Сутерен.мк

Да се остане заедно

Поумните од нас веќе докажаа дека разводот е меѓу највознемирувачките случки во животот. Постресна е само смртта на брачниот другар или многу млада личност од потесното семејство. Личната болест, тешката повреда, отказот, банкротот, рангирани се како помалку стресни. За возрасните, но и за нивните деца. Неизвесноста што ја најавува разводот за детето може да биде неиздржлива. Промените што ќе следат значат селидба, ново училиште, пад на животниот стандард… Емотивно, ќе треба да се борат со чувството на напуштеност, срам, но и со она на вина, убедени дека на некој начин или дури и целосно, тие се одговорни за разделбата на родителите. Прилагодувањето може да трае со години и без разлика на квалитетот на процесот, последици секако ќе има.

Сите сме согласни дека кога јазот меѓу брачните другари е толку голем што нема никакво навестување дека може да се премости, најдобра е разделбата, но таа заради заштита на најслабите, најзависните од нас, треба да се изведе што поразумно. Не скришно, туку смирено. Без понижување и достоинствено. Без театралности, но сочуствително. Потоа, кон тие деца, однесувањето треба да биде како кон заеднички најскапоцен проект – кого го почитувате, поддржувате, обожувате. Да комуницирате и по разидувањето како најдобри пријатели, како партнери во животна инвестиција, како двајца чувари на капка вода на дланка.

Angry family getting a divorce

Сепак, пред овој финален рез, пред тоталното збогување со сопственото семејство, добро е да ги исцрпиме сите залихи на желбата да се остане заедно. Да се прашаме зошто толку безгрижно ги забораваме заклетвите, ветувањата, обврските?! Дали себично не се обѕираме на туѓите потреби, на оние на нашите деца, пред се!? Зошто толку ефтино, толку брзо ги трошиме брачните партнери, кои би требало да ни траат цел живот!? Можно ли е безобѕирно да ја расфрламе љубовта што сме ја дале, добиле!? Од која причина толку расипнички газиме врз гордоста која некогаш не воодушевувала!?

Обидете се макар и за последен пат, да го разберете партнерот и неговите потреби. Потсетете се зошто воопшто сте го формирале бракот! Па тоа чудо од мал човек што ви се вртка низ куќа не е создадено од омраза, нели!?
И, она: „ама јас веќе НЕ го / ја сакам“, не е аргумент во никој случај! Многу поважно е брачниот другар да ви се допаѓа, отколку да го сакате!

Страста брзо поминува, допаѓањето е за цел живот…

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *