Сутерен.мк

Јазикување

Многу често употребуваме странски зборови иако, постојат со исто значење и македонски кои притоа, сосема добро звучат. Останува само да се избере: да се звучи модерно или образувано!?

Сите знаеме дека јазиците влијаат едни на други, што најмногу се забележува кога ќе отворите некој речник. Македонскиот, како и останатите изобилува со зборови од турскиот, грчкиот, рускиот, италијанскиот или некој друг јазик. Многу ретко тие се превземени во оригиналниот облик, но сепак, потсетуваат на терминот од кој потекнуваат. Прашањето е кога е оправдано тие да се употребуваат? Одговорот е едноставен: само кога во нашиот јазик не постои израз за нешто да именуваме или објасниме!
Често се слуша како некој има „кежуал лук“, дека некои другари направиле „дил“ и отишле во „грил“ ресторан, затоа што сакаат „фаст фуд“, а потоа да купат „фенси“ патики од одличен „бренд“, на попуст кај „дилерот“, бидејќи вечер ќе одат на „парти“, а тој „хепенинг“ не можат да го пропуштат. Некој има добар „филинг“, а некој е „даун“, но сите се надеваат на „хепиенд“. Доколку пак и покрај се, се случат непријатности, тие знаат да ги „искулираат“.

Кога го читаме претходниот пасус, во дилема сме на кој јазик е пишуван!? Оваа чудна мешавина денес, се почесто се слуша на улица. Можеби ваквото зборување е хит, но многу поправилно е, ако се каже дека некој е облечен „лежерно“, а дека другарите се „договориле“ да одат на „скара“, бидејќи сакаат да јадат „брза храна“. Купиле „модерни“ патики, кои се од одлична „марка“, на попуст кај „препродавачот“. Вечерта ќе одат на „забава“, бидејќи не пропуштаат такви „настани“. Некој е „добро расположен“, а некој „нерасположен“, но сите се надеваат на „среќен крај“. А на непријатностите не треба да се „обрнува внимание“. Не ви се чини дека вака звучи подобро!?

Чао, слуга покорен!

Знаете ли дека зборот „чао“ потекнува од италијанскиот жаргон односно, од венецијанскиот дијалект и се изговарал при разделба, а значи „слуга покорен“!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *