Сутерен.мк

Љубица Шутуркова: Женското “слугување” полека, но сигурно исчезнува

Таа е ќерка на еден од најизвиканите транзициски босови, идеен творец на првата приватна дерматолошко – корективна ординација кај нас, мајка и сопруга, но и професор. Со врвниот фармацевт, овде и сега, за големите искушенија, што не трпат мегаломански објаснувања

Љубица Шутуркова е еден од најмладите доктори на науки на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и припаѓа на првата група на помлади професори и е дел од тимот на основоположниците на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Своето образование го стекнала на Фармацевтските факултети во родниот град Скопје, Белград и Љубљана, а пост – докторски студии има завршено на универзитетот Колумбија, САД.

Нејзините организациски способности се потврдени преку бројни раководни функции што ги обавувала: директор на Фармацевтски институти, продекан и декан на Фармацевтскиот факултет, ја обавувала и функцијата проректор за меѓународна соработка на УКИМ, раководител е и учесник во бројни проекти за реконструкција на здравствениот систем особено, во фармацевтскиот сектор во Македонија. Основоположник е на Националниот фармакоинформативен центар за лекови, член е на бројни федерации и здруженија, а денес е и председател на Меѓународното здружение за фармако – економија и исход од терапија (ISPOR).

Ќерка на поранешниот директор на „Македонија табак“, мајка на економист кој го носи името на нејзиниот татко, сопруга на проф. Александар Анчевски, жена за која велат, точно знае што и кога сака, а тоа го прави без помпи и позерство, како што и разговараше за нашиот магазин. Отворена и спонтана, а сепак, воздржана, со коментар, „што ќе остане за мене, ако се ви кажам!?“

  • Се плашите ли од туѓите мислења, можат ли тие да Ви наштетат?

– Ни малку! Точно знам која сум и што сум, а тоа го знаат и моите најблиски. Не давам пет пари за туѓото мислење, но јас сепак, не живеам од популарност туку од работа и не гледам зошто би ми било потребно изнесување на детали од приватниот живот, кому никому не би му биле интересни? Мислам, да сум некоја позната пејачка или актерка тоа би ми донело бенифит, ама јас сум професорка, а професорите баш и не се атрактивни премногу.

  • Така е, ама ќерка сте на Данчо Шутурков?

– И многу сум горда на тоа.

  • Не Ви пречи што Вашиот татко е еден од најизвиканите личности од транзицискиот период?

– Тие контраверзи што со години се обвиткуваат околу името на мојот татко ми создаваат голема горчина. Никој не говори за економските придобивки на Република Македонија како дел од СФРЈ, но и веднаш по осамостојувањето, што се заслуга токму на Данчо Шутурков, човек патриот – кој покрај своето семејство најмногу си ја сакаше својата земја. Имајќи можности да живее надвор од државава, на многу повисоко ниво, тој избра да остане во Скопје, во Македонија Табак. Одредени политички структури користејќи ја позицијата на моќ и сила, за задоволување на лични потреби ја дискредитираат личноста на Данчо Шутурков и функцијата на еднаш многу моќната компанија – Македонија Табак.

Данчо Шутурков, синот Данчо, Љубица и Александар Анчевски
  • Каков беше приватно?

– Татко ми за мене представуваше олицетворение за алтруизам, добрина и убавина. Кон неговите девојчиња (сестра ми и јас) секогаш се однесуваше со огромна љубов и разбирање. Секогаш кога ми требаше ми беше на дофат на раката, ми влеваше сигурност и ги подржуваше сите мои идеи, дури и кога беа нереални. Веруваше во мене и ме тераше да го правам најдоброто што го знам. Кога ќе загубите некој што многу го сакате ќе треба да научите да живеете со загубата. На почетокот ме прашуваа дали сте вие ќерка на Данчо Шутурков, за подоцна да ме прашуваат проф. Шутуркова, дали Данчо ви е татко?

  • Славен татко, славен сопруг, а сепак, се чини иако, во „сенка“, успешно се справивте со светот на мажите?

– Мојот татко велеше – највеќе се сака првото дете и втората жена. Сигурноста која ја даваат големите луѓе секако дека импонира. Всушност, светот не би бил убав без мажите. Треба да ги почитувате и разбирате. Еден од условите за вистинското место и улогата на жената. Јас сум сакана ќерка, жена и мајка во светот на мажите.

Професионално за една жена е потешко да се избори во светот на жените, отколку во светот на мажите. Во професионалното опкружување важна е идејата и реализацијата со можни предвидувања за придобивките и последиците. Мажите ја ценат интуитивноста, работливоста и убавината на жените, додека во светот на жените не е секогаш така. Жените знаат да бидат малициозни.

  • Со првиот сопруг млада се омаживте, млада се разведовте. Што всушност, се случи?

– Бев вљубена во Данило Мојсов, а како резултат на таа љубов е нашиот син Данчо. Требаше да трае, но различите видувања за одредени животни прашања и мојата професионална амбициозност можеби допринесоа за тоа секој да продолжи понатаму. И двајцата учествувавме во воспитувањето и едукацијата на нашиот син, а и ден денес сме добри пријатели.

  • Долго време бевте „сама“. Денес е тоа чудно. Обично, се разведуваат за да се „вдомат“ посигурно?

– Немав, ама баш никаква потреба да остварувам заедници заради статусна позиција. Јас сама си ја изградив својата. Материјалниот порив никогаш не бил присутен во мојот живот. Не сум лакома.

  • Зошто го избравте професорот Анчевски?

– Ех, како да не избереш таков човек!? Таа негова добрина и харизма ми влеаја огромна доверба, а ние жените сакаме да имаме на кого да се потпреме. (Во емотивна смисла, секако.) Неговата љубов и внимание и целосно разбирање допринесоа да имаме заеднички дом. Тој веќе 15 години е дел и од нашиот заедничкиот живот со Данчо.

  • Што прави синот? Ја слуша ли мама или си тера по свој пат?

– Изборот на професијата на Данчо покажува дека си тера само свој пат. Среќна сум што своето образование го стекна во Лондон и Прага, во областа на економијата. Сакам син ми да биде поамбициозен, но и тој како сите во неговата генерација – мора постојано да го потсетуваш. Меѓутоа, како и повеќето родители, неговата лична и професионална среќа, ме исполнуваат во целост. Кога тој се радува и јас сум радосна. Нема друго.

  • Важно ли е да се има ќерка или син?

– Тоа се стереотипи. Фолклор. Сметам дека за да бидеш целосна личност треба да почуствуваш мајчинство, без разлика дали на машко или женско дете. Сеедно дали си биолошки или родител – старател. Детето е на оној што го чува. Родителството е благородно зашто некому друг даваш првенство, некој друг е над се, а не знаеш и не ни размислуваш какви ќе бидат последиците од таа често, безрезервна љубов. Во тоа и е целата убавина да се биде мајка, родител. Непроценливо чувство и, необјасниво.

Професорката Шутуркова со британскиот принц Ендрју
  • Денес многу важност се дава некако на самоувереноста. Според Вас, што ја креира?

– Отсекогаш тоа прашање постоеше, само поинаку го нарекуваа. Сеедно на трендовските текови, некои работи се вечно релевантни. Пред се, да не си надмен над туѓата мака . Меѓу рамноправни се гради имиџот, а не да покажуваш сила пред беспомошни. Сакам да кажам, има поле за натпревар за секого, ама треба да се обезбедат услови за фер борба. А нив, да не заборавиме, ги обезбедуваат менаџерите, учителите, родителите, партнерите… Така се проаѓа низ процесот на емоционалната зрелост, до самоувереност. Таа сепак, се учи. Самоувереното однесување не значи и агресивно однесување. Ни надменост, а најмалку потценувачко однесување кон тој до тебе. Сигурните луѓе во себе ги остваруваат своите цели без притоа да жртвуваат премногу „невини“.

  • Што правиме со балканските жени, кои постојано се жртвуваат себе си за да задоволат некого?

– Среќна сум што полека се менува менталитетот за традиционалното место и улогата на жените. Балканската жена треба повеке да мисли на себе, на својата лична среќа за да биде подостоинствена и целосно прифатена од средината. Сеедно на која етничка групација и припаѓа, жените од овој регион како да се програмирани да „слугуваат“, без разлика колку и како работат и заработуваат. Таа „ропска психологија“ полека, но сигурно исчезнува и многу се радувам заради тоа.

Детската желба – животна определба

  • Зошто ја избравте медицината, зошто фармација?

– Кај мене беше баш онака: од детска желба до животна определба. Медицината е хумана и во исто време и општествено признаена професија. Барем, беше. Мислам дека личните карактеристики се отсликуваат најмногу во изборот на професијата. Еве, прв пат кажувам дека едно време потребата од истражувањето во естетиката мислев да ја реализирам во посветеноста на архитектурата. Меѓутоа, за среќа, фармацијата сосема ги задоволи моите пориви да се даде хумана димензија во тоа што се работи, а и да го предизвика истражувачкиот дух во мене. Накусо, среќна сум со изборот на вокацијата.

  • Поминавте голем дел од својот живот и образование во странство. Долго време сте и професорка на Фармацевтскиот факултет. Што всушност, се случи со нашето образование, за тоа денес да нема никаква важност денес и овде па и надвор?

– Студиските престои во странство ми овозможија полесно и побрзо да совладам различни професионални специфични знаења, да запознаам други луѓе, со нивните навики и култури со што станав многу потолерантна и со поголемо разбирање кон нештата. Не потценувајќи ја улогата на формалната едукација, можете да станете експерт во одредена област и да остварите значајни достигнувања и вон институциите на образованието. Неформалното образование бара многу поголем напор и интелект, додека добро организираниот систем на едукација претставува предуслов за добар професионалец. Процесот на образование во државава неминовно е дел од целокупното општествено живеење и не е надвор од силното влијание на транзицискиот период, што навистина, предолго трае.

Промените што се случија во високото образование со отварање на приватни универзитети и државни универзитети без потребните човечки ресурси – не ги оправдаа очекувањата за конкурентност и поголема ефикасност туку напротив го девалвираа високо образовниот процес. Се додека државата не одделува доволно средства за наука, не може да говориме за квалитетно високо образование.

  • Ја имате ли уште амбицијата да научите некого нешто? Всушност, како со толку силни експерти, добиваме се послаби и понеобразовани кадри?

– Заклучокот ви е пресубјективен, но веројатно е последица на општиот впечаток што од поодамна е присутен во јавноста. Како и да е, за корисни промени, такви што ќе го подобрат животот на граѓаните, потребен е соодветно подготвен терен, а тоа за жал, кај нас, не се случи.

Ги втурнаа колегите во политички мотивирани ротации без професионално оправдување толку често што тие неминовно влијаат врз на “квалитетот” и ентузијазмот на здравствените работници. Можеби личните околности допринеле, но искрено, мене предизвикот да едуцирам млади луѓе подготвени за реалноста на модерното живеење и да го внесам кај нив духот на професијата која е сепак и се уште општествено признаена, не ме напушта и понатаму и тие студенти ми се силен мотив во моето секојдневно битисување.

  • Како професор, што е она најважното, што треба еден учител да му го пренесе на ученикот?

– Личниот пример за етичките и професионални норми во работата.

  • А на своето дете?

– Детето ги копира однесувањата на оној што го чува. Практичните примери многу повеќе значат од зборовите. Мислам дека јасно сум му ги пренела моите животни ставови и сум допринела во осознавањето и созревањето на синот. Данчо е пораснат во опкружување на љубов. Тоа е најважниот услов за одгледување на дете. За се друго, може да постојат изговори, но за недостаток од љубов и разбирање – нема извинување.

Идеен творец на Ординацијата

  • Што претставува за Вас Ординацијата „Д-р Анчевски“?

– Идејата за ординацијата “Др. Анчевски” потекнува од мене. Во нашата ординација се трудиме да покажеме како треба да се практикува една специфична здравствена услуга. Сето она што недостасува на јавното здравство, го овозможуваме на современ начин со најновите дијагностички средства и протоколи. Многу сум среќна од постигнатите резултати и задоволните клиенти.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *