Сутерен.мк

Кераца Висулчева: За Македонија, со љубов!

„Недоверлива сум, зашто луѓето погрешно ги сфаќаат зборовите. Особено кога се од устата на уметник. Културниот деец треба да има космополитски поглед на нештата, ама да е свесен за коренот и родот! Уметникот се расправа со космосот, но ретко кој има филозофски пристап на нештата, ретко кој сака да влезе во душата на еден творец, да го поддржи и разбере!“ – вели, оваа исклучителна академска сликарка

Преговорите со Кераца Висулчева за средба не се едноставни: таа е претпазлива и резервирана и „бариерата“ е тешко да се пробие. Кога конечно, ќе се согласи да се видиме, не пречекува со ликер и слатко од вишни. „По македонски“, ќе рече.

Вашиот новинар со Висулчева во нејзиниот дом во Скопје

Муабетот започнува лесно. Набрзо сфаќате дека станува збор за крајно импулсивна жена, која се однесува без специјални стратегии, директна, искрена до изненадување, а сепак, нејзиниот свет, колку и да ви го открива, останува само нејзин. Разговорот тече без никаков редослед, зборовите добиваат значење во нејзсиниот дом, кој е вистинска антикварница, а во кој таа совршено се вклопува.

Кераца Висулчева е родена на 7 април 1910 година, во село Нострам, Костурско, од старо и револуционерно македонско семејство. Легендата вели дека жителите на Нострам се потомци на ослепените Самоилови војници, кои се криеле по околните пештери и повремено оделе во селото да молат за малку храна. Затоа и денес го викаат „село на питачите“. Со време, војниците почнале да се женат со локалните моми и останале да живеат тука.

Нејзиниот татко, Никола Паскалев Висулчев бил главен епархиски советник, а мајка и Петрана – домаќинка. За време на Првата светска војна пред политичкиот притисок бегаат во Бугарија и се населуваат во Поморје, Каде кераца го завршува основното и средното образование. Не обѕирајќи се на конзервативната средеина, која го мерка секој збор и одлука, ниту на противењето на мајка и, се запишува на Државната ликовна академија во Софија. „мајка ми“, раскажува смеејќи се, „беше многу против тоа. Не можеше да сфати како тоа ќерка и ќе гледа голи мажи, па уште и ќе ги слика!? За среќа, татко ми секогаш совршено ме разбираше и со неговата поддршка и мојата тврдоглавост успеав да си го истерам своето! Потоа, кога ја завршив Академијата, а во весниците пишуваше за мене, беше горда на ќерка си. Зашто, иако беше неписмена, можеше да ’чита’: кога ќе го видеше моето лице и ’голите’, знаеше дека Софија зборува за нејзината Кераца.“


Талент и темперамент

Уште за време на студиите професорите го забележале талентот на Висулчева, но и нејзиниот темперамент – експлозивен, по малку див, некомформистички. „Никогаш не сум сакала да бидам ’удобен’ уметник. Постојано бев во конфликт зашто го кажував она што го мислам. Ако веќе имам сопствени раменици и на нив своја глава, како може да е поинаку!?“ Додека гестикулира живо со рацете и ги „одглумува“ ситуациите, сфаќате зошто колегите од Академијата ја нарекле Шехерезада.

За вториот прекар – Мара Бунева, „заслужни“ се убедувањата што татко и од најрано детство ќе и ги всади. „Ние дома зборувавме македонски јазик. Татко ми постојано нагласуваше дека сме Македонци и ништо друго! Во Софија се обидуваа да ме ’преобратат’, а јас дури не го научив ни бугарскиот како што треба.“ (Висулчева зборува со мешавина од современ македонски и бугарски јазик, кој го „пресекува“ со интервали на најчист стар македеонски дијалект од кој ви се наежува кожата, на кој се уште зборуваат постарите жители во егејскиот дел на Македонија и Преспа.)
“Мојот татко велеше дека Македонија е папокот на светот, на европската цивилизација и умре со болка во душата затоа што е распарчена. Како можам да ја изневерам таа негова идеја, како можам да си ја предадам сопствената земја!?“ Наеднаш во очите на оваа неверојатно витална деведесетгодишна жена заискруваат солзи…

„Си ја ’истерав’ еманципацијата уште во семејството, а во бракот само ја потврдив. Втор човек (третата личност битна за нејзиниот интелектуален развој е Кузман Чуланов од Смилево, тогашен директор на нејзината гимназија, нов.заб.) кој изврши големо влијание врз формирањето на мојата личност е книгата на Ото Вајнингер ’Пол и карактер’, а ја прочитав кога имав карактер, ама немав пол! ЦКога си го сфатив ’полот’ ми беше лесно во светот на мажите.“

Сликарката уште како студентка ќе се омажи за колегата Стефан Дикиџиев, со кого во 1932 година ќе го добие првиот син Ѕвездомир, а во 1942 – ра и вториот – Петар (едниот син е архитект и живее во Њујорк, а другиот е физичар и е во Софија, Бугарија.) Не грижејќи се за светот кој не ги поднесува жените кои пркосат и не прифаќајќи го статусот на „сопруга на тој и тој“, а уште помалку условувањето со „смирување“ на духот и посветување на „домаќинлакот“, прави уште еден чекор недопустлив за тоа време: „Сопругот бараше да го земам неговото презиме. Му кажав дека моите слики ќе си ги потпишувам со моето презиме. Нека си слика и нека си го става неговото на своите слики.“ Поради слични недоразбирања се разведуваат веднаш после раѓањето на петар. Всушност, Кераца била премногу жена за еден просечен маж.


Кралица на пастелот

Кераца Висулчева ја завршува Академијата во 1935 година, кога е прогласена за најдобар студент во генерацијата, за „кралица на пастелот“ и ја добива наградата од фондот на Ана Бешевалиева. Во 1940 година завршува специјализација по сликарство. Веднаш потоа доаѓа во Скопје и работи како професор во Женската гимназија. Во тој период учествува во три колективни изложби и другарува со Никола Мартиновски за кого ќе рече: „Беше многу благороден човек!“

Во 1944 година се враќа во Бугарија и продолжува со своето творештво. Нејзините портрети, актови, сликани во масло на платно, ќе бидат наградувани со први награди на колективни изложби и конкурси во Франција (каде што извесно време и ќе работи), Белгија, Италија… Нејзините слики се високо оценувани од најголемите светски критичари заради магичната едноставност, пораките што се чувствуваат, психолошкиот израз…

Ја величаат сите (дури и грчките уметници ќе се обидат да ја прогласат за Гркинка заради дарбата, се разбира), добива покана и од англиската кралица Елизабета да ја посети, но нејзиниот идеализам, нејзината македонска самосвест која не прифаќа да ја нарекуваат никако поинаку, освен Македонка и „тодорживковиот“ режим, полека ја исклучуваат од културниот живот на тогашна Бугарија. Нејзиниот патриотизам и непокорност ќе доведе до тоа никогаш во Бугарија да нема самостојна изложба. „Ниту пак, сакав!“ – категорична е Висулчева.

Во 1995 година животната желба на сликарката се исполнува: доаѓа за трајно да остане во Македонија. Првата македонска сликарка со високо образование на државата ќе и остави околу 300 уметнички дела, создавани во текот на 70 години. Нејзината ретроспективна изложба моментно е одложена на неопределено време – поради технички проблеми.

Желба и е нејзините дела да бидат трајно изложени во Домот на културата во Ресен зашто, вели, тој простор е најсоодветен, а и градот е најблиску до нејзиното родно место. На прашањето зошто не ги оставила сликите на своите синови, одговара: „Тие ќе го избереа најдоброто, а тогаш што ќе му оставев на човештвото!? Човештвото преку мојата татковина, го заслужува најдоброто!“


Патриотизмот е пламен

Разговорот со оваа строга интелектуалка нема крај. Нејзе, се чини, ништо не може да ја замори. Толку многу спомени, толку многу настани, немир и достоинство… Таа е современик на еден Бакуњин, Јаворов, го памети убиството на Тодор Александров… Рецитира стихови од Едгар Алан По, восхитено ги опишува сликите на Рембрант, на Да Винчи и не пропушта прилика да вметне некој збор на својот татко: „Тој е мојот идол! Толку многу ја сакаше Македонија, толку многу страдаше заради неа! Тој беше убеден, исто како што сум и јас, дека еден ден Македонија ќе биде повторно обединета! Ме чуди што повеќето луѓе патриотизмот го изедначуваат со политика!? Патриотизмот е како и талентот – пламен. И грев е на човека тој да му се оспори. Татко ми го знаеше тоа и затоа се сум му посветила нему! Затоа што ми овозможи и дозволи да бидам ова што сум!“

Ја оставаме госпоѓа Кераца Висулчева во нејзиниот стан, кој е целиот всушност, музеј од вредни ракотворби, а само една соба – ателје. Се уште твори со истата преданост и жар. На крајот, испраќајќи не, чиниш онака, попатно ќе каже:

„Минав низ многу маки во животот, но не ми е жал – само живот низ тешкотии и без компромиси може да го извади она најдоброто од човека. Треба да се донесе одлука – дали ќе живееш во постојан страв и покорност или ќе кажеш гласно што сакаш без оглед на последиците! Дали ќе бидеш прогресивен или регресивен! На талентираниот човек постојано му стои заканата дека колективно ќе го убијат. Но тоа најчесто не им успева!“


Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година

One thought on “Кераца Висулчева: За Македонија, со љубов!

  1. Прекрасен Винтиџ. Научив многу за Кераца Висулчева: За Македонија, со љубов! „За нејзиниот говор кој ‘пресекува’ со интервали на најчист стар македонски дијалект“, „Премногу жена за еден просечен маж“, „Кралица на пастелот“, „Прва македонска сликарка со високо образование која на државата и остави околу 300 уметнички дела создавани во текот на 70 години“, Татко ѝ „Нејзиниот идол!
    Благодарам, Сутерен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *