Сутерен.мк

Ѕвездан Георгиевски: Напредокот на отстранувањето

Повозрасните веројатно се сеќаваат на часовите по марксизам во средното образование. Една од тие „библиски“ лекции што мораше да се знае на памет беше корелативниот однос меѓу производните сили и производните односи. Односно дека на одреден степен на развојот на производните сили нужно се менуваат и производните односи и поминуваат на повисоко општествено ниво.

Можеби од денешна гледна точка, оваа дефиниција делува премногу догматски и упростено, но суштината беше во тоа дека со технолошкиот развој, нужно се менуваат и општествените односи. Она што тогашниот средношколец, а сегашен автор на овие редови не можеше да си го објасни (а богами не можеа ни неговите подеднакво догматски насочени професори) беше: зошто некој би го финансирал и овозможувал технолошкиот развој, ако со тоа нужно ја губи власта? И дали производните сили се поразвиени во една Шведска (и тогаш слушавме бајки за скандинавските социјални држави) има поразвиени производни сили од тогашна Југославија, односно која од овие земји ќе го дофати побрзо новиот општествен поредок (комунизмот, на пример)?

Се разбира, требаше да поминат сериозни години, исполнети со искуство како потрошувач на технолошкиот напредок, па да се сфати поврзаноста на општеството со она што го нарекуваме технолошки процес. Во суштина, денес е јасно дека големите технолошки пронајдоци не се појавуваат за да го олеснат животот на Консументите, туку за да ги намалат трошоците на производството.

Мислите ли дека компанијата „Сони“, на пример, го исфрли вокменот на пазарот за да ја смени комплетната филозофија на слушање музика (слушање на улица)? Не, туку затоа што некој се сети дека од касетофонот можат да се исфрлат појачувачот и звучниците. И, ете ви – вокмен! На сличен начин е добиен мобилниот телефон. Па потоа во него се ставани калкулатори, фото-апарати, дигитрони, радија… Лаптопот не е направен за да го шета гордиот сопственик низ град, туку за да се ослободи компјутерот од вишокот делови. Конечно, тоа е општ тренд: ако сакате, и алгебрата не е ништо друго туку аритметика, ослободена од вишокот цифри. Драстичен пример е бинарниот систем, врз кој се базира севкупната информатичка и дигитална технологија. На крајот на краиштата, бонвиваните ја знаат тајната на сувото мартини, брилијантниот принцип што ви го разубавува животот – а тоа е изоставањето на мартини!

Парадоксот е во тоа дека барем 70 проценти од новите изуми не се обмислени онака како што обичниот човек замислува – со некоја визија за промена на светот, туку со согледување на фактот дека нешто старо не чини и дека треба да се елиминира. Една од најгенијалните замисли на човештвото е тоа дека, ако имате проблем, едноставно, можете да тргнете на страна дел од проблемот. Најголемиот дел од работите што се случуваат со интернетот, на пример, се токму тоа – изоставање на проблемите. Еден од тие проблеми е, на пример, локацијата односно дистанцата, која интернетот едноставно ја трга на страна. Или начинот на купување. Не излегувате нзадвор, не трошите време, не се грижите за транспорт, за паркирање и за илјада други ситни работи што ви го загорчуваат животот.

Со други зборови, намалувањето е клучниот фактор на развитокот. Нека не ве залажуваат сите оние хај-тек приказни по весниците и магазините. „Ксерокс“ не произведува машини за фотокопирање, туку кетриџи за тонери. „Фолцваген“ не произведува автомобили, туку резервни делови. Автомобилите и фотокопирите служат само како медиум за продажба на основните производи.
Знаете ли кој е најголемиот пронајдок во човештвото (по откривањето на тркалото, се разбира)? Па – жилетот! Жилетот е првиот производ што се фрла по употребата. Натаму е историја. Целата индустрија се престројува на – фрлање! Па, така, сега имате марамчиња, чаши, чинии, облеки, кондури, фото-апарати, па дури и автомобили што се фрлаат по нивната употреба. Што ова точно значи производните односи, што би рекол Маркс, е речиси невозможно да се замисли.

Филозофијата „употреби па фрли“, на пример, доведува до сериозен развој на индустријата на полимерите (пластиката и слични производи), што потоа, пак, доведува до сериозно загадување на околината, а ова пак ја претвора екологијата во сериозна индустриска гранка од која моментално живеат околу десет проценти од работоспособното население на планетата земја, а посредно многу повеќе. Дали со тоа ќе запре развојот на пластичната индустрија? Нема, се разбира. Бидејќи, ако таа не постои, тогаш треба десет проценти од работоспособното население (посредно многу повеќе) да останат без работа. Или барем да се преквалификуваат. Тоа веќе не се индивидуални судбини, туку сериозен општествен проблем што може да доведе до тектонски пореметувања во актуелниот систем на прераспределбата на богатството.

Значи, отстранувањето на проблемите или на дел од проблемите навистина подразбира технолошки напредок, но не подразбира дека нема да се појават нови проблеми предизвикани токму од отстранувањето на старите проблеми. Ако сакаме да ја локализираме работата тогаш ќе споменеме еден од тие проблеми, кај нас познат под грдото име „технолошки вишок“, кој е можеби доволно илустративен да ја потврди марксовата теза за релацијата меѓу општествените сили и општествените односи.

Технолошкиот вишок, самиот по себе, би требало да значи вишок од технологија, само што кај нас, во нашата, на моменти, и премногу извитоперена стварност овој термин подразбира вишок на – луѓе. Кои, ете уште еден парадокс, најчесто и не остануваат без работа поради технолошкиот напредок на производниот процес, туку поради не снаоѓањето на фирмата на пазарните услови или немањето соодветна стратегија за опстанок на пазарот.

Во тој случај најчесто не се прави некаква визија за процесите што следат, туку се воочува проблемот и се отстранува дел од него – се отстрануваат луѓето. Тоа веќе не се индивидуални судбини, туку сериозен општествен проблем што може да доведе до тектонски пореметувања во актуелниот систем на прераспределбата на богатството.

За среќа или за несреќа повеќе не се изучуваат марксовите општествени теории, ама затоа ефикасноста на отстранувањето на проблемите е на мошне високо ниво. Тоа е тој технолошки напредок.

(Авторот е новинар. Фото: Владимир Плавевски)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *