Сутерен.мк

Аман, приберете се!

Сите оние експерименти, вкрстувања, калемења со животните повторно на човекот му се удрија од глава. Фауната (поконкретно, шимпанзото) не „отпоздрави“ со вирус кој хара меѓу луѓето прилично непребирливо: ни по возраст, ни по пол, ни по сексуална определеност, ни по раса, социјален статус, образование… Лек нема. Има само превентива, а таа е – да го употребам моментно најфреквентниот збор во чаршиските муабети – еквидистанца!
Ама тебе не ти е гајле! Тебе ништо нема да ти се случи. Ниту на твоите блиски. Бидејќи имаш „црно на бело“ дека ќе живееш вечно, а и редовно одиш в црква, нели!? И затоа ќе го живееш животот како да ти е последниот ден од него. Фаталистички! Авантуристички! Индијана Џонс во време на светска вироза! Поинаку, страшно е здодевно.
Да. Животот не само што е непростливо монотона појава, туку е и мачна, комплицирана состојба. Одговорности од најбанален вид: треба да одбереш друштво, кошаркарски тим, омилена боја, предмети на училиште, факултет, кафуле, професија, автомобил… Да избереш девојка, момче, пијалак, телевизија, музика, куче, весник… Да избереш животен сопатник, машина за перење, плакар, постелнина, соседи, подароци, фризура…
Животот е репризна работа. Шаблонизирана до бесвест. А ти сакаш возбуда, оригиналност, штос. Сакаш да си поинаков, со сопствен концепт на секојдневието. Животот не дава одговори, само ги навестува, а тоа е по малку перверзно, нели?!Ти не сакаш перверзии, ти ја сакаш вистината. Ти ја знаеш изреката дека „љубопитноста ја уби мачката“, но ти играш на црвено. Затоа што коцкањето со сопствениот живот (а со тоа и со на другите) е подобро од јадење на сладолед со раце, десет оргазми одеднаш, стоење гол на летен дожд… Тоа е таа неподнослива леснотија на постоењето.


Еден ден, нема да те мачат баналности, нема никој ништо да бара од тебе. Еден ден, нема да ти биде важно какви луѓе поминуваат по улица, кое годишно време е. Еден ден, нема да ти биде гајле за кого се омажила сестра ти, каква жена одбрал брат ти, што има дома за ручек, кој е новиот ЦД на „Ролингстоунси“. Еден ден, нема да ти биде ни студено, ни топло. Еден ден, нема да се секираш со кого ќе ја поминеш Новата година, што значеше погледот на оние темни, крупни очи. Еден ден, ниту ќе се смееш, ниту ќе плачеш и нема да можеш да играш лото.
И никогаш нема да дознаеш, какви би биле твоите деца. Ниту, дали Македонија ќе биде светски првак во ракомет. Ниту, дали некогаш Којотот ќе ја фати Брзата птица итрица. Ниту, дали ќе сретнеш некој, кој ќе те прегрне и само ќе рече: „Не грижи се. Јас сум тука.“ Еден ден ти ќе бидеш само темна, длабока, празнина.
Аман, приберете се!
Ако не заради себе си, тогаш поради вашите најблиски. Толку белким, ви фаќа црпката за да знаете дека не боли ништо повеќе од предавство на најсаканите. Затоа што сте ги осудиле на живот без вас. На бескрајни денови преполни несреќа…


Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1999 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *