафаќате со ‘реновирања’”, коментира нашата соговорничка, која во својот живот, како што вели, имало периоди кога и течело “мед и млеко”, но и кога секојдневието било сосема неизвесно.

“Израснав во фамилија која беше добростоечка и угледна во Охрид, но не секогаш ни цветаа рози и токму домаќинлакот на моите родители ја спасуваше нашата иднина”, се присеќава Царева Трпеноска, родена во 1936 година, во семејството на Михаил Талев и Драга Копрова Талева, кои покрај неа ги имаат и синот Никола и ќерките Маргарита, Љубинка и Хрисанта.

Ни раскажува дека нејзиниот дедо, Ставре Талев е првиот учител во тогашната копаничарска школа во Охрид – ученик му бил и Димче Коцо, а татко и пак, првиот кој, (покрај тоа што го произведувал) охридскиот бисер го популаризирал надвор од Македонија. Големиот семеен дом, што го проектирал Дамјан Жерновски се уште постои во строгиот центар на Охрид, а своевремено предизвикувала интерес како да се работи за музеј.

“Татко ми, бидејќи беше трговец и многу патуваше, носеше работи, што дотогаш не беа видени во градските куќи. Терасите ни беа украсени со мозаици, за прв пат охриѓани видоа паркет кај нас, вратите беа изработени во длабока резба, таваните беа гипсани…”

Нивниот дуќан за часовници и накит на главната улица во чаршијата се уште е на истото место (еден од роднините раководи со него) и се уште е почитувано место за купување. Се сеќава Царева на тоа дека баба и, како и останатите градски жени кои биле столб на семејството (обично, најстарата) ја викале Кира Мана (госпоѓа мајка). Ја памети неа, која останала вдовица на 28 години, како на машина за плетење создава преубави џемпери и како, и покрај тоа што се работело за троспратна зграда, всушност, нејзиното и семејството на чичко и живееле заедно на еден ист спрат.

“Се додека не дојде еден мој дедо од Бугарија, кој не можеше да ни се изначуди на таквата ‘организација’ и не ја ‘натера’ баба ми, да ја распореди фамилијата по катови. Така, се раскомотивме. Таа всушност, како и секоја македонска жена, мислеше дека само, ако живееме така на куп, ќе останеме ‘трајно’ сплотени. “

Оваа витална госпоѓа си приспомнува на годините кога побогатите охриѓани имале навика да организираат пикници на сред езеро. Поставувале платформи врз чамците, а на нив перници и Климе Садило со својот оркестар.

“Разните прослави, меѓу кои и дочекот на Нова година, обично се организираа во кафеаната ‘Велика Србија’ кај Чинарот и во кино салата и обврзно со музиката на Садило што значи, староградска музика, без зурли и тапани. Велат, Садило знаел над тристотини песни, а останале запишани само триесеттина.”

Царева смета дека имала убаво детство, поприлично безгрижно, се до завршувањето на Втората светска војна, кога, заради стекнатиот имот, по автоматизам не ги прогласуваат за буржуи и како такви, за непријатели на народот. Државата им ја конфискува куќата (со Законот за денационализација таа, пред извесно време им е повторно вратена на сопствениците), а нејзиниот чичко поминува шест години в затвор, додека татко и седум месеци, што трајно ќе му го наруши здравјето. Семејството е преселено во старата куќа во населбата “Месокастро”, дуќанот им е одземен и за неа почнуваат не многу пријатните денови на “превоспитување” во училиштето. Се појавил голем раздор меѓу градските деца и новодојдените, од селата.

“Тие години мислам дека престанав да го сакам Охрид иако, сега веќе, откако измина толку време, повторно со љубов му се навраќам. Не беше пријатно да купуваш ременче за часовник на друго место или пак, среде ноќ да ти упаѓаат дома луѓе и да ти однесат нешто, што им требало. Еднаш тоа беше патната торба на татко ми, друг пат, неговата ловечка пушка… Татко ми постојано повторуваше дека треба само да кажат што им треба и дека тој, лично, ќе им го однесе истото, а не среде ноќ да не плашат нас, децата. Знаете, брат ми беше во партизани и постојано испраќаше писма што да им се достави и моите родители редовно го правеа бараното.”

Меѓутоа, тврди таа, ниту тогаш, а ниту подоцна, немало горчина во семјството Талеви заради таквите агресивности. Михаил Талев впрочем, бил човек на кого му било слабост образованието, можеби, вели, нашата соговорничка, затоа што самиот не завршил доволно школо, па така, постојано повторувал дека и покрај тоа што можеби тие не живеат како порано сепак, државата напредува, а новодипломираните, учените луѓе, треба да се поддржат и помогнат.

“Никогаш не чув кај нас да се осудува ‘новиот поредок’. Моите родители беа многу достоинствени и продолжија со животот како ништо значајно да не се случило.Така и кај мене, денес нема лутина или горчина од тие настани. Како што веќе реков, само ми пречеше во школските денови тоа ‘потенцирање’ на моето ‘потекл, но веќе не – последниве години дури ми се чини, дека родниот град го сакам повеќе отколку во тие најмлади денови”, тврди Трпеноска.

По средношколските денови нејзиниот живот ќе продолжи во Скопје, каде студира книжевност, а покрај неа е нејзината прва љубов, Бранко Трпеноски, студент по математика, подоцна професор на Електро – техничкиот факултет, ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и амбасадор во Бразил. Бракот ќе го офизијализираат во 1959 година и таа голема љубов ќе трае безмалку, три децении.

“Кога стапивме во брак речиси, немавме ништо. Бранко беше идеалист, тотално непрактичен, а згора на се – многу горд и не сакаше од никого ништо да бара па дури, ни од својот татко. Заедничкиот живот ни почна многу сиромашно поточно, без ништо. Тогаш сфатив дека во животот не треба човек работите да ги зема здраво за готово. Живеевме во една соба, во сутерен, беше тешко. Меѓутоа, по поплавата во 1962 – ра, кога се ослободи еден мал стан на кејот на Вардар и ние се вселивме таму, немаше посреќни од нас. Работите тргнаа на поарно. Потоа, дојде и овој стан, каде што разговараме сега, на ‘Орце Николов’, децата ни потпркнаа па, почнавме по малку и да се забавуваме.”

Со насмевка евоцира спомени нашата домаќинка, додавајќи дека за дочеците на новите години во Скопје, а и за други прослави, најчесто, сама си ги шиела фустаните, везејќи ги и украсувајќи ги со пулејќи. Со “рачно” изработени тоалети, го прошетала безмалку, целиот свет па, дури и кога за прв пат се вработила (во учителската школа, денешен, “Никола Карев”) не се препуштала на “ефтиниот луксуз”. Ниту пак, кога била претседател на Постојаната конференција на градови и општини на Југославија и уредник на списанието на службите за информирање во истите, што излегувало на сојузно ниво. Зашто, како што вели, животот го прават само моментите што се паметат, а не годините што поминале. Таа нагласува дека е горда на семејството што го создала, работата што ја исполнувала, на патот што го одела исполнет со чесност и принципи:
“Од нив не отстапувам ни денес. Човек не треба никогаш да се ‘проституира’ себе си, но особено е жално кога тоа го прави на стари години. “

Тврди дека за ништо не жали освен, за тоа што не е родена малку подоцна, за да може да ги совлада модерните технологии.

“Би сакала да научев да работам на компјутер, да го совладав интернетот, предностите на дигиталната ера! Жалам исто така, што младиот свет, меѓу кои и моите деца, заради сите овие неубави околности во државава, не успеаја да ги искористат своите умствени капацитети.”

Ја оставаме оваа енергична дама (која патем, интензивно е вклучена во активностите на Здружението на пензионери на општина Центар) меѓу купиштата фотографии, на кои се насмевнува убава и ведра жена меѓу поранешните градоначалници на Скопје, меѓу новинари, меѓу блиските. Испраќајќи не, не постетува да не заборавиме дека имаме убава професија, која не треба да ја потценуваме и лесно “продаваме”, ја допира ниската бисери на нејзиниот врат, семејно наследство, потенцирајќи дека најважната работа е всушност, да се сака животот. Самиот живот.

Создавање на охридски бисер

Според кажувањето на Царева Трпеноска, надалеку прочуениот охридски бисер, се произведува многу едноставно. Од лушпата на плашицата, што живее само во Охридското и Бајкалксото езеро, се прави емулзија, со која се премачкуваат зрнцата, кои пак се изработени од седефот на школка.

Рекламни трикови


Таткото на нашата соговорничка, Михаил Талев бил познат и ценет охридски трговец (подоцна, директор на “Исхрана”), кој прв го промовирал локалниот бисер надвор од Македонија. За таа цел, како што раскажува неговата ќерка, кога бил во Врњачка Бања, им предложил на три тамошни угледни дами да им подари по една ниска бисери, но притоа ги замолил за мала, против услуга.
“Тој им рекол дека ‘условот’ е накитот да го носат на нивните вратови три вечери по ред. Ете, така, татко ми ја рашири трговијата и во Србија. Беше навистина многу вешт”, вели Трпеноска.

Потеклото на името

“Ќерката на Димитар Миладинов се викала Василка. Меќутоа, бидејќи тој сфатил дека грчкото влијание меѓу нашиот народ е веќе преголемо, решил да го ‘преведе’ во Царева, тоа што впрочем, и значи зборот. Така, моето име е ‘измислено’ од Миладинов, а денес нели, ги има и двете негови варијанти.”

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2009 година

Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *