Хенри Кисинџер е феноменален продукт на дваесеттиот век. Тој успеа да го промени светот како ретко кој човек кој никогаш не бил избран на избори за која било функција. И денес сите сакаат да го чујат неговото мислење
Некои го глорифицираат како најголем геополитички мислител на 20. век. Други тврдат дека неговите раце се натопени со крв од многуте војни, а и државни удари, во кои тој учествуваше на овој или оној начин. Трети ја слават неговата умешност да завршат неколку крвави војни и да помогне во стабилизирањето на невралгичните региони. Четврти ја нагласуваат неговата извонредна дипломатија и разбирање на глобалните движења во светот кога успеа да го спроведе детантот во односите меѓу САД, Советскиот Сојуз и Кина.
Од сето тоа има по нешто. Некаде поголем дел, некаде помал. Едно е сосема јасно – Хенри Кисинџер, кој токму денеска (27.05) слави сто години живот, е своевидна совршена „рокенрол ѕвезда“ на глобалната политика. Нема политичар, без оглед дали е во Пекинг, Москва, Вашингтон, Брисел, Берлин, Јоханесбург… кој не сака да чуе што мисли големиот маг на политиката и стратешкото размислување. Без оглед дали тоа му се допаѓа или не, или, пак, дали во одреден момент тоа е погрешно.
Минатата недела тројца новинари на лондонски „Економист“ поминаа осум часа, во тек на два дена, во разговори со Кисинџер како глобална најава за неговите 100 години. Во ова огромно интервју од 16 000 зборови (во англискиот транскрипт) Кисинџер ја споменува Русија 55 пати, Кина 177, а Европа 50 пати. Само со овој податок можете да разберете какви се неговите размислувања за идниот однос на моќните светски сили во иднината.
Хенри Кисинџер е феноменален продукт на дваесеттиот век, човек кој го искуси и нацизмот, и Втората светска војна, и Студената војна, и виетнамската кал за Америка. Но неговата големина, без оглед дали се согласувате или не, е што Кисинџер ја допре или влијаеше практично на секоја криза со која се соочуваме денес. И што е уште поважно – успеа да го промени светот како ретко кој човек кој никогаш не бил избран на избори за која било функција.
Тој е роден во Германија, во баварскиот град Фурт, во мрачните сиромашни години по завршувањето на Првата светска војна. Неговите родители Евреи разбраа што може да се следи откако Хитлер дојде на власт, па ја напуштија Германија во 1938 година. Пет години подоцна Кисинџер стана натурализиран Американец, веднаш се вклучи во американската армија и како разузнавачки офицер учествуваше во петнеделната Битка за Ардените. По Втората светска војна, влезе на Харвард, каде што дипломираше и докторираше и почна да го трасира патот во владините структури.
Во наредната децинија тој стекна водечки авторитет во стратешката политика кај претседателите од двете главни партии. Беше дел од тимот на Двајт Ајзенхауер, на Џон Кенеди и Линдон Џонсон, за конечно гравитацијата да ја насочи кон републиканците. Па изгледаше сосема нормално кога Ричард Никсон го презеде претседателството во 1969-тата да стане негов советник за национална безбедност.
На таа функција остана во наредните шест години и за времето на Џерал Форд, кога Никсон поднесе оставка поради аферата Вотергејт. Од септемеври 1973 година, кога Никсон беше претседател, па до крајот на мандатот на Форд тој беше и државен секретар. Што значи дека две години ги извршуваше двете функции во исто време – и советник за национална безбедност и државен секретар. Самиот тој податок делува неверојатно.
„Редот“ според Бизмарк
Извонреден познавач на владеењето на железниот германски канцелар Ото фон Бизмарк (напиша и книга за него) тој беше опседнат со „редот“ во политиката. За да се стигне до тој „ред“ требаше да се преуредува светската политичка картографија. Оние лидери што му беа лојални на Вашингтон ја добиваа неговата поддршка, без оглед дали тие дошле на власт преку избори, државни удари или големо крвопролевање.
Иако Европеец, тој имаше малку разбирање за европската политика. Таа за него значеше само дополнување на американската. Позната е онаа урбана легенда во круговите на ЕУ, според која Кисинџер, наводно, рекол: „Кого да повикам ако сакам да зборувам со Европа?“. Како што подоцна откри „Фајненшел тајмс“, тој никогаш не изјавил такво нешто.
По сопствено признание, тој не успеал да го разбере растечкиот национализам од Третиот свет што ја обликуваше неговата ера, кога многу земји од Африка излегуваа од колонијалната ера. Некои американски аналитичари сега ги наведуваат неговите зборови од еден прием во јужноамериканска амбасада во 1969 година: „Не ме интересира, ниту знам нешто за јужниот дел на светот од Пиринеите надолу“.
Кога чилеански дипломат го обвинил дека не го разбира Чиле, тој одговорил: „Не, и не ми е грижа. Ништо важно не може да дојде од југот. Оската на историјата започнува во Москва, оди во Бон, преминува во Вашингтон, а потоа во Токио. Она што се случува на југот не е важно“.
Но сепак беше важно администрацијата во Вашингтон, чии стратегии ги подготвуваше тој, да го поддржи генералот Аугусто Пиноче во драматичниот државен удар во Чиле во 1973, кога беше соборен легалниот претседател Салвадор Алјенде. Или да замижи кога воената хунта во Аргентина на чело со Хорхе Видела ја собори Изабела Перон.
Неговото образложение за пучот на Пиноче беше кусо: „Не гледам зошто треба да стоиме настрана и да гледаме како една земја оди кон комунизмот поради неодговорноста на нејзиниот народ“. За него беше речиси неодговорно дека САД треба да го почитуваат изборот на другите.
Претходно, во 1971 година, Кисинџер го охрабри Пакистан да започне кампања против хинду-сепаратистите, за која американските дипломати во тоа време му рекоа дека е геноцид и „владеење на теророт“. Две години подоцна му помогна на претседателот Никсон тајно да ги бомбардира Камбоџа и Лаос. Потоа му даде зелено светло на лидерот на Индонезија за жестока кампања против сепаратистите на островот Нова Гвинеја, а беше и против независноста на Источен Тимор.
Не гледаше со разбирање на Источен Пакистан кога почна неговата војна за независност против пакистанските власти, која на крајот резултираше се новата држава и нација Бангладеш. Го надгледуваше распадот на португалската империја во Африка, и кон каде треба да тргнат независните влади на Ангола и Мозамбик, го притисна лидерот на белото малцинство во Јужна Родезија, Иан Смит, да ја предаде власта на црното мнозинство. Но до последно имаше разбирање за апартхејдот на белите луѓе во Јужна Африка.
Но она што го определи како неприкосновен глобален играч беше Виетнамската војна и патувањето на Ричард Никсон во Пекинг и разговорите со Мао Цетунг, како и релаксирањето на напнатите односи со Москва.
Долгата сенка на Виетнам
Макотрпните преговори да се постигне мир од кој било вид во Виетнам траеја четири години во Париз. Кисинџер беше тој што на 26 октомври 1972 година објави дека „мирот е при рака“, а „Њујорк тајмс“ го пренесе транскриптот од неговата прес-конференција на две цели страници од весникот. Што значеше мирот? Американската армија во наредните две години постепено се повлекуваше, а силите на Виетконг и Ханој ја презедоа земјата. Хаотичното бегство на американскиот амбасадор од Сајгон со хеликоптер остана во сеќавање не само на Американците, туку и на целиот свет.
Тогаш тоа изгледаше како силен пораз на САД. Денес тоа не е така. Виетнам се трансформира во силен бедем на капитализмот, иако под комунистичка управа, а односите меѓу двете земји како да залечија многу од раните од 1960-тите, а станаа дури и партнери.
Тајната мисија на Кисинџер во Пекинг и потоа посетата на Никсон на Кина и неговите средби со Мао Цетунг и Чу Енлај веќе се влезени со дипломатските и други легенди. Тоа беше шокантен пробив во односите меѓу двете земји. Толку многу е напишано за тоа, што нема потреба ништо да се додава.
Улогата на Кисинџер во блискоисточниот мир по војната во 1973 година е исто така одлучувачка. Во октомври 1973 година, Израел беше нападнат на Јом Кипур, најсветиот ден во еврејската година, од коалиција на арапски војски предводени од Египет и Сирија, кои на крајот беа поразени од израелските сили, кои сепак претрпеа голема цена.
Кисинџер, разбирајќи ги влоговите во однос на дипломатијата, пристапот до огромните арапски нафтени резерви, а веројатно и човечноста, започна серија дипломатски патувања, неуморно одејќи напред-назад меѓу Израел и неговите соседи во обид да се зацврсти траен мир. И неговите напори успеаја, до одреден степен.
Никогаш повеќе Израел не бил директно нападнат од некоја национална армија, иако неговите напори никогаш не резултираа со целосен мир во овој нестабилен регион. Подоцна дојде и до мировниот договор меѓу Садат и Бегин со посредство на претседателот Џими Картер. Оттогаш Израел и Египет се партнери во чувањето на мирот на Блискиот Исток, иако секој со своите интереси.
Промена на ставовите
Можеби не ги признава отворено погрешните просудувања, но Кисинџер ги менува ставовите, дури и за една тема. Како сегашната агресија на Русија и војната во Украина. Така, коментарите во интервјуто за „Економист“ дијаметрално се разликуваат од проценките што ги даде минатата година.
За време на септемвриската дискусија со американскиот Совет за надворешни односи, тој рече дека „мисли оти не е мудра американската политика да се обиде да ја вклучи Украина во НАТО“.
Тој малку го омекна тој став додека зборуваше на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, во јануари. „Пред оваа војна бев против членството на Украина во НАТО бидејќи се плашев дека тоа ќе го започне токму процесот што го видовме сега“, рече Кисинџер на форумот. „Идејата за неутрална Украина под овие услови повеќе не е значајна“.
Во интервјуто за „Економист“ тој призна дека го сменил мислењето, велејќи дека е „во чудна позиција кога луѓето велат: ‘Се предомислил, сега е за полноправно членство на Украина во НАТО’“.
Кисинџер го промени својот став и во однос на територијата на Украина. Кога зборуваше на Светскиот економски форум, тој рече дека Зеленски треба да прифати да се откаже од територија за да постигне итен мировен договор со Путин.
Сега, се чини дека чувствува оти Русија ќе се повлече од конфликот со тоа што ќе се обиде да го задржи Крим.
„Сега ја вооруживме Украина до точка каде што ќе биде најдобро вооружената земја и со најмалку стратегиски искусно лидерство во Европа. Ако војната заврши, како и што веројатно ќе биде, со Русија која ќе ги загуби териториите што ги освои, но ќе го задржи Севастопол (каде е седиштето на нејзината Црноморска флота), можеби ќе имаме незадоволна Русија, но и незадоволна Украина – со други зборови, баланс на незадоволство“, рече тој во интервјуто за „Економист“.
Што се однесува до НАТО, Кисинџер рече дека Русија исто така ќе има корист од пристапот на Украина во Алијансата. „Доколку разговарав со Путин, ќе му кажев дека и тој е побезбеден со Украина во НАТО“, рече тој.
Во едно друго интервју овој месец, за Си-Би-Ес, тој одговара на прашањето дали би бил подготвен да биде од корист доколку некој му се јави на телефон и побара совет.
Тој беше запрашан: „Ако некој од вашите помошници се јави во Пекинг и рече: ‘Д-р Кисинџер би сакал да разговара со претседателот Ши’, дали тој ќе го прифати вашиот повик?“
„Постојат добри шанси да го прифати мојот повик, да“, одговори Кисинџер.
„Постојат добри шанси да го прифати мојот повик, да“, одговори Кисинџер.
„Што е со Владимир Путин?“
„Веројатно, да.”
„Што ако американскиот претседател праша: ‘Хенри, дали ќе леташ за Москва и ќе разговараш со Путин?’“
„Би бил склон да го направам тоа, да“, рече Кисинџер. „Но, јас би бил советник, а не активна личност“.
Тоа е светот според Хенри Кисинџер.
(Авторот е новинар.)
*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk