Сутерен.мк

Васко Тодоров: По К-15, космонаут!?

Одејќи на закажаниот разговор со Тошо Малерот (1965 година, Радовиш), очекував (веројатно, како и сите кои приватно не го познаваат) дека ќе ме дочека хумористично, соло шоу. Не беше така зашто, како што и самиот вели: „Луѓето постојано очекуваат да ги засмејувам. Не знаат дека и мене ми тече бојлерот, не ми се платени сметките, а кај ПТТ сум на ’стендбај’!“ Под „б“ очекување, беше дека наместо на урнебесно духовита личност ќе налетам на едно препотентно типче. Пак утка! Еве, како беше…

  • Како воопшто се случи „К-15“?

– Со Бранко Огњановски сме другари од гимназија, а со Бубо Каров се запознавме преку брат му на Бане, Влатко. Во тоа време Бубо работеше во Канал 2000 на МРТВ, па така, и ние двајца влетавме таму. Така, Тошо Малерот и Миле Паника се „родија“ како радио ликови. Од Канал 2000 се префрливме во Радио НОМА, Бубо ни беше уредник, ама од субјективно – објективни причини ја прекинавме соработката со нив.

Потоа, Бане отиде во А1 ТВ, Бубо остана во НОМА, а јас се вработив во КПД „Идризово“. Бидејќи се дружевме, едно време си велиме, ај да праиме нешто! Првин сакавме да формираме бенд – „Дуо Трио“ и емисија која ќе ги промовира нашите песни. Арно ама, излезе обратно. Ништо конкретно немавме замислено. Од обичен кафеански муабет излезе нешто: „К-15“!

  • Зошто токму со и во А1 телевизија?

– Затоа што таму веќе работеше Бранко и некако беше логично беше да се „врземе“ со нив.

  • Како е создаден Тошо Малерот?

– Првите прикаски на радио беа баш онака, смешно – малерозни. Малери, не некои којзнае како опасни, туку ситни малери, смешни глупости што ни се случуваат секојдневно. Ликот е скроз измислен, нема некој конкретен пример. Собрани впечатоци, искуства од сите луѓе. Мислам дека секој може да се препознае во одреден момент во него.

  • Дури и вие?

– Па, да! Понекогаш, дури и јас.

  • Ви се допаѓа ли Тошо Малерот?

– Многу! Тошо е голема глуперда, ама многу искрен. После сево ова што ни се случи – транзиции, манзиции… сите некако зајдовме! Сакаме се нешто да сме што никогаш пред тоа не сме биле: некои бизнисмени, министри, важни луѓе, големи фраери. Станавме оптеретени со имиџи, етикети. Главна професија ни стана лажно претставување! Тошо покажува многу наши скриени комплекси. Тој е искарикиран како папучар, ама во принцип, знае што се случува. Особено со балканскиот мачо – мен.

Знаеш она: се нешто големи мангупи, а кога ќе го слушнеш што муабет прави со жена… Гола вода! Сепак, не се работи само за некоја „машка“ идентификација со него: поголемиот дел од неговите настапи се однесуваат на општи појави на двата пола. Неговата порака е многу едноставна: биди тоа што си! Нема потреба од преправанција. Во секој човек има нешто вредно. Јас верувам во тоа.

  • Се плаши ли по малку Тошо Малерот од жените?

– Не, не. Не се плаши од жените. Напротив! Тошо многу ги сака жените!

  • А што мисли Васко Тодоров за жените?

– Исто така! Многу ги сакам и почитувам жените. Мислам, генерално – имам многу убаво мислење за жените. Сакам да се дружам со нив и… така натаму.

  • Колку сличности има меѓу вас и Тошо?

– Ако јас сум како Тошо, ликот губи секаква смисла. Многупати кога ќе ме запознаат луѓе велат: „Па ти немаш врска со Тошо! Ич не си како него!“ Нас ликовите ни се средство да кажеме она што мислиме, на начин на кој што го правиме тоа.

  • Се слуша дека „К – 15“ ќе престане со работа?

– „К – 15“ нема да престане со работа, зошто К – 15 е продукциска куќа во која сме ние тројцата. А „К – 15“ е еден од проектите на „К – 15 Продукција“. А „К – 15 Продукција“ е куќа која работи ред други работи освен серијата „К – 15“. На пример, малку кој знае дека зад емисиите „Нешто незадолжително“ стои токму нашата фирма. Се работи за пауза на серијата „К – 15“. Подолга пауза.

  • Криза на идеи или…?

– Таква криза, ама баш никогаш не сме имале. Секогаш сме чувствувале и сме погодувале кога треба да прекинеме со таа работа. Многу е важно особено, кога се работи за хумор, да се знае до каде е границата. Всушност, кога да се подзапре. Паузата е заради нас и заради публиката. Верувајте ми дека е многу напорно да се работи оваа работа. Сепак, не значи дека ќе „исчезнеме“. Ќе се појавиме, одвреме – навреме, но по 51 – та епизода веќе нема да снимаме, како досега континуирано.

На телевизиите ќе се следи една ретроспектива на серијата – ќе ги пуштиме повторно сите епизоди. Нашиот впечаток е дека има интерес за тоа. Освен тоа, планираме да снимиме и целовечерен игран филм.

  • Како и со кого ќе го правите филмот?

– Со сите нишани што се потребни да се направи еден вистински филм. Сигурно дека некои штосеви ќе бидат превземени од серијата, ама само оние што се универзални, што может да функционираат секаде и кај секого. Зошто ние во „К – 15“ многу локални, еднодневни муабети. За филм, тоа не е добро, нели!?

А и не мислиме да го снимиме само за една употреба и само за овде. Си имаме поголеми планови. Инаку, екипата ќе биде истата што работи на серијата, но е многу веројатно дека ќе бидат ангажирани и други луѓе, па и професионални актери. Филмот е всушност, готов: треба само да се најдат пари и да се направи.

  • Кога сме веќе кај парите, злобниците, а и оние „другите“ велат, дека прилично заработивте со серијата!?

– Мислам дека не е проблемот во тоа – колку сме заработиле, туку во она нашето, македонското: ако не правиш нешто ти – што е интересно и добро, не може да го прави тоа ни другиот. Инаку, за заработувачката…

Веројатно нема никој да верува, ама некои којзнае какви пари од серијата нема. „К – 15“ е единствениот независен и самофинансиран проект во Македонија. Оваа година Министерството за култура ни помогна малку, а лани УСИС (Американскиот информативен сервис, з.н.) ни купи камера и рекордер. Имаше некој нивен конкурс, ние се пријавивме и ни помогнаа. Друго ништо не сме добиле. Првите 13 епизоди од серијата се направени со 4 000 германски марки, па сега сметајте!

Со заработените пари ја комплетиравме фирмата со опрема, така што последниве епизоди комплетно ги правиме во „К – 15 Продукција“. Сите зборуваат за некои големи пари, а никој не знае дека ние тројца се грижиме буквално за се околу емисиите: од техника, локации, сценарио кое патем, не постои, гардероба, гости во емисиите, маркетонг, хонорари…

Верувајте дека ниту еднаш до сега не сме ја покриле реалната калкулација на „К – 15“! Нема такви пари кои можат да го надоместат сиот тој напор и нервоза! Сите коментираат демек, имало многу реклами во серијата, а никој не коментира дали си имал време да спиеш, па дури и да се истушираш. И да не испадне дека се жалам нешто, се правам некаков херој – среќен сум што го работам ова, но не е воопшто лесно. Најискрено, платите се добри, ама трошоците се уште подобри.

  • Што значи „Екомедиа“?

– „Екомедиа“ го направивме зошто сметавме дека популарноста што ја имаат ликовите од „К – 15“ може да се употреби за нешто општо корисно. Инаку, „Екомедиа“ е еколошко друштво чиј претседател е д – р Мимоза Ристова и која беше иницијатор за таа акција. Ние прифативме меѓутоа, не сме зеле ниту денар за акцијата.

  • Сите ваши песни се хитови. Некои сметаат дека тоа е шунд музика…?

– Не гледам никаков шунд во тоа. Песните се во стилот на „К – 15“. И секогаш укажуваат на нешто што не треба да се прави се разбира, на еден духовит начин, како и скечевите во емисиите. Ако серијата е шунд, тогаш и песните се шунд! Тоа е чисто лицемерие: да ти се допаѓа „К – 15“, а не ти се допаѓаат песните. Ама секој нека си ги толкува како сака.

Сите песни се пародија на нешто. А тоа што децата ги пеат во градинките и зошто ги пеат, тоа треба да го прашате некој друг! Никој не се засекираш што децата постојано на ТВ гледаат по 120 кила крв, отсечени глави, силувања, психопати и не знам уште што, туку се секираат дека ја пеат „Градинарот“!? Тоа што ги пеат песните е резултат на популарноста на Миле Паника, Цацко Конопишки и Тошо Малерот.

А ако децата не го слушаат Бетовен, за тоа не се виновни „К – 15“. Исто како што „К – 15“ не е крив за расипаниот јазик на децата. Нешто не се сеќавам дека многу литературно зборуваа пред да се појавиме ние. И не само тие, туку ни нивните родители. Меѓутоа ОК! Секој си има право на сопствено мислење.

  • Каква музика слушате вие?

– Ако речам дека слушам џез ќе се отепаме од смеење и двајцата! Зашто повеќе џезери на квадратен метар како во Македонија, нема никаде во светот! Слушам се освен, техно и турбофолк. Ја сакам музиката. Едно време, пред „К – 15“ свирев и по кафеани.

  • Што мислите, на кој вид хумор му припаѓа „К – 15“?

– Немам поим! Не би го споредувал со никого. „К – 15“ е комплетно наша измислица. Секоја чест и на Чаплин и на Монти пајтон, и на… ги почитувам многу, ама сметам дека направивме една автентична варијанта на хумор. Дали е тоа добра или не, е друго прашање, ама е факт дека вакво нешто досега немало во Македонија. Варијанта на хумор, во која има се и сешто. „К – 15“ му припаѓа на жанрот на „К – 15“! Оригинално, нели!?

  • Сте имале ли проблеми со политичарите заради хуморот?

– Не. Никогаш! Затоа што ние не им се потсмеваме на политичари, туку на политиката. Затоа што денес се едни политичари, утре се други. Нема ништо во нашата сатира што е тенденциозно. Ние никого не навредуваме како личност, се трудиме да ја имаме вистинската мерка, само укажуваме на работи кои не се во ред.

Се случува, вие новинарите да ни речете – „Еј, требаше малку повеќе да го подберете тој и тој!“ Абе, батка! Па, ти си тој што треба тоа да го правиш, а не ние да ја вршиме твојата работа! „К – 15“ не е ниту суд или егзекутор или пак, пропагандна агенција. Нас основна цел ни е хуморот и сме прилично објективни кога во него ја вметнуваме политиката.

  • Ве интересира ли политиката?

– Ама апсолутно ич не ме интересира политика! Мене ми се наметнува политиката. Сакал – нејќел, штом седнеш в кафеана ете ти ги муабетите за плати, стечајци… И отидовме до влада. Чисто спонтано!

  • По образование сте социолог. Не ви е криво што не работите во струката?

– Кој вели дека не работам во својата професија!? Мислам дека подобар начин да го кажам тоа што го мислам како социолог, ос „К – 15“ не постои!

  • Колку ве измени популарноста?

– Николку! Ниту мене, ниту Бубо или Бане. Ние сме апсолутно исти, онакви какви што бевме и пред серијата. Затоа ова го направивме од забава, а не за да станеме глумци, ѕвезди. За тоа си има професионалци, глумци со тапија. А да ви кажам и тие, оние што јас ги знам, како еден Никола Ристановски, кого особено го ценам или пак, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Дац… барем кон мене се однесуваат многу нормално.

Популарноста годи, ама не треба да дозволиш да те измести. Ако има некаков карактер во тебе, се разбира. Особено не на полошо. Мислам, глупаво е, сега си нешто популарен па демек, повеќе и вредиш! Без врска! Тој си, каков што си!

  • Кој е Васко Тодоров?

– Еден сосема обичен, просечен, нормален човек. Човек кој знае дека на 72 години не може да стане космонаут.      

Нема никаква потреба од тоа. Тој веќе е меѓу ѕвездите!

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1998 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *