Сутерен.мк

Што до бога сакаат мажите!?

Веќе неколку години сум оженет со амбициозна, убава, средена и културна жена со која имам и едно дете. Сите ја сакаат, духовита е (и бучна), знае да разговара и има голем круг на пријатели, секогаш е (сака да е) во центарот на вниманието. Се грижи и за домот и за детето и за мене, но имам чувство дека не е баш присутна во нашиот живот. Имено, постојано и се случуваат настани, состаноци, ангажмани тогаш кога би требало да е најмногу со семејството. Кога пробувам да разговарам со неа за тоа, ми вели дека ја притискам и барам премногу, а јас само сакам да е повеќе со нас, дома…

Стефан Ј., Скопје

Стефане, дарлинг, човек не се жени само со амбалажата туку и со внатре спакуваното. Барем, така би требало иако, ние полесно посегнуваме по она „1 + 1“, мислејќи дека нешто добиваме бесплатно. А бесплатно – нема ништо на светов. Сега за сега, а ниту во догледните илјада години. Сите ние (чест на дибеците од двата пола) се воодушевуваме на луѓето со дух.

Тоа ги подразбира оние кои го живеат животот, не плашејќи се од него: менувајќи го, смеејќи му се, радувајќи му се… Го прифаќаат (таквите најмногу го прават, всушност) без оптеретувања со безначајни ситници што само одземаат од виталната енергија. Тоа се оние, кои знаат што сакаат. Од себе, но и од другите. Сега и се. Таков е обично, тајмингот…

Вие пак, Стефане, ми се чини дека сте од оние што се понадевале дека ќе добиете еден плус еден. Бесплатно. Демек, репрезентативна дама за пред вашите роднини, пријатели, бизнис партнери, но и некој што постојано ќе ве држи за рака. Ме потсетувате на свекрвата на една моја пријателка која буквално, вака изјави за својата снаа: „ А бе, супер е! Сите ја почитуваат, куќата и е спастрена, децата воспитани, заработува, ама ајвар не знае да направи!? Како не и е срам јас да и правам!?“

Другарка ми, следната година си купи ајвар. Беше подобар од тој на мајката на нејзиниот маж. Искрено, не знам дали да ви честитам што сте ќариле една таква жена или пак, да ве сожалувам што маркетиншки сте се излажале!? Впрочем, прашајте се дали би ви било помило при вечерата да слушате постојано за комодата/ лустерот што неизоставно мора да го купите или за успесите на вашата прекрасна сопруга!?

Секако, тоа знае да биде напорно особено, по суетата, но наградата како и да е – тука е.

Исклучителните луѓе, бараат/подразбираат соодветни партнери. Спротивното на тоа се именува како – несреќа. За да не бидете вие и понатаму несреќен, најдобро е да си купите фикус. Ќе го ставите во некој ќош, можете со часови да му зборувате, а тој да не каже ни збор, бара малку вода и ќе ви го оддаде соодветното признание – сите што ќе го видат ќе ви честитаат. На растението…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *