Сутерен.мк

Абаз Јахја: Првиот нејзен во Македонија

На прв поглед, тоа е обична трска. Има шест дупки на неа, ако не се смета и онаа, од задната страна всушност, „последната дупка на свиралото”. Меѓутоа, кога таа иста, проста трска, ќе ја земе в раце вештиот човек и кога ќе дувне во неа, од тој примитивен инструмент излегува зачудувачки, медитативен звук што омајува. Обична цевка, чиј звук потекнува целосно од оној што „управува“ со неа. Шупливото парче од барското стебло се вика „неј”, а оној, кој го прави толку комплициран и воодушевувачки е всушност, нејзен т.е. свирач на неј. Што ќе рече, станува збор за дувачки инструмент, сличен на зурлата или флаутата, неодминлив во персиската, арапската и турската музика и за Абаз Јахја, првиот нејзен во Македонија и пошироко. Две несекојдневни појави во нашата култура, но од каде да се почне?
– Од нејот, се разбира – категоричен е Јахја.
Инструментот, кој велат, произведува глас најсличен на човековиот е најраспространет на Блискиот исток, но западната цивилизација е таа која прва го проучувала и го чува најстариот примерок, што потекнува од пред 2800 години п.н.е. и е дел од експонатите на музејот при Филаделфискиот универзитет во Соединетите американски држави.

– Нејот е инструмент што станува се попопуларен во светот и тоа подеднакво и во класичната музика, но и во модерните музички изрази. Тоа е една искрена „направа“, која многу непосредно, преку звукот ја пресликува емотивната состојба на тој што свири на него. „Произведената” музика директно зависи од музичарот, а не од разни перфоманси на инструментот. Сепак, тоа е само трска, нели!? – објаснува македонскиот нејзен, кој вели дека гласот на нејот е всушност, плач:
– Нејот плаче зашто се одвоил од татковината, од барата, водата и се стреми да се врати дома повторно. Човекот т.е. неговата душа, исто така не е од овој свет. Душата е произлезена од Бога и таа, за целото време на престој во човековото тело копнее само по едно – да излезе од тој „кафез” и да се врати кај својот создател.

Впрочем, нејот е клучен сегмент од духовната музика почнувајќи од 13 – от век, во времето на големиот мистик Мевљана Џелаледин Руми, а првиот нејзен бил Хамза Деде. Денес приматот во ова музицирање го држи Нијази Сајин, живата истанбулска легенда. Како што вели нашиот соговорник, ниту најголемите нејзени никогаш нема да речат дека мајсторски владеат со „магичната” трска.
– Потребни се години практика, но и по децении свирење, нема да почувствувате дека сте го совладале. Овој инструмент практично во суфизмот (исламската мистика) го симболизира човекот. Совршениот човек! Како што од стотина исечени трски, ќе останат само неколку што ќе произведуваат музика, така и од десеттици милиони луѓе има само неколкумина што се совршени – раскажува Јахја и појаснува дека за да се свири на неј потребна е голема стрпливост, неколкучасовно вежбање секој ден, со години.


– Во овој 21 – ви век, кога доминира брзината, лакомоста, претенциозноста, малкумина ќе пронајдат трпение во себе за да го запознаат инструментот, но сепак, ако човек се нафати со оваа работа, преку изучувањето ќе научи и да биде стрплив, смирен, толерантен. Нејзени имало порано на овие простори, за време на Отоманската империја, а сега еве јас, повторно ги „воведувам“ во Македонија. Во вакво лудо време, ни треба нешто да не смири, а една од можностите е и нејот.
Нашиот соговорник нагласува дека внатрешноста на нејот треба редовно да се чисти, за од него да излегува убав глас. Како што и човекот треба да се ослободи од своето его, од негативните особини, ако сака да биде добар, корисен за себе и оние што го опкружуваат. Дружбата на овој четириесетгодишен човек со несекојдневната „трска”, што трае речиси две децении му го потврдила тоа, а се започнало со неговото запишување на Теолошкиот факултет во Измир, Турција. Иако, тој пораснал слушајќи духовна музика, како исламска, така и христијанска, во родното Тетово зашто куќата му се наоѓа во близина на верски објекти, во „живо” ќе се запознае со нејот дури во Измир, кога паралелно со Факултетот ќе се запише и на локалниот Конзерваториум.
– Дотогаш, инструментот го познавав од тонски записи, но штом го видов и земав во рацете знаев дека тоа е инструментот што го сакам. Пред тоа, ме интересираше само гитарата, но не се врзав премногу за неа. Отсекогаш сум ја сакал музиката, но нејот испушта такви тонови, што просто ми продираат директно во душата.
По завршувањето на школувањето во Измир, Абаз Јахја образованието го продолжува на Универзитетот за општествени науки, на музичкиот смер, каде и ќе магистрира, а во моментов ја подготвува својата докторска дисертација на Мармара универзитетот, на тема „Влијанието на отоманската музика на Балканот”. Вработен е во Исламската верска заедница, како раководител на секторот за култура, а во меѓувреме подучува и неколку ученици кои имаат желба да свират на неј, меѓу кои и неговиот единаесетгодишен син. Тој всушност, професионално се занимава со музика, а со својата група „Семазен” ( покрај него, составена и од инструменталисти на канон, тамбура, дефови, виолина и ут) одржуваат концерти, одат на фестивали, разни манифестации, промоции, низ Македонија, но и во Италија, Швајцарија, Хрватска, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција… Гостувал(е) и во загребската балетска претстава „Данс макабре”, во филмот „Тајната книга”, соработувале со Тони Китановски, Сашо Гигов Гиш.

– Не музицираме при верски ритуали и слични церемонии. Нашите настапи се речиси исклучиво врзани за културни настани и музички натпревари. Луѓето покажуваа голем интерес за нејот и чудење, што толку прост инструмент може да произведе толку убава музика. Меѓутоа, како што веќе реков, се зависи од човекот. Би сакал што повеќе овој инструмент да се популаризира во нашава земја зашто, навистина облагородува. Колку повеќе вакви музичари, толку повеќе благородни луѓе – тврди единствениот нејзен во Македонија, кој се надева дека нема долго да биде осамен во друштвото од нејзени.

Барска трска за инструмент

Дувачкиот инструмент неј (или нај, што на персиски значи трска) се изработува од стеблото на трска, што обично расте покрај Средоземното и Егејското море, некои места во Франција, но и во нашиот Дојран. Една до две години трската се суши, а потоа, со специјална жица се чисти внатрешноста на стеблото и се мерат димензиите по кои ќе биде изработен, а од кои директно зависи во кој акорд ќе биде инструментот. Тој ги поседува звуците до – ре – ми – фа – диез – сол – ла – си – до, а низ историскиот развој трпел неколку системски промени, но во суштина и денес е прилично примитивен. На почетокот, ученикот, кој има намера да стане нејзен, учи кај мајстор, а оние што сакаат тоа да им биде професија, како кај соговорникот на „Теа модерна“, треба да се запишат на специјален конзерваториум (класични академии на Блискиот исток), каде се негува сосема различен образовен систем од европскиот.
Композициите што се изведуваат на неј обично се инструментални иако, ги има и со текстуална поддршка. Постојат многу нотни записи за овој инструмент, кој низ вековите бил инспирација за бројни композитори.

Бранка Доневска Најдовска
„Теа модерна“, 2010 година.
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *