Претседателскиот автомобил Cadillac One, кој уште го нарекуваат и „Ѕвер“, според своите карактеристики претставува некој вид бункер на четири тркала. Автомобилот е отпорен на евентуален биохемиски напад, оган и мини, благодарение на блиндираниот оклоп со дебелина од 13 сантиметри. Тежок е осум и пол тони, и направен е така што не може да се преврти во случај на судар.
Cadillac One е опремен со специјален систем за ноќно возење кој овозможува безбедно движење со изгаснати фарови, во „полна“ брзина, и во целосен мрак. Пневматиците се направени од специјален материјал, па доколку се оштетат, автомобилот сепак може да продолжи да вози. Стаклата на автомобилот се составени од пет слоја, со вкупна дебелина од 13 сантиметри. Прозорците не е можно да се отворат.
Претседателскиот автомобил има турбо дизел мотор од 6.600 кубици, но поради својата огромна маса, неговата брзина е лимитирана до сто километри на час. Опремен е со врвен електронски ситем и сателитски телефон. Овој претседателски автомобил е доставен на американската тајна служба во 2018 година, во време додека Трамп беше претседател.