Сутерен.мк

Денот на Св. Климент Охридски

Со низа настани денеска во земјава ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски, и патронен празник на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Во Собранието на Македонија ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност.

Согласно одлуката на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2023 година, годинашен добитник за остварување во областа на воспитанието и образованието е проф. д-р Рабије Мурати, универзитетски професор, а за остварување во областа на културата и уметноста е филмскиот режисер Антонио Митриќески.

Владата на Македонија, под мотото „Свети Климент Охридски, извор на нашата духовност и образование”, со пригоден настан ќе го одбележи државниот празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски. Централниот настан за одбележување на празникот ќе се одржи во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Одбележувањето на државниот празник започна во 10:45 часот, со положување цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на платото пред НУБ „Свети Климент Охридски“. Владината делегација ја предводи претседателот на Владата на Македонија, Димитар Ковачевски, а во состав на делегацијата се Викторија Аврамовска Мадиќ, заменик-министерка за правда и Беким Реџепи, заменик-министер за транспорт и врски.

Во 11:00 часот во НУБ „ Свети Климент Охридски“, започна свечениот настан за одбележување на државниот празник, на кој се обрати премиерот Ковачевски.

МПЦ-ОА со празнични богослужби го одбележува својот патрон. Празнувањата почнаа во изминатите денови, а продолжуваат денеска со божествени литургии во храмовите. Во Скопје има едноцрквие во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ каде се одржува архиерејска литургија на која чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.

Денешниот ден е прогласен за дражвен празник и е неработен ден за сите граѓани на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *