Сутерен.мк

Вистинската Светлост на Медена земја

Кон крајот на минатата година, на Фејсбук постирав една Вест која помина незабележано од домашните медиуми. Се работеше за изборот на 15 најквалитетни џез албуми за 2019 година според Bandcamp: доминантната глобална веб платформа за промоција на музички изданија. На листата се најдоа момците од скопскиот џез состав Светлост, со нивниот албум Odron Ritual Orchestra. Ги следев интензивно последниве година дена, одушевен од нивните живи свирки и континуираната желба/потреба/нагон да свират и експериментираат во различни постави. Албумот го снимија во 11-член состав, најчесто настапуваат како трио (саксофон, бас и тапани), но честопати соработуваат и со други млади и нешто постари џезери (на пример, со некои членови на Sethstat). Звукот кој континуирано го негуваат, усовршуваат и еволуираат може да се смести некаде на комплексната раскрсница помеѓу авангардниот џез, панкот, фанкот, лиричниот соул и сл. Значи, се работи за состав кој е уникатен кај нас, зашто ниту еден од постоечките џез групи (со мала резерва за Sethstat) не се обидел да се опроба во овој исклучително сложен микс на стилови. Иако од самиот почеток имав исклучително високо мислење за музиката на Светлост, сепак, дури и јас се изненадив откако дознав дека нивниот албум успеал да се најде на листата на Bandcamp, и тоа меѓу 15-те најдобри за 2019 година. Се изненадив, зашто ја следам џез музиката во светски рамки и многу добро знам со каква конкуренција Светлост се соочиле. Она од што не се изненадив беше фактот што ниту еден медиум (барем колку што мене ми е познато), освен ние неколкумина на Фејсбук не ја сподели оваа Вест. Намерно вест ја пишувам со голема буква, зашто ваков успех во областа на џез музиката на нашиве простори до сега се нема случено.


Од друга страна, со месеци, а особено последниве недели, се соочуваме со успехот на жанровски хибридниот филм Медена земја, кој, после бројните награди, дочека да биде номиниран за два Оскара. Филмот ја следи класичната траекторија на автостигматизација, карактеристична за голем број македонски филмови по 1991 година. Веројатно затоа и доживеа толку голем успех. Западниот свет ужива воајерски да голта балкански филмови во кои примитивизмот, дивјаштвото и нескротениот егзотицизам се кренати на максимум. Тоа се должи на традицијата на т.н. балканизам, концепт кој во постколонијалната теорија го воведе бугарската теоретичарка Марија Тодорова, а под големо и нескриено влијание од теоријата на ориентализмот на Едвард Саид.


За што конкретно се работи? Саид и Тодорова забележуваат дека поимите Ориент и Балкан повеќе претставуваат Западни конструкции со негативен предзнак, отколку имиња на географски региони. Тие се на специфичен начин конструирани и контекстуализирани од страна на доминантниот и експанзивниот западно-европски културно-колонизирачки светоглед, и тие не ја претставуваат вистинската слика/одраз за народите кои живеат во тие региони, туку се базираат врз создавање ригидни упростувања, стереотипи и предрасуди во однос на подредените, сиромашни и обесправени народи. Потоа, откако ќе се универзализираат, тие преминуваат во генерални и панапликативни белези на народите и регионите во кои тие живеат. Со други зборови, балканизмот и ориентализмот биле конструирани како своевидни оправдувања или нормализации за воената, политичката, економската и/или културната колонизација. Според Западниот човек, Балканецот, Арапот, Индијанецот, Абориџинот и Африканецот се неспособни да се грижат за самите себе, тие се недоволно цивилизирани, па затоа тука на сцена стапува „цивилизираниот“, „продуховениот“ и „софистицираниот“ Западен човек, чијашто „обврска и задача“ е да го припитоми дивјакот или „мајмунот“, како што своевремено биле нарекувани црнците во Африка. Всушност, Западниот колонизатор се чувствува повикан „да го поправи расипаниот начин на живот“ кој тие луѓе го практикуваат, зашто не може да се соочи, ниту да ја трпи нивната различност, освен ако таа не е престорена во физичка сила која треба да работи во негова корист. И во тоа е кваката: работата „ќе ги ослободи“ примитивните дивјаци, само доколку се соединат со истоста на колонизаторот. Според тоа, вокацијата на Западниот човек е да ја наметне (се разбира, и со сила ако треба) својата истост врз различноста, за која нема усет да ја разбере и прифати како таква, зашто доколку тоа го стори ќе нема никаква корист од неа. Колку повеќе успее во тоа, толку поуспешна ќе биде неговата колонизација, особено онаа со културен предзнак. Според тоа, балканизмот и ориентализмот, разбрани како логистичка поддршка на (пост)колонијализмот, имаа задача да го оправдаат натрапништвото и насилството на привилегираниот бел маж врз „нецивилизираниот“ дивјак, се разбира, со крајна цел експлоатација на работната сила и природните ресурси во Африка, Австралија, Америка, делови на Азија итн.


Зошто се овие теории сè уште актуелни? На местото на класичниот колонијализам, денес се соочуваме со културен и економски постколонијализам. Да не должам, приказната во основа е непроменета, само што, наместо територијална окупација, постколонијализмот цели кон создавање услови за политичка и економска зависност на сè уште недоволно развиените држави и народи. Тоа се спроведува со исти или слични методи на нивно претставување како неспособни за грижа за самите себе. Познат е примерот со еден од најзначајните филмови во светската кинематографија, немиот филм Раѓањето на една нација, во кој црнците по Граѓанската војна во САД се претставени како нескротливи дивјаци кои ги злоупотребуваат своите новостекнати права и се изживуваат врз белците: крадат, силуваат, убиваат… Кју Клукс Кланот, од друга страна, е претставен како ослободувачка паравоена секта, која се обидува да ги спаси белците од крволочните црнци и да ја поврати „загубената рамнотежа“. Многу добро знаеме дека вистината е далеку од ваквата претстава, но филмот служи како класичен пример за постколонијалистичка практика на дело. – „Добро, ние ве ослободивме, веќе не сте робови, ама внимавајте што правите, зашто раката на ‘правдата’ е долга.“ Тоа е пораката која филмот недвосмислено ја праќа.


Има мноштво слични примери од неодамнешната кинематографија. Мојот омилен е американскиот хорор Хостел, чиешто дејство се случува во Словачка и Чешка, каде што наводно царува т.н. „туризам на убивање“. Несреќни девојки и момчиња се грабнуваат, се носат на опскурни локации и потоа богаташи-садисти се изживуваат врз нив, за на крај да ги убијат. Филмот предизвика големи негодувања на властите во Словачка, зашто, според нив, нивната земја била претставена како неразвиена, сиромашна и некултурна, во која има многу криминал, војни и проституција. Словаците стравувале дека филмот ќе го наруши добриот имиџ на Словачка и дека ќе предизвика странците да мислат дека нивната земја е небезбедна за посетување. Меѓутоа, што му е гајле на режисерот на филмот, Илај Рот! Тој им возвратил, парафразирам: „Па добро, Американците не ни знаат дека таа земја воопшто постои, а и покрај филмот Маскрот со моторни пили во Тексас, луѓето сè уште го посетуваат Тексас.“ Многу лесно е стигмата да се фрли врз некоја случајно избрана земја од Централна Европа за која ништо не знаете, а потоа рацете да си ги избришете со наведување примери од најдоминантната филмска индустрија на планетава, која, се разбира, е имуна на стигматизации и на која ѝ припаѓате. Сугестивната моќ и историја на подвижните слики да создаваат негативни идентитети, цели наративи и стереотипи е голема, особено за места кои не ни се познати. Така, пред некој ден, во некои коментари на Фејсбук поврзани со филмот Медена земја, прочитав сведоштво на една госпоѓа која требала да оди за Молдавија, меѓутоа, откако изгледала два документарни филма за земјата, во кои таа е претставена како крајно небезбедна за посетување, се откажала од планот.


Ми се чини дека денес, барем кај нас, проблемот не е толку голем кога некој друг ве претставува на неверодостоен начин и ви лепи стереотипи како ќе му текне во моментот или во зависност од она што го бара филмскиот пазар, зашто тука малку што можете да сторите во врска со тоа. Таквите филмувани приказни Западниот привилегиран свет е навикнат да ги гледа за помалку развиените од себе: тој се храни од тој комплекс на нижа вредност, зашто во него наоѓа валидација на сопствениот комплекс на виша вредност. Поголемиот проблем е кога самите ние ги прифаќаме негативните стереотипи кои Западот веќе ни ги залепил, за потоа истите да ги пренагласуваме и да му ги враќаме во форма на филмувани автостигматизации. А најголемиот проблем е кога ние воопшто не сме ни свесни за тоа. Медена земја покажа дека и по 25 години сè уште не сме.


Трендот кај нас почна со Пред дождот, добитник на Златен лав во Венеција и номинација за Оскар за најдобар странски филм, и сега со Медена земја, која доби бројни награди и дури две номинации за Оскар. Бал-кан-кан, пак, во кој цел Балкан од нас самите беше претставен како „дивјачки рај“ на Земјата, беше најгледаниот филм кој излезе од Македонија. Тоа се премногу филмови од земја во која се снимаат малку филмови, за да се работи за случајности. Заклучокот е неизбежен: македонските филмаџии ја примија простата маркетиншка порака дека, доколку сакаат успех/гледаност, ќе треба да ја претстават земјава и/или целиот регион во што е можно попримитивно и вулгарно-егзотично светло, зашто на тој начин шансите за успех во голема мера се зголемуваат. Во Медена земја, на пример, гледаме како кокошки се шеткаат и истрчуваат од приколката/импровизираниот дом на соседите на Атиџе, децата си играат и се повредуваат меѓусебно, а мајката се заканува со тепање (нели, како „најсоодветна“ казна за таквото поведение на овие простори), гледаме како крави и волови се третираат на крајно нехуман начин, па дури и теле како бива влечено по земја, врзано за камион. А приказната за Атиџе (крајно скромна и сочувствителна жена која не бара повеќе од она малку што го има во животот и со што е среќна), иако побудува емпатија во однос на нејзиниот однос кон сопствената мајка и природата од која зема и враќа само онолку колку што ѝ треба, е обвиткана токму со оној вид на рурална идиличност и егзотичност, која странските гледачи сакаат од нас да ја видат. Илај Рот за едно нешто е во право: обичниот Американец воопшто не ни знае дека постои земја која се вика Македонија, а уште помалку што овде навистина се случува. Тој, во однос кон нас, е табула раса; тој нашите филмови, какви и да се, е научен да ги гледа како документарни, зашто други информации за нас до него не допираат. Ние, со нашите секојдневни проблеми од разновиден тип, кои кај нив се решени, едноставно не сме интересни, особено не сега, кога шоуто на Доналд Трамп владее со вестите 24/7. Ние сме интересни само кога ќе се претставиме како времето кај нас да застанало пред 150 години. Тогаш тој ќе го види она што, всушност, потајно сака да го види, а кое ние несебично и великодушно му го нудиме. Тогаш во неговата глава се вклучува сигналот за воајеризам, рецидивот од постколонијалниот менталитет со кој е израснат: да мисли дека „таму долу“ живеат оние Балканците, заробени во нивниот нерафиниран простаклук, примитивизам и егзотика.


Медена земја продолжи да му го дава на Западот, како што Милчо Манчевски пред некој ден на Фејсбук саркастично забележа, комплексот од нашето селско минато, без притоа воопшто да се подразмисли дека нашето идилично селско минато ние, на тој начин, го конзервираме и го мумифицираме како наша вечна сегашност и иднина. Дали е тоа навистина сè што сме способни да испорачаме?! Континуирано да нудиме увид во нашето перманентно минато, кое никако да го надраснеме и да го замениме со иднина?! Немаме други теми/приказни кои можеме да ги раскажеме?! Способни сме да ја нудиме само нашата замрзната селска идила/егзотика, спакувана токму на оној начин на кој развиениот Запад сака од нас да ја види?!


Не сакам да верувам во тоа и затоа овој текст не почна со Медена земја, а нема ни да заврши со неа. Џез составот Светлост не се „шлепа“ на македонската или регионалната традиционална музика, што досега беше универзалниот калауз за успех на нашите музичари кои се стекнаа со некоја поголема или помала популарност надвор од Балканот. (Тука повторно, но во помала мера, можат да се упатат слични забелешки како и за Медена земја, иако музиката ни одблизу ја нема сугестивната моќ која ја има филмот како уметност.) Тие континуирано и макотрпно го рафинираа својот автентичен звук, претходно свирејќи во други состави (Fighting Windmills, The Local Blue…) кои се потпираа на звуците на инструменталниот рок, пост рокот, стоунер рокот, психоделичниот рок и сл. Но мислам дека дури откако се соединија во Светлост и откако толку супериорно го измиксуваа хибридот од џез поджанрови во својот музички израз, станаа сила со која секој сегашен и иден џез состав во Македонија, а и пошироко, ќе треба да се бори. Притоа, нивните концерти и клупски свирки беа слабо посетени од домашната публика, а тие не бираа каде ќе свират или дали во публиката има десетина или стотина луѓе. Според зборовите на нивниот басист, Дени Омерагиќ, тие досега свиреле во радио студија, минијатурни културни домови, подруми, гаражи, кафеани, пред кафеани, покрај кафеани, покрај киосци што глумат дека се кафеани, но и во автобус на ЈСП. Ова последново ми е особено мило, и тоа од две причини. Прво, зашто се случи во рамките на настанот „Омнибустопија“, кој го организиравме Јордан Шишовски, Владимир Лукаш и јас, под заедничкото име на невладината организација Аксиома. И второ, што е побитно, свирката се случи дента откако нивниот албум си го најде своето заслужено место на листата на најквалитетни џез албуми за 2019 година, на глобално ниво, според Bandcamp. Притоа, никој за нив не навиваше и речиси никој ништо не извести за нивниот Успех. И покрај тоа што помина повеќе од еден месец откако листата на Bandcamp беше официјално објавена, тие продолжуваат да работат речиси во опскурност (со амбициозни планови за кои сè уште не смеам јавно да пишувам), во голема мера игнорирани од домашната публика и медиуми. А заслужуваат толку многу повеќе…


И што сега останува уште да се каже? Во ова девастирано општество има голем број различни инкарнации на Атиџе, чијшто животен пат (повторувам) особено го ценам и се надевам дека ќе доживее уште повеќе среќа во споредба со она што досега го доживеала со успехот на филмот. Меѓутоа, не смееме да заборавиме дека тој непокорлив дух можеме да го најдеме кај многу групи и поединци кај нас. Тој дух заслужува да биде соодветно претставен и не смее успехот на една страдалничка животна приказна да нè заслепи за успесите на некои други, кои остануваат незабележани, а очигледно не го заслужуваат тоа. И она што е најважно, би сакал во иднина да се обидеме приказните (какви и да се: филмски, музички, наративни…) да не ги обвиткуваме со патетичното руво на егзотиката, фолклорот и примитивноста, само затоа што сме забележале дека тоа е проверената формула за успех.

Вангел Ноневски е вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје (специјалност: ремикс култура/интерактивни уметности/современа филозофија). Сака да плива, да игра баскет, да слуша музика, да гледа филмови, да чита научна фантастика, да зборува за сето тоа, не сака студентите да му персираат и многу сака да губи време на Фејсбук.

5 thoughts on “Вистинската Светлост на Медена земја

  1. Што да се каже кога се’ е кажано со ова извонредно писание… дури и научив некои вистини.

  2. Одличен текст и многу интересен поглед на нештата!!!

  3. И така не разбрав дали станува збор за астигматизам или сепак е автостигматизам, во секој случај текстов е превише демократски и неолиберално звучи, макар и за вонреден професор или е редовен !??

  4. Вредносниот систем е тоа што Медена Земја го дава на светот, Сарказмот на тие истите кои го продаваа во минатото, е во најмала рака недоличен….или очигледно нивниот вредносен систем е изгубен. Колку и да е едноставен (“селски”), на вакви “патачи” по западните вредносни системи , патот им е отворен, повелете дојдете. Пасош во рака (а не со грантови од истите тие кои ве ставаат во културолшка матрица, и ви овозможуваат комотно живеење во Македонија) и бујрум, дојдете овде и докажете се.

  5. Ne mi cinese kako zracese celiot film Medena Zemja i ne mi cinese sto pokraj glavnata prikazna se od okolu negativno zraci i si mislev so toa sum eden od malkute. Me raduva sto citam eden vakov tekst bidejki vo Makedonija ima seuste pogledi koi gledaat edna losa reklama za Makedonija vo ovoj film. Milco Mancevski znae sepak vo negovite filmovi da prenese silna poraka koja e vo polza na Makedonija. Vo filmot Meden Zemja nema nesto takvo. Toa spored mene e pred se rezultat na padnatata samodoverba i samopocit na Makedoncite i na Makedonija kon samite sebe vo poslednite 15-20 godini bidejki mentalitetot i mentalniot sklop na Makedoncite e veke stana da gledaat samite kon sebe kako na nekoj so pomala vrednost. Takvo nesto e duri i opasno po opstanokot na makedonskata nacija i drzava.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *