Се изналетував јас и со роднини и со пријатели, со се што може тотално да ви ги уништи оние две недели ветен раат. Се изнавлечкав куфери и торби (колку е помал членот на семејството, толку багажот му е поголем), преполни чаеви, топломери, блендери, спрејови против се што лета и лази и апарати за мерење притисок. Се изнасобирав и школки и камчиња и глупости за уште два живота. А ден не поминав на сонце мирна. Епа, доста беше
Кога најмалото (и покрај прекорните погледи на двете најстари госпожи од фамилијата ни, со кои и фрески би откорнале), го испративме во некаков си летен камп во Охрид, што чини како “фор сизн ол инклузив” на Капри, ама со блиски среби со сите ендемски инсекти, па после И на „работна акција“ вредна три месечни плати во Унгарија (Сигет – Змигет нешто беше), останавме василевсот мој и јас конечно сами, да се договориме за само нашиот летен одмор.
И, како гром од ведро небо што мава право во ребра, ме стрефува неговото:
– А, на планина некаде да одиме, м?
Боже, Господе, Семоќен, Семилостив, Најправеден и Најразумен. Па трошка ум на скапоцениот ми сопружник да му дадеше на толку мозок што имаш распослано на планетава?! Абре, едвај од планина се симнавме – децении, поколенија ни требаа за тоа, тој пак, назад ќе ме враќа?!
Го гледам и не можам да го догледам без желба да замавнам со пиралката (донесена од планината на неговиот прадедо, а која победоносно во моментов се ѕвери обесена на ѕидот, свесна дека ги дочекала своите пет минути). Го сфати животниот ми партнер многу прецизно дрвеното фенг – шуи што му се потсмеваше, па се обиде да ја омекне камењарската понуда:
– Чист воздух, тишина, ладовина….
• И тишина и темница и ладовина и воздух богами ќе ми обезбедат црвите, ќе имам кога ќе умрам. Мене тврда земја се уште не ми е баш неопходна.
Ме гледа кусо време стопанот мој онака, како секое дете кое на прва нема да му го купите она што сака и, брзо менува курс, па се чини рамнодушно го отвора весникот, ги качува нозете на табуретката и демек, незаинтересиран за хедонистичките аспекти на животот, им се посветува на оние, побитните т.е. бугарските садистички комшиски изживувања и значењето на истото во нашиот семеен буџет.
Тој секогаш мисли дека ваквата „ладење глава“ тактика му успева, а всушност, редовно се случува спротивното: мене не ми поминува првичната лутина, туку давајќи ми време јас уште повеќе го „анализирам и продлабочувам“ проблемот со тотално игнорирање на гласовниот апарат и сугестивните гестикулации на животниот ми партнер.
Убиствени реминисценции
Никогаш на одмор во овие повеќе од две децении делење ист покрив со него не било лесно за мене, а камоли како што сум сакала.
Одевме на летување со родители, тетки, чичковци, комшии…, со главно алиби за придружбата демек, имаме секогаш кому да му ги оставиме децата. Да, да, освен вообичаениот 24 – часовниот надзор, во меѓувреме ги превоспитуваа по свој терк, ни префрлаа пред и после секое излегување какви подобри родители биле тие, на пејџер праќаа десетици пораки со чудење и неверување колку ни се децата невоспитани…
На полноќ редовно ме чекаа купишта партали за „поминување низ вода“ и корито пластични садови за превривање зашто придружбата наеднаш добива напад на хигиенштина и хипохондрија. Настрана што за време на целиот пат, постојано се застануваше заради икс причини, чопорот има најразлични и особено чести потреби. Ако одмор е да трпиш нешта што ти пречат фала, не повеќе. А требаше да биде излежување, мрзелливи движења, „грешни мисли“, безбрижност…
Трауми имам јас со секој крај на школската година. После секој десетти јуни добивав напади на паника, психосоматски реакции, садев цвеќиња – манијакално. Како се приближуваше годишниот одмор, така мозокот ми се прошируваше. Смислував најразлични изговори – од здравствени проблеми, економски, општествена одговорност… На крајот на краиштата, мојата родителска грижа на совест победуваше и одевме секоја година, на редовното дванаесетдневно мачење.
Со истиот автомобил, со се повеќе дрангулии (кои наместо во куфери се пакуваа во вреќи за отпад, за што помалку место да зафаќаат), со мобилна аптека што го окупира половина багажник, со две – три мои ситници во еден несесер.
По пат, постојано слушаш како на едниот му е жешко, другиот ќе оглувел од промаја, третиот напнува, а ни самиот не знае зошто, а ќерката, пушта гласна музика и плаче зашто ете, никој на планетава не ја разбира.
Да не ги заборавам мачката Мимоза и кучето Киро, кои беа толку депресивни што счучулени меѓу вреќите во караванот само тивко цвичеа, па и за нив се секирав.
Се сеќавам јас на сенешто што баш и не би можело да се нарече одмор, а би требало да звучи така.
Се спомнувам и на првите години, кога „рововската војна“ дома, „вадењето на брачните сипаници“ се заменуваше со борба на „гради в гради“ кога бевме покрај море, кога зборот „развод“ се споменуваше по пет пати на ден, кога кавгите за цените во рестораните, слободното време, храната… беа пожестоки и при најголемите финансиски кризи дома, на копно.
И сега, кога конечно, не мораме толку многу да се прилагодуваме на другите и околностите, тој ми наметнува планина како релаксација од сите дивјаштва што ги трпам секојдневно!? Па деведесет отсто од тие што ме малтретираат 24/7 се уште имаат јамболии по подрумите, како најскапоцено наследство, а тој бара да го признаам поразот и да им се вратам на корените на пештерците ми и уште и да платам за тоа?! Извинете му на мојот француски т.е. кој сака, како сака нека си се онади, немам ништо против никакви антиурбани движења, но ќе ве молам, не ме терајте да се пентарам по камења, трња и шишарки. Секако, овој мини – манифест има многу конкретна адреса – човекот со кој ги делам трошоците на животот.
Неразумен компромис
Тој, тој и задремал во меѓувреме, без ни најмала намера да се заморува околу вакво плебејско прашање, како годишниот одмор. Што секако, ме доразбесни.
Почнав јас со истражување (знаете, тоа е онаа дејност кога ќе прочитате две книги, што никој не ги прочитал, со цел да напишете трета што исто така, никој нема да ја прочита), колку штета може да ми донесе овој „спор“, па наидов на мислења дека наводно, партнерите можат да договорат одвоено летување, ако делат различни интереси или сметаат дека им треба време да си се посветат самите на себе. Тоа го велат психолозите значи, законот. Тонч.
И се јавувам на најмладата ми другарка, сметајќи дека со неа ќе ми биде и најзабавно, а таа, како што и прилега на блиски пријателки, веднаш ме одбива:
– Баки – пријателката ми има чудна навика да ме именува како домашно милениче, но тоа е таа фенси генерација, па што можеш тука?!
– Ти си здодевна. Ќе спиеш до 11 часот, а после ќе лежиш цел ден, зашто никогаш во животот не си лежела. Па ќе те мрзи и за кафеана, а камоли за диско?! Срц сори, ама не ми си у агенда.
Втората другачка, не ни разговараше.
-Знаеш ли ма, колку кредити имам?! – и ми го затвори телефонот.
А, Мара, Мара најмоја, со речиси плачлив глас, ми одржа еден таков монолог, по што јас ја спуштив поразено слушалката:
– Дарлинг моја, најмила! Супер си ти и твоите луди идеи, кои сигурна сум, се здрави и спасоносни, ама мора да си свесна дека јас повеќе од две години сум невработена. А, по се изгледа и наредните ќе бидам на Завод… Зашто, не сакаат такви како мене – кои сите глупости ги направиле веќе и свесни се дека е бесмислено да ги повторуваат, кои точно знаат што е лојалност и благодарност, изградени, искусни, формирани, но не, тие попрво ќе вработат зелени авантуристи, во кои ќе инвестираат, за потоа истите да им го свртат грбот на првата кривина. Уф, се изнадрдорев, ама не моем.
Разочарана, но не и обесхрабрена во оваа моја света намера, подготвено го гледам мојот човек како се „освестува“. Му нудам едно филтер кафе, шмркнува од него и онака, попатно ме прашува:
– Ќе одиме ли на планина?
• Ти, можеш. Јас веќе си уплатив 14 – денови покрај вода, на рамно, во цивилизација. Можеш да ми се придружиш, ама во дивина не се враќам.
Ги подигна веѓите, но со сосема безличен изговор, ми вели:
– Како сакаш.
Така и беше – како што сакав…