Сутерен.мк

Синиша Станковиќ: Кули од песок

Покрај кафеаните, најмногу го сакав летото. Добро, некогаш повеќе ги сакав жените. Во и вон кафеаните, сееедно.
Мислам, тоа жените, некако по дифолт си одеа во заедничка сцена со летото: плажа на морски брег и јас и камарадите ми маалски, сокриени во дебела сенка под изгор сонце, со грч ладно пиво во рацете, ги поткреваме естетските критериуми, фрлајќи ноншалантни погледи врз разголените тела на убавиците околу нас. Или, поинаков кадар: ѕвездена ноќ на плажата на гореспомнатиот брег, вино&огин, стихови&копнежливи погледи низ насолзените очи (од чадот де, немало дотолку емоции) и гитари&хорско врескање на лигави рефрени за летните и за оние непрежалените љубови од минатото… Во превод; максимални напори на „команчи“ – англиски, за „телепортирање“ од локацијата на групното уживање, до блискиот шатор или барем вреќа за спиење, со некоја од утрината маркираните странски убавици. За да се дочека изнурнувањето на сонцето од морето со триумфална насмевка, наменета на другарите кои ноќта ја минале со полупразно шише во прегратка, во ептен празна вреќа… Нормално, откако на заминување ќе се анализира ликот&ставата на ноќната самовила и на денска светлина, оти алкохолот и огинот знаеја и да доведат до заблуда…

Ама сеедно, си знаевме, и тогаш, а особено сега, со напластеното ни искуство, дека ептен не’ бива. И тоа ти е. Можат тоа богатите од Запад да не нè вклучуваат во испитувањата на женското мислење, како она последното за кое читав, демек, според 15.000 анкетирани жени во 20 земји, најдобри летни љубовници во светот да ти биле Шпанците, а најлоши, Англичаните, Швеѓаните, и три години по ред, Германците. За овие лошиве, ич не ми е гајле, веројатно е и точно. Ама, какви Шпанци, какви бакрачи, тие се за цимолкање во сериите во кои правдата победува… Не знаеле кого да прашаат! Да знаеја да зборуваат нашите шатори или песокот од критските-црноморските-јадранските плажи…

Еееех, ама тоа беше кога ние бевме млади, летата безгрижни, а плажите диви. Потоа, разголените убавици се сведоа на едната поубава половина во животот, а вреќите и шаторчињата („мешеечки да влезеш, грбеечки да излезеш“) ги заменија собите со расплакани еркондишни во хотелите. Уште подоцна, на плажите кои ни ги начичкаа со лежалки, исончаните „сикс пек“ билдери, вработени како спасители или преместувачи на постаментите на чадорите за сонце (белки, треба за сенка, а против сонце…) ни набиваа комплекси, додека ние, маалските екс-срцекршачи, си се ѕверевме во „појасите за спасување“ и во сè пошироките боксерки, за да не го им фатиме копнежливиот&завидлив поглед на сопругите ни сакани, кон истите тие мускулести момчиња. (Нормално, де, само погледи, чисто по балкански, оти на тоа билдериштата, намачкани како пеливани – дел од работните обврски им е и задоволување на сите желби за средовечните странски госпоѓи, ама желбите на нашите маалски домаќинки, се главно во сферите на копнежите, додека за успесите „на страна“ на нивните сопрузи, маалските мачо-мени, не вреди ни да се трошат зборови во една ваква носталгична прикаска…)

Елем, и уште подоцна, нашите годишно-одморски фотографии, направени со широкоаголен објектив (за да има секогаш во заднина или до нас, некоја топлес убавица, за чии облини и за уживањето во нив, толку верно ќе лажеме во зимските, кафеанско-машки муабети), ги заменија фотографии од наследниците ни, со или без гуми и „мускули“, како збрлавени од радост ги газат кулите од песок кои ние со часови пред тоа, само за нив сме ги граделе…

Мислам, не беа бе тоа, само кули од песок. Колку и да сме подлажнувале како беќари во кафеаните и подоцна, како стопани и глави на семејствата, во берберницата, си ги сака(в)ме жените. Генерално. Сите тие летни убавици. И оние кои нè усреќиле и не направиле „фраери у маало“, и оние, за кои само сме си копнееле, ама со кои, на едно чудо зимски седенки со кисела зелка и ракија, сме ги збогатувале сеќавањата, како во шпански серии Па, и нашите поубави половини ги сакавме…. Кога бевме млади&луди… (Мала дигресија: Неодамна во берберницата чув интересен податок од научно истражување: дека две третини од анкетираните мажи признале дека се ожениле само затоа што жената инсистирала на венчавка, но и дека добар дел од мажите на бракот гледале како на предизвик кој во животот еднаш треба да се проба, плус, стравот од осаменост…)

Сепак, гледано во целина, најмногу ги сакавме, летата со ваканциите. Онака топтан. Со сè што носат со себе. А сега, откако ќе ги испратиме децата на одмори, некако ни останаа само спомените и летните бавчи на кафеаните. И муабетите за сексот, на кој речиси сите средовечни мажи во маалото, со симпатии се сеќаваме: Зашто, помнењето извонредно нè служи! А, со ладно „скопско“, секое лето, носталгијата и жалта за младост – нè тресе како скопскиот, од она лето пред 50 години.

Не сме ние како таа тетката од Америка, барем пет-шест години постара од нас, која според еден медицински журнал, претрпела амнезија откако имала секс со сопругот. Демек, задоволство било такво, што не се сеќавала на настаните кои следеле 24 часа потоа. Иако, кога раскажував во берберницата, пред да заминеме на поширока дебата пред маалското гранапче, им цитирав и некој невролог, кој во статијата објаснува дека како последица на физички или емоционални напори може да дојде до пореметување на мемориските склопови во мозокот, и до минлива глобална амнезија, маалските експерти за секс и спомени, ме бомбардираа со постмешливи коментари и заклучоци дека кај нас, Балканците, си постои изреката за сеќавањето според квалитетот на сексот. И дека ваква ѓурултија може само во американски филм да се случи…

Од друга страна, и јас сум го губел помнењето по секс, ама тоа главно било од срам (пу, пу, пу…, не од кикс, скраја да е, туку, од изборот на партнерката, лимитиран со малиганите) или се работело за нормални, алкохолни дупки во меморијата. Но, за разлика од американската тетка, јас секогаш до мене сум ги имал другарите, сведоци од прва рака, на сите мои лупинзи&катастрофи, за подоцна да ми го освежат сеќавањето, терајќи си мајтап… И така, со години. Тие мене – јас нив.

На Балканот нема амнезија за бељите!
Ама, со мерка, да не се навредат сопругите. Оти, маалскиот Папучар, си го чува исечокот од весник, во кој пишува за некој Кинез, детиште – триесетгодишник, кого сопругата, според сопствената изјава, „спонтано и несакајќи“, го згрбавувала еднаш неделно. Со пишан договор! Оти, венчаната му караконџула тренирала кунг фу и редовно го малтретирала. Па, кутриот тип, кој си живеел во „гнездото на змејот“, прифатил договорна обврска да биде тепан еднаш неделно, за шест дена да биде раат.

Така и ние, маалските… Откако со заминувањето на младоста се раатисавме од обврската да се докажуваме и да ветуваме кули и градови, и откако звукот на морските бранови ни го замени жуборењето на водата од цревото со која ја навадуваме тревата пред гранапчето и го разладуваме вжештениот бетон, седиме на гајбите, ламентираме за младоста со студено пиво, и се чувствуваме како нашите имиња напишани некогаш во песокот на некоја плажа, кои само чекаа плимата да ги избрише.

(Авторот е новинар. Пишува за леб – и за пиво & ќебапи – еве, три ипол децении. Жител на неколку скопски маала, автор на неколку книги… Некогаш – верник во поубавото утре зад првиот ќош, денес – носталгичар и по троа циник.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *