Сутерен.мк

Девојчињата ни се сѐ потажни

На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа презентација на националните наоди од истражувањето спроведено во 2022 година во рамки на меѓународната лонгитудинална ХБСЦ Студија Однесувања поврзани со здравјето кај деца на училишна возраст (11, 13 и 15 г.), која кај нас се спроведува веќе 20 години.

Загрижувачки е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња во Македонија, слично со широко застапениот тренд низ Европа и Централна Азија. И кај нас, со возраста расте преваленцијата на нарушувања на менталното здравје на младите од 11 до 15 години, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.

Наодите се алармантни. Дури 57 птсто од девојчињата на 15 години во нашата земја пријавиле чести нерасположенија речиси секојдневно во последните шест месеци. Од психосоматски тегоби како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.

И задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности помеѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и условите во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.

Високи родови нееднаквости, низ повеќе истражувачки циклуси се забележуваат и во сексуалните искуства на младите на 15 години од Македонија. Триесет отсто од момчињата наспроти пет проценти од девојчињата (во просек) пријавиле дека се сексуално активни на таа возраст. Од друга страна, во демократски развиените земји каде што се спроведува Студијата, меѓуродови разлики речиси нема, а се забележува и бавен, но сигурен пад на сексуалните искуства меѓу младите.

Во поглед на ризичните однесувања на младите, типични за адолесцентниот период, како што се пиењето, пушењето цигари, тепачките и проблематичното користење на социјалните медиуми, се забележува растечки тренд со возраста. Меѓуродовите разлики се видливи во различните стратегии на момчињата и девојчињата за справување со притисоците – повеќе момчињата учествуваат во тепачки, а пак девојчињата повеќе се ангажираат во проблематично користење на социјалните медиуми.

Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст во изминатите 12 месеци се чувствувало толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.

По повод овие наоди и пораките на младите до родителите, наставниците и политичарите се јасни:

„Важно ни е родителите да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование“ – средношколците Алтина и Даријан ги пренесоа заклучоците од работилницата со нивни врсници за резултатите од истражувањето, на 20-годишниот јубилеј од спроведувањето на студијата ХБСЦ во Македонија.

Ранливоста расте со возраста, наспроти поддршката од семејстово, родителите и наставниците, која опаѓа токму кон повозрасните, особено кон девојчињата кон кои е најниска, токму кога им е најпотребна.

Студијата ХБСЦ открива и многу други скриени групи ранливи деца, како што се децата со хронични болести, со поинаков родов и сексуален идентитет, децата и младите засегнати од малтретирање, сајбер малтретирање, емоционално и сексуално злоставување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *