Што ја натера актерката која себеси се смета за успешна личност да се кандидира за пратеник?
Иако, за сите овие години актерски живот (на театарската сцена е од 1960 година) има добиено голем број домашни и меѓународни награди, Јоана Поповска, по повод добивањето на наградата „Ристо Шишков“ за улогата во „Трите високи жени“ (на последното издание на истоимениот Фестивал на камерен театар во Струмица) сосема искрено ќе рече: „Наградата ја посакував и очекував зашто имавме добра претстава, добри ликови. Секогаш се има една резерва дека можеби и нема да ја добиете, но да, ја очекував.“
Во времињава пак на избори Поповска е присутна и на една поинаква (или е тоа сосема иста) сцена – политичката. Како кандидат на Социјалистичката партија на Македонија.
- Честитки за најновото признание! Како се чувствувате?
– Многу ви благодарам. Искрено да ви кажам, така возбудено, кога си го слушнав своето име при соопштувањето, не сум се чувствувала со години. Шишков ми беше драг како човек и многу го почитувам како колега и среќна сум што ја добив наградата која го носи неговото име.
- Вие сте една од најнаградуваните наши актерки. Во што е „штосот“?
– Со секоја награда некако ми се заокружуваше по еден период на работење. Нема штосеви. Има(в)м голема среќа да работам со врвни режисери од разни школи, од кои многу научив и се уште учам. Секогаш им велам на младите да одат да гледаат проби, без разлика дали учествуваат во претставата или не. Затоа што, кога ги ггледате другите како работат, најдобро се учи. Тоа е…
Кога работите со одлични режисери, со добра екипа, добар текст, имате шанса за добра улога, па така и за награда. Се разбира, тоа не значи дека колегата од мојата или од друга претстава не ја заслужува исто така. Како и секаде каде што одлучува човечкиот фактор, судот барем малку, е и пристрасен. Сакам да кажам, наградите се последица на повеќе работи.
- Од 1983 година сте во пензија, а се чини, играте повеќе од кога и да е…?
– Па да, така изгледа иако, морам да кажам дека јас и во Македонскиот народен театар не бев запоставена. Имаше празнини, но не можам да се пожалам на својот ангажман. Знаете, јас се пензионирав пред време, за да си дојдам дома, во Битола пред се, за да бидам поблиску до семејството кое многу ми значи.
Кога отидов во пензија, мислев дека ќе се смирам, ама јас сум човек кој не мирува. Театарот е една машинерија, во која кога ќе влезете, нема веќе назад. Кога дојдов овде веднаш ми беше дадена улога и сега ми е многу мило што тоа се случи. Не би можела да замислам како ќе се чувствував да не играв повеќе.
Многу ми е жал што наши врвни актерски имиња, кои се во пензија веќе не глумат. Сакаат да работат, во тоа сум сигурна, но некако се заборавени. Многу сум му благодарна на директорот на Битолскиот театар, Благоја Стефановски, кој е многу заслужен за ова што ми се случува, бидејќи е човек кого ништо друго не го интересира освен театарот и се околу и во него.
- Кој е подобар: МНТ или Битолски театар?
– На односот на МНТ кон мене не можам да му најдам ниту една забелешка. Бев почитувана и сакана исто како и овде. Не жалам дека си заминав, но ми е жал што немав повеќе можност да играм покрај тие млади, прекрасни актери кои дојдоа токму кога си одев. Ќе употребам можеби прегруб збор, но тој театар имаше една баласт, од кој не можеше да се ослободи. Како може театар да има 20 актери кои воопшто не играат?! Не дека немаа можност за тоа, повеќе мислам дека сами некако се селектираа.
Овде во Битола, сите работат. Сите пензионери живеат во театаров. Да, Битолскиот театар води многу подобра политика од МНТ.
- Што ве натера да влезете во политиката?
– Отсекогаш сум била политички ангажирана. Бев осум години пратеник во Белград, па во ЦЕ – КА… Во моето семејство политиката секогаш си имала свое место. Ми направија чест што ме предложија, што помислиле дека можам да помогнам и јас тоа го прифатив. А прифатив, затоа што тоа се мои луѓе, кои ги познавам, со кои сум работела, чии ставови и убедувања се блиски до моите.
- Обично, луѓето кои се занимаваат со политика имаат понагласена желба за моќ…
– Не, немам никакви посебни претензии. Дури не правам ништо специјално околу кандидатурата. Се оди спонтано. Луѓето кои ќе гласаат за мене, ќе гласаат како за човек, кој нема ништо лошо зад себе. Мислам дека секаде ќе се гласа така. Добро и за партијата, но пред се за личноста. За оние, за кои ќе нема коментари од типот: „Кај го најдоа овој?!“
Не се работи за желба за моќ, туку да се помогне, да се стори нешто за градот, културата, театарот… Не мора да е тоа во парламентот, човек кој сака да помогне ќе го стори тоа во секое тело, форум.
- Се сметате ли себе си за успешна жена?
– Нека не звучи како фалење, ама да, се чувствувам успешно.
- Што ве прави таква?
– За успешна жена или маж сеедно, не го сметам оној кој преку ноќ стекнал слава, пари, бизнис. За мене преку ноќ да станете „некој“ е несфатливо! Тој „некој“ за мене е никој! Само човек кој континуирано дава резултати, во било која област, кој ги наградува луѓето, се грижи за нив, им обезбедува егзистенција, радост е успешен.
Никогаш не сум била на фризер, дури и шијам (па ме зафркаваат дека се облекувам во „бутикот на Јоана“), никогаш не безделничам, никогаш не сум дремнала попладне. Моите деца веќе имаат свои семејства, но не престанувам да се грижам за нив. Мојот дом секогаш изгледа како дом. Имам пријатели, луѓе кои мислат на мене и на кои мислам.
Професијата и воопшто животот, ми пружил и ми пружа многу прекрасни работи што би сакала да им се случат на сите колеги, на сите луѓе. Тоа е она што ме прави да се чувствувам успешно.
Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1998 година