Сутерен.мк

Во Нигер притворени 180 члена на поранешната влада

Новите воени владетели во Нигер, кои минатата недела ја преземаа власта со државен удар, притвориле најмалку 180 членови на демократски избраната власт, објави вчера Нигериската партија за демократија и социјализам (ПНДС)

Меѓу притворените се министерот за енергетика Махамане Сани Махамаду, министерот за рударство Усеини Хадизатоу, министерот за внатрешни работи Хама Адаму Сулеј, министерот за сообраќај Умару Малам Алма и неговиот заменик Кала Мутари, како и претседателот на до неодамна владејачката партија Фумакоје Гадо, соопшти ПНДС.

Во соопштението се наведува дека апсењата се доказ за „репресивното, диктаторско и незаконско однесување“. Европската Унија вчера ги осуди апсењата кои ги спроведува воената хунта и побара ослободување на членовите на поранешната влада. „ЕУ го осудува апсењето на министрите и високите функционери на владата на претседателот Мохамед Базум од страна на пучистите“, порача шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел на Твитер.

„Повикуваме на нивно ослободување“, додаде Борел.

Во средата офицери на елитната единица на Омар Тчијани објавија дека претседателот Базум повеќе не е на власт, а Тчијани во петокот се прогласи за нов владетел. Пучистите потоа го суспендираа уставот на западноафриканската земја и ги распуштија институциите.

Воениот удар го осудија бројни западни земји, меѓу кои ЕУ, САД, како и Економската заедница на западноафриканските држави ЕКОВАС. Заедницата побара „моментално ослободување“ на претседателот Базум и „целосно враќање на уставниот поредок“.

Доколку не се исполнат барањата „во рок од седум дена“, ЕКОВАС „ќе преземе нужни мерки“ кои можат да вклучуваат употреба на сила, се наведува. Регионалната организација одлучи и да ги „прекине сите трговски и финансиски врски“ на своите членки со Нигер и да го замрзне имотот „на воените лидери вмешани во државниот удар“.

Нигер е земја со 20 милиони жители која е една од најсиромашните во светот и покрај залихите на ураниум. Земјата е поранешна француска колонија.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *