Европската јавна обвинителка Лаура Ковеши конечно реши да покрене акција во Бугарија, која долго време се смета за еден од најочигледните примери за неспособноста на Брисел да го реши проблемот со грабежи на европските фондови. Европското обвинителство во Бугарија води 143 истраги, со вкупна штета од 492 милиони евра.
Европското јавно обвинителство деновиве претресе 28 домови и канцеларии како дел од истрагата за злоупотреба на пари на ЕУ во железнички проекти, а градоначалникот на Генерал Тошево, град во североисточниот дел на земјата, е уапсен.
Акцијата се најавува веќе неколку години, а политичари од бугарскиот реформски табор тврдат дека манипулација со средствата од ЕУ станало еден од главните извори на приходи за организираните криминални групи.
Центарот за проучување на демократијата, невладина организација од Софија, во 2020 година заклучи дека се проневерени дури 15 отсто од парите од европските фондови.
Европското обвинителство во моментов во Бугарија води 143 истраги со проценета вкупна штета од 492 милиони евра. Како најсиромашна земја во ЕУ, Бугарија редовно бара и добива поддршка од европските даночни обврзници за да изгради инфраструктура и да ги направи енергетски поефикасни старите згради од социјалистичката ера.
Обвинителството соопшти дека во моментов истражува два проекта за изградба на железничка инфраструктура, вредни повеќе од 241 милион евра од ЕУ фондовите и грант за подобрување на енергетската ефикасност на станбените згради во Генерал Тошево. Над 100 припадници на бугарската полиција извршија рации поврзани со истрагата за изградбата на железничката пруга меѓу градовите Костенец и Септември (кај Пазарџик), за што Европската агенција за клима, инфраструктура и животна средина обезбеди 130 милиони евра.
Иван Гешев, контроверзниот главен обвинител во земјата, во средината на јуни беше принуден да поднесе оставка, бидејќи многумина го сметаа како пречка за истрагите за корупција на највисоко ниво.