Сутерен.мк

Кирил Андоновски: Жив е! Не е жив!

“За Петре Прличко најстрашната работа беше кога некој или нешто ќе ја прекинеше пробата. Сепак, еднаш ризикувајќи да ја навлечам неговата лутина врз себе, се впуштив во авантурата – ‘прекин на проба’“!

Сите, постојано повторуваат едно те исто: Порано беше поинаку! (Мислејќи секогаш и подобро.) Колку е тоа точно, сега и овде, ни раскажува актерот Кирил Андоновски.

  • Порано повеќе се смеевме! Не само што се смеевме, туку повеќе и ни се смееја. Си правевме разно – разни шеги на сопствена сметка, па и најсериозните не остануваа долго лути. Всушност, порано многу помалку се лутевме. Денес се нешто ни пречи, не нервира, па за смеа како да немаме време. Зошто е тоа така? Кој ѓавол ќе го знае?!
  • Господинот Петре Прличко, нашиот Перица, важеше џс еден од највредните актери – перфекционисти. Кога подготвуваше некоја улога, беше целиот внесен во таа подготовка и се друго околу него беше споредна работа. Пробите траеја по неколку месеци (денес тоа се само недели), стануваа здодевни, па честопати актерите изнаоѓаа разни начини да ги олабават, да здивнат.
  • Кај Перица тоа не поминуваше никако. За него пробата си е проба и ништо не смее да ја прекине. А и добро беа познати неговите реакции кога нешто ќе му го изместеше веќе воспоставениот редослед на пробата.
  • Јас го имав тоа задоволство да играм во претставата што се подготвуваше во чест на неговите педесет години како актер. По негов личен избор, почнавме да ја работиме „Собир“ од Марин Држиќ, во режија на Димитар Ќостаров, а негов асистент беше Бранко Ставрев. Јас го играв Мунуо, лик кој постојано се движи некако горе, кај рефлекторите, а кој го повикуваат, се симнува долу на сцената по едни морнарски скалила. Како и да е, пробите се одложија, а животот практично ми се одвиваше до Универзалната сала (каде што ја подготвувавме претставата), па назад дома и обратно.
  • Сакајќи малку да ги раздвижам своите колеги, на една од пробите зедов една кукла, ја облеков во мојот костим и без никој да ме види, се качив на своето место, меѓу рефлекторите, нели!?
  • Стрпливо чекав да дојде моментот кога викаат по мене и кога треба да слезам. Дојде и тој момент, повикаа „Мунуо!“ Наместо јас да се појавам, им ја фрлив куклата која буквално се залепи за подот. Немајќи време да сфатат што се случува, присутните ги обзеде паника: „Жив е! Не е жив! Не допирај ништо! Отиде човекот! Море, жив е! Море, не е жив!“
  • Во тоа општо пазарење околу тоа дали сум жив или не, го слушам Димитар Ќостаров како му вели на Бранко Ставрев: „Бранко, ова е пресилно!“ Додека пак, Перица беше избезумен! Не само што ете, можеби и некој е мртов, туку е прекината и пробата и тоа не било која проба, туку пробата за неговата претстава!
  • Нејсе. Конечно сфатија во што е работата и можев да се појавам, жив и здрав. Арно, ама Перица не сакаше ни да ме погледне, а не па да работи со мене! Беше лут, многу лут! И, не попушташе. Како и да е, успеавме некако да се договориме за наредната проба.
  • Колегите на Перица му имавме купено подарок по повод јубилејот, а бидејќи мене ми беше лут, решија токму јас да му го предадам, па притоа и да се смириме. Мене ми се чинеше дека е најзгодно тоа да го сторам додека тече пробата, зашто друг пат немав шанса да му се доближам.
  • И така, си тече работата се додека јас не му се доближив и правејќи движења што не се карактеристични за улогата, се обидував да му се обратам на Прличко. Тој, мислејќи дека повторно нешто изведувам, целиот се возбуди и бесно почна:„ Пак ли? Пак ли? Што е сега? Што?“ А кога почнав со „Друже Перица, во името на целиот колектив…“ тој наеднаш застана во „став мирно“, подготвен да ме ислуша. Не само што сите слатко се изнасмеавме, туку и конечно се смиривме!

Б. Н. Доневска

„Екран“, 1995 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *