Сутерен.мк

Меркел после Меркел

Поранешната канцеларка Ангела Меркел го добива Големиот крст за заслуги, највисокото признание во Германија. Дали таа ја заслужи честа? За наследството на нејзината политика се даваат сосема различни одговори

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер денеска ѝ ја врачи највисоката државна награда на поранешната канцеларка Ангела Меркел. Претседателот, чија функција во Германија е протоколарна, може да додели награди и одликувања на „поединци кои дале најголем придонес за нацијата“. Најистакнат е Орденот за заслуги, кој од 1951 година „им се доделува на Германци, како и на странци за политички, економски, социјални или интелектуални достигнувања.

Додека повеќе од 260 000 луѓе добиле некаков вид орден на заслуги, Меркел ќе биде само третата која ќе го добие највисокото одликување доделено на германски граѓани, Гроскројц или Големиот крст, соопштија од кабинетот на претседателот. Орденот од највисокиот степен е резервиран за странски функционери и најмногу за германскиот претседател.

Шармот на тројцата канцелари

Претходните двајца добитници на признанието беа, исто така, канцелари и припаѓаа на истата конзервативна партија на Меркел, Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Конрад Аденауер, првиот лидер на земјата по Адолф Хитлер, беше награден со Големиот крст во 1954 година.
Хелмут Кол, кој придонесе за повторно обединување на Германија и даде зелено светло еврото да ја замени германската марка, беше одликуван во 1998 година.

Аденауер и Кол беа на чело на земјата во важни периоди од германската повоена историја. Без оглед на нивните политички ставови или последиците од нивните одлуки, тие биле принудени да носат „храбри“ политички одлуки, оценува за Албрехт фон Луке, коментатор на часописот „Белешки за германска и меѓународна политика“.

Фон Луке смета дека Меркел не се искачила на тоа ниво на лидерство. Времето во кое таа беше на власт фон Луке го нарекува „ера на шеснаесет изгубени години“. „Ние само почнуваме да разбираме колку е проблематично наследството на Ангела Меркел“, вели тој. „Сега да се даде таква награда на Ангела Меркел е сосема прерано и тоа не е вистинската награда. Сè уште не е јасно кои се нејзините заслуги и кои се нејзините неуспеси.“

Контроверзното наследство

Климатската криза која сѐ повеќе се заострува и руската војна против Украина, која започна набрзо откако Меркел ја напушти функцијата на крајот на 2021 година, ја намалија широката поддршка која таа ја уживаше дома и во странство додека беше на власт.

За време на Меркел, која ја нарекуваа „климатска канцеларка“, Германија не ги исполни целите за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Критичарите сметаат дека Меркел била премногу попустлива кон Русија, додека сѐ поголемата енергетска зависност на Германија од Русија за време на нејзиниот мандат се толкува како грешка.

Во еден од нејзините ретки јавни настапи минатата година, Меркел ја осуди руската агресија во Украина, но ги бранеше нејзините дипломатски напори. „Нема да се извинувам за тоа“, рече таа пред публиката во Берлин.

Оние кои ја поддржуваат забележуваат дека нејзината политика кон Русија не се разликува многу од политиката на другите канцелари, без разлика на која партија ѝ припаѓаат. Кога станува збор за економијата, енергетиката и културата, Германија долго беше поблиску до Русија отколку многу нејзини европски сојузници. Некои ги гледаат нејзините години како канцеларка како загубена можност, додека други ѝ препишуваат заслуги поради одбраната на статусот кво во периодот на огромни пресврти.
Нерадо во центарот на вниманието

„Таа успеа да ја задржи ЕУ заедно и да ја зајакне во турбулентни времиња“, вели за ДВ Лукас Шрам, политиколог од Универзитетот Лудвиг-Максимилијанс во Минхен.
Банкарската, должничката и бегалската криза ја погодија Европската унија пред нејзините очи. Велика Британија ја напушти Унијата, додека Соединетите Држави под претседателот Доналд Трамп беа отворено непријателски настроени кон неа.
„Актуелните шефови на држави и влади неодамна изјавија дека Меркел недостига на самитите на Европскиот совет поради нејзиниот авторитет“, додава Шрам.

Дебатата за наследството на Ангела Меркел е далеку од завршена и ќе биде под влијание на настаните што допрва доаѓаат. Оправдана или прерана, одлуката да ѝ се додели Орден за заслуги повторно ја става пензионираната канцеларка во центарот на вниманието. Тоа таа се трудеше да го избегне додека беше на функцијата, но и откако се врати на приватниот живот.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *