„Риалити“ и „палп фикшн“ појавите стануваат се поупорни во убедувањето дека се подразбираат и дека се посакувани. Некои набрзина ги потрошија своите „15 минути“, ама бајаги од нив се покажаа со баш „добро здравје“ и успеаја да се фиксираат во домашната нова „елита“
Познатото тврдење на Енди Ворхол дека секому му следува 15 минути слава, во Македонија доживеа буквална потврда. Дупките на цедалката од лонецот „селебрити“ се толку проширени, што во него оддамна веќе не се само синовите и ќерките на богатите и угледни граѓани и на чесните родители кои имале некоја крава за продавање, за на своите поттомци да можат да им овозможат прошетка по „ред карпетот“. Леснотијата со која се станува главен актер на општествените жолти страници стана толку неподнослива, што домашниот „џетсет“ главно се состои од бербери, кројачи, ситни трговци, просечни менаџери, манекенки за кои никој не слушнал, хостеси при мангуплаците на месните заедници…
Нашата тазе медиумски описменета нација, стана просто гладна за луѓе, кои ништо важно не направиле во својот живот, но чие мислење за се и сешто стана од „цивилизациска битност“. Некои набрзина ги потрошија своите „15 минути“, ама бајаги од нив се покажаа со баш „добро здравје“ и успеаја да се фиксираат во домашната нова „елита“.
Многумина за ова вината ја префрлаат во медиумите затоа што факт е дека, како јавните гласила (особено електронските) стануваа побројни, така сите тие „риалити“ и „палп фикшн“ појави стануваа поупорни во убедувањето дека се подразбираат и дека се посакувани. Тоа што македонската „златна младина“ на купче можете да ја сретнете во три кафулиња како безделничи додека одите на Зелено пазарче се чини, не е препрека за народот вечерта да ги голта нивните „сентенци“ на безбројните ток – шоуа, што ги води некој од истото друштво.
Патувачки циркус
Марина Костова, помошник на главниот и одговорен уредник во дневниот весник „Вест“, за ваквата медиумската идиотизација, вели дека се всушност, започнало од пред 15 – тина години, кога со електронскиот бум во Македонија се отворија куп приватни тв станици и кога и новинарската и сите други професии се дилетантизираа до крајност.
„Неколку водителки на разни забавни емисии на приватни телевизии почнаа да се викаат едната со другата како гости во своите емисии. Прво сите гостуваа кај едната, а потоа сите кај другата на нејзината тв и така редум како патувачки циркус. Младите водителки, кои, без претходно новинарско искуство, беа на екраните едвај неколку месеци, толку се самобендисаа себеси, што мислеа дека тие се главната вест и тоа толку битна, што мора секоја недела да ги гледаме како меѓусебе си разменуваат мислења за се и сешто“, тврди Костова, која потенцира дека и после петнаесет години подоцна состојбата не е сменета напротив, уште е порадикална. Таа се согласува дека во државава е најлесно да се појавиш на телевизија и да ги доживееш своите пет минути слава.
„А, што би рекол Салман Ружди, во време на телевизијата, статусот на класик се стекнува за шест месеци.“ Според неа, не е најголемиот проблем тоа што секој може да се појави во медиум и да стане ѕвезда. Тоа впрочем, е во суштината на масовните медиуми – да продуцираат инстант селебрити статус. „Проблемот кај нас„ истакнува Костова, „е што масовните медиуми се единствените што ги создаваат вредностите во општеството, а продукцијата на медиумите е водена од еден и единствен интерес: брз профит! Значи, нема општествен коректив кој би понудил алтернатива во изградувањето на вредностите.“
Соговорничката на „Глобус“ вината ја наоѓа и во затвореноста на земјата, отсуството на државна стратегија за организирано поттикнување и создавање културни вредности, па така, сите самозадоволно шлапкаме во калта.
„Успехот кај нас е случаен, а не плод на фокусирана целисходна работа. Па затоа, и меѓународниот успех на Манчевски, Трпчески, Унковски, Поповски на пример, не се сфаќа како ’наш’, ни како пример за поттик. Не е проблемот што во ударните термини се прикажуваат шпански серии, Боки 13 или ’Ексклузив’, проблемот е што нема ништо подобро од тоа. Следствено, само се осудуваат овие ’производи’, а да не се понуди подобар пример е малограѓанско морализирање и воопшто, не го решава проблемот. Напротив, и тоа е дел од проблемот“ вели, Костова, напоменувајќи дека ние забораваме дека Боки 13 не случајно е популарен т.е. тој е плод на тешка, фокусирана и организирана работа и дека прашањето е зошто никој што има да понуди нешто подобро, не е подготвен на напорен труд за тоа да го постигне, кога веќе, државата не е кадарна да го стоти тоа!?
Булумента марионети
Теоретичарот на уметност и медиуми, Искра Гешоска, вели дека во ставот на Борхес, за „стварноста која ја прифаќаме толку лесно, само затоа што не постои“ е сублимно содржан описот на нашето општество и на психо – динамските механизми, кои ги ползуваме за да се избавиме од калта во која сме веќе до колена.
„Ја прифаќаме сервираната стварност на вредносни системи, на политички, статусни, културни конструкти без простор за критична толковност затоа што таа стварност е правлива, речиси непостоечка, магллива. Замислени авторитети и императиви, кои како меури од пена кога тогаш, ќе се распрснат. Ова предизвикува тага, која пак, первертира во гнев, агресија, дезориентираност и идентитетска стагнација проследена со девалвација„, коментира Гешоска.
Како клучен аспект кој е заслужен за ваквата изместена слика на стварноста и на сенишните фигури кои се „слават“ кај нас, таа ја посочува манипулацијата и банализацијата на медиумската култура. „Без ронка одговорност, создавачите на медиумскиот пејсаж практикуваат своевиден инженеринг на општествената моќ создавајќи ’нови’ елити, лишени од етички и политички вредности, без стил и вкус, и со недостиг на рационално промислување. Имаме стварност што не постои, а во која симулираме псевдо – општествени кодови и норми, пресликувајќи (не) познати и далечни модели, кои потоа мутираат во чудовишни естетски, образовни, политички системи, кои како крлежи ни го вшмукуваат идентитетот.“
Според неа, кога ќе се погледне транзициски наталоженото богатство кај извесни случајни минувачи низ дупките на општествениот систем и кога ќе забележиме како се создаваат новите елити, може да се заклучи дека станува збор за политичко прашање. „Елитите, во ова пролонгирано транзициско доба, се создаваат со насилно практикување моќ, која преку медиумската квази – култура нашите старо – нови политичарчиња, купи – продај бизнисменчиња и булументата од марионети што ги следи, ја промовираат во нова, световна религија, доста заводлива и лукава. Моќта би требало да биде етичка и естетска категорија, но за жал, таа се поврзува исклучиво со популизам и пари, кои се во сферата на сопствениот интерес“, тврди нашата соговорничка, која смета дека е време за преиспитување на постоечките наративи, историски, уметнички, културни и политички и дека во недостиг на критичка визија не демне опасноста да се удавиме во лажниот сјај на уште полажната новосоздадена буржоазија.
„Во добава и просторов што треба да го прифатиме како свој дом, како договорена, спогодбена општествена динамика имаме отповеќе дилеми, шизифрени ’графикони’ на она што ни е наметнато, потребно, нужно, грдо, убаво, успокојувачко, вознемирувачко. Со кои ли техники да се преживее во новата осама на мултиплицираните, лажни општествени, колективни и лични идентитети?“ прашува, Гешоска.
Силиконизиран патриотизам
За медиумскиот шунд и локалните „повеќебојни теписи“ дебати се водат и во блогосферата. Блогерката Ирена Цветковиќ (Фемгерила) за нашиот магазин изјавува дека модерните општества многу повеќе се восхитени од процесите на продукција отколку од готовиот продукт, па така, во вакви услови, животот е презентиран во вид на една огромна акумулација од спектакли.
„И самиот интерес за овој феномен на инстант џетсетирање повторно навлегува во теренот на спектаклот. Всушност, оваа појава би требало веднаш да го припишеме на визуелната илузија која пролиферира од масовните медиуми. Засебните светогледи се врзуваат во сојуз кој реферира на еден посебен псевдо – свет кој можеме да го спознаеме единствено визуелно.“
Таа вели дека овој феномен укажува на светоглед кој е веќе материјализиран, кој е претворен во реалност и објективност и дека тој може да се препознае и надвор од конкретни манифестации – забава, адвертајзинг, политика, новинарство, естрада – во еден доминантен модел на живот. Според Цветковиќ, најпарадигматичен пример е Парис Хилтон, девојката која ја создаде професијата – да се биде славен. „Ниту е пејачка, ниту манекенка, ниту актерка или е сето тоа кога ќе посака. Исто како што ниту Боки е пејач, ниту Жаре бербер, ниту Хунзите наши предци, а тоа стануваат кога ќе посакаат / посакаме. Спектаклот е капитал акумулиран до точката во која се претвора во слика. Светот во вид на фантом кој спектаклот го прави и одджува видлив, за францускиот теоретичар Гај Деборд е светот на потрошувачката стока, кој доминира со сето животно искуство.“
Блогерката признава дека парадоксите, ирониите на поп културата се навистина заводлливи. Нагласувајќи дека во нашето општество денес многу вулгарно е забележлива, во национален контекст, една паника од загрозеност и несигурност на македонскиот национален идентитет, таа посочува дека македонската стратегија за инстант џетсетирање циркулира околу оваа конкретна тема. „Во таков контекст мошне е разбирлива загриженоста за македонската нација со цел продавање на огромни количини зачин Тузот. Естрадните ѕвезди својот дијалог со масата и медиумите не го градат веќе низ стандардизираниот пат на интерес за силиконските гради туку, низ силиконизирање на патриотизмот, историјата и национализмот“ тврди, Цветковиќ.
Мите Кузевски, основач на центарот за нови медиуми:
- Потребата да се биде славен воопшто не е спорна. Славата носи одредени поволности. Оние кои што ги ползуваат тие поволности си создаваат чувство на поседување моќ. Потрагата по моќ е оној порив кој ги тера луѓето да бараат начини да станат славни. Во општество каде што, ако те нема на телевизија или во некој магазин тогаш не си значаен, трката за да се биде славен добива на интензитет. Ако на телевизиите најпопуларни се “тоук шоута” каде што озборувањето, малограѓанштината, кичот и навредите се централни теми на разговор тогаш нормално е и оние кој се појавуваат во тие шоуа да ги поседуваат тие „квалитети”. Затоа имаме лица кои преку ноќ стануваат славни. За да бидат дел од телевизиските шоуа или жолтиот печат не треба да имаат направено нешто вредно зад себе, треба да знаат да озборуваат. Патот да се постигне такво нешто може да биде како резултат на познаства или популарно наречени врски. Тој што има емисија на ТВ ти е другар и кај него во емисија ќе се сврти цело друштво. Нормално можеш и да си платиш и да бидеш кул тип/типка во некој прилог на тв шоута. Меѓутоа, сето ова нема да биде возможно доколку нема потреба од таков профил на луѓе и затоа не може да се обвинат берберите, кројачите, ситните менаџери итн. затоа што се славни. Со случајов побарувачката раѓа понуда. Медиумите се оние кои ги создаваат инстант ѕвездите, инстант експерти кои имаат мислење за се. Така може да се видат и да се прочитаат модни критичари кои своите критики ги засноваат на тоа што некогаш во животот го посетиле Милано на ден два, политички аналитичари кои своите ставови ги поддржуваат со реченицата „јас мислам дека…”, а не со истражување и факти. Можеби, треба да се изгради државна стратегија!? Мислев дека шундот кој што го гледавме на ТВ станиците во околните земји ја прескокна Македонија, но очигледно и тука само сме задоцниле како што доцниме скоро во сите процеси. Немам некоја паметна идеја како може да се справиме со шундот. Не сум ни убеден дека треба да се справуваме со шундот. Секој има право да го консумира или не. Ако не сакаш да го гледаш не оди на местат каде што се случува.
Проф. д-р. Сузана Милевска, историчар на уметност и аналитичар на стиловите:
- Очигледно е дека културата на славните е во тесна врска со медиумите. “Лицето на славата” се менувало паралелно со развојот на медиумите сè до моментот кога бил овозможен конечниот прекин на врската меѓу претставата и нејзиниот референт што го живееме во овој момент. И прашањата поставени во оваа дебата се резултат токму на тој прекин меѓу означувачот и означеното, на јазот меѓу сликата и она што таа би требало да го претставува. Ваквиот прекин настана со помош на развојот на индустријата на печатот, фотографијата и другите медиуми на мултипликација и бескрајното копирање. Сепак, дозволете да прашам, ако токму во тоа се состои дефиницијата на денешната експлозија на културата на пролиферацијата на сликите, токму во тој недостиг на релација меѓу видливата претстава и невидливиот референт, не е ли парадоксално очекувањето дека е потребна некоја конкретна каузална врска меѓу славата и достигнувањата на персоната што е славна? Овде морам да нагласам дека ни во еден момент не би настапила во одбрана на површноста на славните и на сите привилегии кои доаѓаат заедно со славата, што е претпоставувам и една од мотивациите за оваа дебата. Само сакам да укажам дека прашањето за феноменот на славните не може да биде одговорено само со осудата на нашите медиуми кои ги потпомагаат и потхрануваат барањата за уште повеќе имиџи, па така придонесуваат кон постоењето на се помалку адекватни референти на кои би се однесувале тие имиџи.
Секојдневно сме сведоци и на секојдневната хајка за референти, за некое облагородување и оправдување на сопствената слава што ја надминува површноста на сопствената егзистенција. Оваа хајка е отелотворена во праксата на усвојување беспомошни и сиромашни дечиња, донирање цркви, и други добротворни прилози кои кога-тогаш завршуваат во цилиндерот на господинот капиталист.
На крајот сакам да нагласам уште и дека проблемот на празникавоста на културата на славните воопшто не е локален феномен туку всушност е една од главните компоненти на глобализацијата на пазарите и похлепата на неолибералниот капитализам – всушност канибализам на лица и претстави. Сте се запрашале ли од каде произлезе неверојатната брзина со која се разви нашата “експозитура” на културата на славните, колку и комична и сиромашна да е таа. Не дојде ли до тој вртоглав развој токму со либерализацијата на дистрибуцијата и пазарот на информациите, поточно со приватизацијата на медиумите? Од друга страна, рекламата – поткрепа на еден производ од страна на славните личности (целебритѕ ендорсемент) уште повеќе ја нагласуваат врската меѓу неолибералното производство на вишок на фелерични визуелни знаци и континуираната потреба од фелеричните славни личности. Токму затоа беспредметни се прашањата од типот “како е можно….” бидејќи во културата и светот на славните, како и во рекламата, не само што “сè е можно” туку сите механизми и структурни схеми на овој вид на (пот)култура се во функција на вртоглавото уживање во произволноста на ново воспоставените врски меѓу дотогаш неповрзливите псеудо-богови со нивните псеудо-икони. Добредојдовте во реалното шоу на големиот “забавувач, хуманитарец, и мој драг пријател веќе 25 години”, познатиот “ескаполог” од лудачката кошула на знаците – Бордијар.
Јагода Михајловска Георгиева, писател и новинар:
- Нема да споменувам имиња, премногу ги има, а ако испуштам некого, може да се навреди, оти “славните” се многу суетни. Но, и нема потреба, ионака сите ги познаваат, бидејки се “славни” . Како им успеало да се пробијат и да стигнат до шарените страни и насловните на весниците, на тв и радио програмите? Тие си знаат. А, зошто уредниците и новинарите им ги отвораат вратите? Тие си знаат. А, зошто читателите и гледачите се хранат со нивните животни стории? Исто така, тие си знаат.
И сега? Во што всушност е проблемот? Дали во тоа “кој прв почна м…м…е…”, или кој прв ќе заврши? Ако фатам да му ја мислам, ни крај, ни почеток не ќе се види, а и не верувам во чудотворни рецепти од типот “како да му се застане на патот на…тоа и тоа зло…” . Ама што има да им се застанува на “славните”? Нека си врват по нивните ѕвездени патеки, нивна работа. Нашата си е наша. Секој својата.
Јас, на пример, си имам развиено прилично ефикасна тактика за одбрана и заштита. Се состои од две главни подваријанти, во зависност од тоа дали сум на работното место, или дома.
Како уредник на Забавната програма на Телма, “четири очи” отворам да не ми се промолкне некој од таквите “славни” на мала врата, оти преку големата нема шанса да влезе. Дома, пак, како обичен гледач ептен ми е лесно. Непоканети гости не примам. А, кога читам весници, ако ми падне пред очи наслов од оние, “Најмногу јадам сарми и пача”, му велам на тој што јаде, е, баш ме ми е гајле што јадеш!…и си го вртам другиот лист. На некоја добра книга, најчесто.
Општата профанизација деновиве доби уште еден „мал“ прилог: на неколку телевизии минатата недела една од најважните вести беше дека физички е нападната водителката на неколку тв емисии, од страна на наводно, сопственичка на козметички салон, која се сомневала дека, во случајов натепаната госпоѓа, имала љубовна афера со нејзиниот сопруг. Домаќинката на ток – шоуа во изјавите по повод „несфатливиот“ настан сама себе се дефинираше како „многу славна и популарна личност…“ Се разбира, притоа заборави да спомене дека нејзината „огромна селебрити“ сепак, се протега само од Долно Дупени до Танушевци.
Бранка Д. Најдовска
„Глобус“, 2008 година