Сутерен.мк

Викинзите во штрајк против Тесла

Најголемиот работнички синдикат во приватниот сектор во Норвешка порача дека ќе го спречи сиот транзит на возила од марката Тесла што се наменети за шведскиот пазар. Овој чекор е дел од сé помасовните протести на Нордијците, во знак на поддршка на механичарите за возилата од американската марка во Шведска.

Во меѓувреме, независно од најавата на норвешкиот синдикат, ПенсионДанмарк, еден од најголемите пензиски фондови во Шведска, јавуваат дека решиле да ги продадат своите акции во Тесла, поради тоа што американскиот производител на електрични возила одбива да потпише колективен работен договор со работничките синдикати.

Шведските синдикати, предводени од ИФ Метал, уште во октомври презедоа индустриска акција против Тесла, во обид да извршат притисок, за американската компанија да потпише колективен работен договор со механичарите што се задолжени да работат на возилата на Илон Маск.

Пристанишните работници во Шведска веќе извесно време одбиваат да ги растоварат возилата на Тесла што пристигаат со брод. Масовни групи на шведски електричари, хигиеничари, поштенски работници и засега еден добавувач на Тесла, исто така кажаа дека ќе престанат да ги нудат своите услуги за компанијата на Маск.

Норвешкиот синдикат Фелесфорбундет соопшти дека има намера да испрати „јасен сигнал до Тесла“ и ќе преземе сé што е потребно, за да осигура дека ќе биде запрена секаква испорака на возила од Норвешка за Шведска.
Во политиката на Тесла не се прифаќа потпишување колективни работни договори. Оттаму кажуваат дека вработените во Тесла веќе имаат добри или подобри услови од тие што ги бара шведскиот синдикат.

Нордиските работнички синдикати напоменуваат дека одбивањето на Тесла да игра според долго воспоставените норми во регионот, ги повредува достоинството и правата на работниците да преговараат за висина на плата, за годишен одмор, прекувремена работа и други услови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *