Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да го признаат правото на самоопределување на Македонците коишто живеат во Бугарија, исто како што Македонија ги почитува правата на етничките заедници.
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика бугарските власти да ги почитуваат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а коишто се однесуваат на почитувањето на правата на здружување на Македонците.
„Секогаш сме реагирале во однос на сите граѓани коишто во која било друга држава се самоопределуваат како Македонци. Македонци има во скоро сите држави во светот – САД, Германија, Швајцарија, па така ги има и во Бугарија и во Грција. Тоа се луѓе кои се определуваат како Македонци и им следуваат сите права што им следуваат на сите граѓани слободно да ја изразат својата желба за самоопределување. Постојат и пресуди на Судот за човекови права коишто Бугарија ги нема спроведено до денес. Затоа ги повикувам уште еднаш бугарските власти да постапат согласно европските правни норми за заштита на малцинските права“, рече Ковачевски, при посета на Клиниката за гастроентерохепатологија.
Бугарија е членка на ЕУ, поради што премиерот смета дека земјата треба да ги почитува правата на сите граѓани, исто како што се почитуваат правата на сите етнички заедници коишто се дел од македонското општество.
На новинарско прашање дали ќе побара признавање на македонско малцинство во Бугарија, тој рече дека постојат генерално две уставни уредувања во делот на малцинските права.
„Едното е каде што индивидуалното право на самоопределување се остварува колективно. Таков устав имаме ние на пример, каде што заедниците можат да бидат дел од уставното уредување, таков има Хрватска. На пример, Во Хрватска сите кои се дел од хрватското општество, 24 делови од други народи, се дел од хрватскиот Устав. Меѓутоа, има држави каде што уставното уредување предвидува дека индивидуалното право на самоопределување се остварува индивидуално. Такви устави имаат Бугарија, меѓутоа и Франција“, вели премиерот.
Ваквата реакција следи откако пред неколку дена беше објавен извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент, каде се поосочува дека Бугарија и понатаму одбива да ги регистрира активистичките групи на етничките Македонци и покрај бројните пресуди на судот во Стразбур.
Во меѓувреме бугарските власти во четвртокот (23.03) остро реагираа и на бришењето на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ од Битола од Централниот регистар, откако не го промени името во законскиот рок. Бугарскиот претседател Румен Радев вели дека станува збор за лошо решение, коешто е израз на паника и немоќ. За бугарското МНР, пак, станува збор за тенденциозна одлука со која земјата ја крши Европската конвенција за човекови права.
Ковачевски вели дека има политичари во Бугарија, но и секаде има политичари кои сакаат да ги нарушат односите помеѓу соседни држави и меѓу држави во поширокиот регион.
„Постојат и поединци и пропагандисти кои работат за интересите за трети страни коишто не сакат да го видат овој регион интегриран во ЕУ. Сметам дека ние треба да имаме институционални односи на највисоко ниво со сите наши соседи, како што имаме на пример со Србија, со Албанија и со другите и треба да бидеме на тоа високо ниво. И затоа нашите институции секогаш постапуваат согласно со правилата на меѓународното право согласно со добрососедските односи коишто се на врвно ниво во нашата држава“, вели премиерот.