Сутерен.мк

Брачна зделка

Сопругата се омажи со мене само поради пари, да се спаси од сиромаштијата, а јас се оженив со неа, поради секојдневните несогласувања со безобразно богатите родителите и притисокот од нивна страна да им се тргнам. Овој брак од обостран интерес опстојува само заради нашето дете. Сопругата е фригидна, а кога имаме однос се жали на големината на мојот полов орган… Според тебе дарлинг, дали има иднина овој брак и како да се однесувам понатаму во животот?
Буржуј

Буржуј дарлинг, тоа што и двајцата сте се венчале од (не)оправдани причини не мора да значи дека заедницата не треба и да успее. Ќе ја биде само, ако вие го сакате тоа. Имате особено добра причина за тоа – детето.

Не постои некој универзален рецепт за добар брак. Некои ќе ви речат дека и не треба за тоа многу – само да се покаже од време на време кон партнерот малку внимание, понекогаш да се попушти во кавгата и да се признае дека не сме во право, чат – пат да се каже „те сакам“. Можеби тајната на квалитетните и долготрајни брачни парови е во нивната постојана грижа еден за друг, во трудот да се биде пострплив, поразбран.

Без едно секако не се може – без комуникација. (Разговарајте отворено со сопругата и ќе видите дека зад забелешките околу „величината“ се крие сосема друго незадоволство.)

Начин секогаш постои да се допре до животниот сопатник, да му се објасни дека тоа што го живеете не е „најдобриот можен брак“, дека постои подобра варијанта од вас двајца заедно. Притоа избегнувајте ги по секоја цена „пријателите“ и блиските на кои „се им е јасно“ и чии брзоплети совети и мислења и вадење на „вампирите од минатото“, можат да ве обесхрабрат во зближувањето со партнерот.

Процесот е долг, резултатите можеби и нема да бидат најсјајни, но барем ќе бидете чисти пред себе дека сте сториле се што било во ваша моќ. (Мирната совест е скапоцено нешто.)

Другата страна секако дека треба да ја има истата желба. Едниот може да гради, но, ако другиот постојано руши, борбата е бесмислена и секој треба да тргне по свој засебен пат…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *