Во 2003 година Роман Абрамовиќ наеднаш ги купи Челзи, петтата (Пелорус) и шесттата (Ле Гранд Блеу) најголема јахта на светот. Истата година една американската новинска агенција алармираше дека „Богатите Руси трошат како да нема утре“. Поведението на рускиот тајкун беше опсцено. Затоа што тој го правеше видливо претераното уживање. Тоа беше удар за американската контрола, не контрола врз богатството, туку поважно – контрола врз уживањето.
Луѓето инстинктивно знаат дека нивните уживања се контролирани. Затоа своите задоволства ги трошат во тајност. Што значи дека цело време лажат. Богатите лажат дека се сиромашни. Сиромашните лажат дека се богати. Чедните лажат дека се разблудни. А блудните лажат дека се чедни. И генерално сите луѓе се обидуваат да цупкаат околу невидливата линија на културно дозволеното уживање. Зошто го прават тоа? Одговорот е прост. За да го избегнат страдањето од инквизицијата на „недозволеното уживање“.
Уживањето е најинтимна категорија. И ми припаѓа мене. Уште повеќе, бидејќи ми припаѓа, уживањето наместо да се покажува, треба да се крие. Ова го знаеме од секојдневните искуства. Ако го прашате својот сосед како е, дури и да е добар, ќе се чувствува задолжен да се жали.
Има еден виц за две охридски баби кои се среќаваат на улица. Нивната редовна поплака им станала здодевна и на нив самите. Па најновиот разговор сега оди вака:
– Шо прајш?
– Шо да прам?
– Шо ќе прајш…
Претпоставената жалопојка виси над секој разговор. Таа жалопојка е тампон со кој се штитиме од културата. Како си? Тапа. Супер, и јас. Може да продолжиме да уживаме во нашите најинтимни задоволства и перверзии, безбедни едни од други…
Освен премногу, и премалку е закана. Овој феномен смета со реверзибилниот однос на работата и задоволството. Човекот кој не може спонтано да ужива, кој трупа пари и својата фантомската заработувачка не ја троши на ништо, перверзно влече задоволство од самото одрекување од задоволството. Во овие луѓе еднакво успешно го инвестираме нашиот садистички фантазам дека тие се екипираат за да ни украдат некакво задоволство што нам ни припаѓа. Во Гулаг и со нив! И тие се закана.
Но, да не бидеме наивни. Тој што го диктира уживањето, го диктира светот. Денешната култура лиферува една јасна фраза: „Уживај“! Не случајно, тоа беше еден од последните слогани на Кока Кола. Ќе апстинираш, кога ќе ти кажеме.
Кока Кола е историја на светските диктати околу уживањето. Неколку примери.
Во 1985 слоганот на Кока Кола беше „Вистинскиот избор на Америка“.
Во јануари таа година Реган се заколна на втор претседателски мандат. Подоцна се прослави како човек што го сруши комунизмот.
Во 1987 „Не можеш да го победиш чувството“.
Во јуни таа година Реган го предизвика Горбачов да го сруши Берлинскиот ѕид.
Во 1989 „Не можеш да го победиш Вистинското Нешто“.
Во ноември таа година падна Берлинскиот ѕид.
Во 1993 „Секогаш Кока Кола“.
Веќе не постоеше непријател.
Од 2000 година слоганот најтранспарентно се претвори во: „Уживај“.
Варијантите што следеа беа слични. „Животот има вкус на Добро“ (2001), „Вистинско Нешто“ (2003), „Направи го Вистинско“ (2005) и од 2006 „Кока Кола страна на животот“.
Кога културата преку своите истурени раце лиферува пораки за уживање, тоа е сигурен знак дека живееме во обновена инквизиција. Се’ додека културата ти вели „Уживај!“, таа парадоксално со сигурна рака го контролира твоето уживање. Да не претераш ниту во премногу, но ниту во премалку.
Во коренот на оваа порака, сепак лежат прастарите доктрини за дозволеното уживање. Во една постара лектира, „Пеколот“ на Данте, може да не’ разонодат разни перверзни казни што средновековниот човек им ги наменил на оние што уживале без мерка. Во 4-тиот круг од „Пеколот“ се опишани страдањата на скржавите и расипниците. Тие се осудени вечно да трчаат во круг, организирани во двојки. Од лево кон десно трчаат скржавите, а обратно расипниците. Кога ќе се сретнат, взаемно се обвинуваат. Скржавиот му се лути на расипникот затоа што троши без контрола, а расипникот го презира животниот стил на постојано стискање и зашпарување.
Средновековниот човек, гледаме, бил против претерувањето. Неговата етика е преземена од Аристотел. Тој велел дека во земните работи човек треба да ја најде средината. Формулата за среќа на Аристотел гласи: златна средина. Ништо премногу и ништо премалку. Таа етика е вкоренета во нашата цивилизација.
А сепак. Етиката за „златна средина“ содржи сосема апсурдно барање. Кога се наоѓам во чиста угода, етиката пропаѓа. ЗА МЕНЕ. Мерката нема врска со моето задоволство. Нема премалку и премногу во моето уживање. А кога има, тоа е сигурен знак дека им се покорувам не на моите диктати за уживање, туку на диктатите на културата. А тоа не е исто.
(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот сутерен.мк