Сутерен.мк

Били Елиот

Имам син кој сака да игра балет. Со татко му сме согласни дека тоа не е соодветен избор за неговото идно животно определување, ама тој е упорен. Има 12 години. Ми се смеат комшиите, роднините, пријателите. Не отворено, ама го чувствувам тој потсмев во секое нивно обраќање.
Мајка


Мајка дарлинг, звучите како некој записничар во воспитно поправен дом за деца до шест години. Цинизам е ова секако. (Не дај Боже, да сфатите сериозно дека има и такви институциии. Или некому да му дадеме идеја, а не треба многу.)
Понекогаш на вашиве писма не знам дали да плачам или да се смеам. Навистина, можно ли е толку да не разликуваме важни од неважни нешта? Можно ли е толку да робуваме на муабети преку плетот (авлијата), да се правдаме кој, зошто, со кого, како се дружел?!

Можно ли е да ни е побитно сознанието зошто другиот постои, а не ние, нашиот најблизок? Мајко мила?! Ако сте пиеле кафе со Рајко, значи сте против Петко. Ако сте пиеле виски со Станко, значи имате тужба против Ранко. А, ако сте биле со Цуци, тоа е сериозен знак дека немате поим од урбанистичка офанзива…
Таткото на мојата најдобра другарка беше врвен балетан. И голем женкар. Не знам што е тука „несоодветно“?! (Освен, швалерајот, секако. Тој всушност, станал балетан само заради друштвото на женските.)

На една друга моја пријателка, која е доктор, професор и што ти јас знам уште што не, по нуклеарна физика, биологија и која сите можни дипломи и признанија ги собра по престижните универзитети на светот, а всушност, ни до ден денешен не разбирам што работи, ќерка и единица реши да студира ветерина.

Леле, кога стана една паника: како тоа нејзината „скапоцена“ да се бафта со кози и мачки, покрај таква мајка (а и татко и е некој фактор во научниот свет), која патем, го трасирала патот нејзиното девојче да стане следниот наш кандидат за Нобел (не дека имаше претходни, ама, ајде…)

Е, ама кога се запна девојчиштето, ветерина па ветерина. Запиша ветерина, ама условот од идиотскиве научни старатели беше Сорбона. Добро сега, Сорбона е Сорбона па и со говеда помешана, ама девојката не седеше мадро.

Додека да дипломира, таа ти учела и некои танци па, по инаугурацијата во првенец на генерацијата (сорбонска), замина да игра на шипка во некој ноќен париски клуб.

Родителите завршија на интензивна. Денес ветеринарката е дел од танчерките на „Сирк де солеј“, омажена е, има две деца и живее во престижен кварт на Париз. (Нејзините се на врвот од Водно, во една грдосија од гломазна, алуминиумска архитектура, каде ни на магаре не можеш да стигнеш.)

Што е најважно – среќна е. Мајка и и татко и се уште посреќни, зашто таа е среќна. Сите се бре, здрави, убави, живи и радосни. И се смеат заедно на своите претходни предрасуди. Зашто се нормални.

Пуштете го детето нека се издува. Во меѓувреме, погледнете го филмот „Били Елиот“.

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *