Добитник на овогодинешната награда на Редакција „Вечер“, „Златна маска“, што се доделува во рамките на фестивалот „Охридско лето“ е дваесетиседумгодишниот актер од скопскиот Драмски театар, за улогите во претставите „Македонија 2001“ (на Иван Поповски) и за ликот на Војдан во „Тетовирани души“ (на Сашо Миленковски).
За време на разговорот е видно расположен, особено внимание привлекува белегзијата на неговата рака со гравирана мантра за среќа, здравје и љубов, подарок од добра пријателка. Понекогаш вели, им ја позајмува на пријателите за да ја подели со нив среќата. А тој тврди, во моментов е многу среќен:
– Гледам дека луѓево не се среќни, но јас навистина добро се чувствувам. Се е некако на стаклени нозе, а јас пак, толку сум некако сигурен. Можеби за среќа е потребно длабоко копање. Знаеш, се да се преора и да се почне од почеток. Мислам дека нашата земја, сите ние, сме подготвени за едно добро преорување. Навистина ми е убаво.
- Да не е Дејан вљубен?
– Нееее! Што не значи дека нема да се вљубам наскоро. Тоа е една од работите кои доаѓаат, а кои не можеш да ги бараш. Ќе те плесне или не! Меѓутоа, не мислам дека љубовта е секогаш причина за радост. Љубовта може да биде болна и деструктивна. Може да донесе многу несреќа. Човек се чувствува добро кога може да одговори на прашањата. Немам вистински решенија, но имам одговор на прашањата: кај сум, зошто сум, со кого сум…
- И, каде сте?
– Никаде. Ни на небо, ни на земја. Актер. Немам илузија кон сопствениот статус и тоа е добро. Значи, не се занесувам дека сум на некое друго место и некој друг. Немам лажен оптимизам дека ќе биде подобро. Гледам кој сум и што можам. Што ќе рече, една дефинирана состојба.
Оваа сезона воопшто не размислував за суетата. Мислам дека ми се случи зрелост, театарска, професионална што за мене е еднакво на театарско осознавање. Постојано зборуваме дека ние, театарските луѓе сме тука за да ја кажеме вистината, да ги кажеме нештата со вистински зборови, но тоа најчесто не е така. Никогаш порано не сум се трудел толку да дадам се од себе. Да бидам искрен на сцената до крај!
- Нели е тоа болно, нели е така потешко излегувањето од ликовите?
– Моето интимно чувство се вклопи со проектите што ги работев. И во „Диво месо“ и во „Тетовирани души“ и во „Маседоан…“ Таа искреност е многу болна. Кога го живееш она што го играш. Тоа е сечење на живо. Вадење на живо месо. Меѓутоа, немам проблем со излегувањето од ликовите иако, навистина ги живеев. Тоа се претстави што никогаш нема да ги заборавам!
- Што е она што најмногу ве фасцинира кај Горан Стефановски?
– Горан е голем фраер. Еден од најголемите! Ме фасцинира тоа што вели дека мора да се биде конкретен: сакаш или не! Еднаш мора да се стегнат забите, да се удри на маса и да се рече: ова сакам! Вака сакам! Кажи и стави крај! Речи, доста беше!
Тоа што го напиша Горан Стефановски пред дваесет години и сега се покажува како точно. Дека еднаш, барем еднаш, мора да се крене главата, да се соберат веѓите, да се намуртиш и да ставиш точка!
- Имавте ли трема од него кога ги гледаше претставите?
– Не. Со него имаме добра релација, често комуницираме. Веројатно затоа и немав трема.
- Како го доживувате Војдан?
– Како човек кој го бара својот идентитет. Го бара коренот на своето постоење, стеблото на животот. Војдан е интелигентно момче, завршил факултет, знае што сака, одлично се снаоѓа… Тој е човек кој не сака да има илузии, кој сака да биде на чисто со работите. Мора да се расчистат нештата, оти кога – тогаш тие ќе испливаат на површината, а потоа тешко се справува со нив.
- Во „Маседоан…“ го глумевте Александар Македонски. Што мислите за него?
– Според историските податоци тој бил нормален. Бил сосема обичен кој ете, направил многу необични и величествени нешта. Му се восхитувам на ораторството.
- Колку се сменија нештата по „Златната маска“?
– Многу луѓе кога ќе добиеш награда го менуваат односот кон тебе. Постојано се заборава дека наградата не додава нова вијуга или нова нога, па сега јас побрзо трчам од тебе! Наградите се добри. Во Охрид мислам дека изигравме особено добри ппретстави, со извонредна енергија, прецизност. Можеби затоа и дојдоа наградите. Зашто бевме искрени и со огромна љубов ги реализиравме.
Секогаш постои награда за правдина, но и награда за неправдина. Постои рамнотежа во светот. Тоа е факт и непобитна вистина. Почестен сум од Златната маска, но јас верувам дека делата што се прават добиваат надоместок. Можеби нема да добиеш театарска награда, но сепак, еден ден ќе ти се врати со нешто. Лошото со лошо, доброто со добро. Кој како заслужил.
- Религиозност ли е тоа или…?
– Мислам дека не. Се крстам, ги почитувам храмовите, обичаите, но не зборувам овде за онаа „класична“ религиозност. Човек мора да има верба. Јас сум повеќе на она мислење дека ние сите заедно, како луѓе од целата планета, без разлика на која нација припаѓаме, сме дел од некој голем план, од некоја огромна цел.
Знам само едно – никои одлуки не се случајни, ништо не се случува за џабе.
- Ако актерите имаат илјада лица, кое е вистинското на Дејан Лилиќ?
– Актерите се етикетирани како алкохоличари, наркомани, женкари, хомосексуалци… Значи обележани со сите пороци. Понатаму, препотентни, егоисти, самобендисани… Еве, да направиме анкета меѓу 99 професии за исти прашања. Биди сигурна дека актерите ќе ти одговорат најискрено. Затоа што во оваа професија не можеш да лажеш. Мораш или да се внесеш или не. Нема фолирање.
Знам дека ќе речат: „Ајде, пушти го, глумец!“ Ама не е така. Колку многу актери има надвор од професијава!? Ееее! Вистинското лице!? Кој сум јас? Никој и ништо. Ова е само позајмено време кое треба да се искористи најдобро што знаеш и умееш. Ние сме толку мали, а толку големи. Толку многу можеме, а сепак, толку многу сме беспомошни.
Еден ден некој ќе дознае зошто сме биле присутни на земјава. Дотогаш, бидете им предани на професиите што сте ги одбрале, сакајте и луѓето, љубете се и обидете се да им го направите светот подобар барем, на тие кои до вас!
Бранка Н. Доневска
„Вечер“, 2001 година