Сутерен.мк

Флора Кадриу: Спротиставена на догмите

Кога ќе ѕирнете во портфолиото на Флора Кадриу и особено, кога ќе ја запознаете, најмалку што ќе можете да кажете за неа е дека е несекојдневна личност. Погледнато од секој агол. Во брак ќе стапи многу млада со Орхан Кадриу, инспициент во Албанскиот театар, со кого е 27 години заедно, а на 18 години го раѓа првото дете.

Тоа не ја спречува да дипломира на Педагошкиот факултет во Скопје ( а подоцна и да магистрира на Факултетот за јавна администрација и политички науки при “ЈИЕУ”) ниту пак, да стане една од (тогаш) ретките Албанки – актерки.

Во разбивањето на стереотипите секако, подршка најмногу добива(ла) од родителите и сопругот и кога од театарските штици успешно ќе се префрли на оние, собраниските. Навлезена денес во политичките води, обврските и се толку бројни што вели, денот и е прекус. Па така, на пасиите како скијањето и пливањето сега им се навраќа само за време на годишните одмори, а секој слободен миг што може да го зграби им го посветува на најблиските.

Се обидува барем половина час дневно да одвои за читање и да не пропушти ни еден значаен миг во животот со семејството и пријателите без да го забележи на фотографија. Пријателството и е императив во животот и смета дека туѓите приказни треба да се слушаат особено, оние на жените. Флора Кадриу е срдечна, отворена и речита, но знае и да сослуша и разбере. Најмногу сепак, признава, ја слуша својата внука – Фиона.

  • Кога човек ве гледа тешко му е да поверува дека сте веќе и баба. Како се справувате со тој факт?

– Нема поголема радост отколку да доживеете да бидете баба и тоа во релативно помлади години.Честопати се соочувам со зачудувачки реакции на луѓето во моменти кога дознаваат дека сум баба и притоа ми упатуваат комплименти, што мора да признаам, ми годат.

Вистина е дека ретко се среќаваат млади баби, но јас и многу млада се омажив. Непроценливо е чувството зашто само една прегратка на мојата внука вреди повеќе од најголемото богатство на светот. Насмевката е украсот на нејзиното прекрасно лице и претставува нејзин заштитен знак. Сините очи кои ги има наследено од мајка си и даваат продорен поглед кој мами, повикува и кој е доволен за да го снема сиот мој замор и стрес.

Можам цел ден да зборувам за Фиона… Се надевам дека многу бргу ќе бидам баба и на друго внуче. Велат дека љубовта кон децата и внуците е како роза и дека таа ˘убов со секој одминат ден расте и расте…. Е па таква е мојата лубов кон внука ми Фиона, син ми Леон и ќерка ми Леонора.

  • Се чини како да посветувате многу внимание на надворешниот изглед. Помага ли во кариерата?

– За жената е многу важно да е средена, но тоа е дел и од домашната култура. Мајка ми, на пример, секогаш ми велеше дека кога косата и ноктите се средени, се друго подобро изгледа. За жал, со ова динамично темпо на живеење, речиси е невозможно да издвојам доволно време за себе. Не одам по козметички салони, но затоа пак, многу често го посетувам фризерскиот салон “Сена”.

Инаку, претпочитам домашна нега со мед, маслиново масло, лимон, квасец … Пријатната надворешност помага во кариерата, но сметам дека пријатната внатрешност на личноста многу повеќе визуелно зрачи. Стилот го истакнува карактерот, но при купувањето гардероба цената не треба да е пресудна, особено не за негово формирање. Лично ги обожавам потпетиците.

Умереноста е моето мото за многу работи. А вистински благодет е да не имитираш никого, да ја имаш својата автентичност и никогаш да не се обидеш да бидеш поинаква од што си. Мојата предност е што сум оригинална, апсолутно своја.

  • Станавте актерка во време кога оваа професија и не беше баш популарен избор. Зошто?

– Љубовта кон личностите од областа на драмската уметност, но и кон мајка ми, која исто така беше актерка и кон сопругот судбински влијаеа за тоа. Вработувањето во театарот беше тежок предизвик, ама не згрешив, зашто таму можев да ги задоволам моите автентични критериуми – градење вредности во рамките на уметноста, но и естетика која излегува од рамките на она што е секојдневно и монотоно.

Во Албанскиот театар постоеше недостиг од женски кадар, заради тврдиот, традиционален и конзервативен начин на воспитување и жените ретко се осмелуваа да застанат пред публика. Во 1989-та се пријавив на конкурсот и првото официјално искуство ми беше улогата на езерската вила во претставата “Тајни седенки”, во режија на Бранко Брезовац. Тоа многу ме охрабри и во театарот се задржав до 2005-та и бев една од носителките на женските улоги.

  • Ви недостасува ли театарот или, политичката сцена достојно го заменува?

– Страста кон театарот се уште ми е непоматена. Велат дека за да бидеш актер треба да бидеш привилегиран од Господ и горда сум доколку јас сум една од привилегираните суштества на оваа планета. Во опкружување каде што доминира опседнатоста на блиските со културните вредности, логично е дека “напуштањето” на штиците што значат живот не е воопшто лесно. Театарот беше мојот втор дом, одев уште од малечка со мајка ми на проби, премиери и во сеќавањата секогаш ми е врежана неговата миризба.

Не можам да кажам дека вклучувањето во политиката значеше и прекин со претходниот живот. Одењето во театар потоа ми беше тажно. Од силното чувство, потреба да сум на сцена, да дадам своја креација, заплакав на една премиера, чувствувајќи голем немир. Се разбира дека на моменти ми недостасува боемскиот живот, но и сцената што овозможува празнење на негативната енергија која континуирано се акумулира: тоа спиритуално и емоционално празнење кое реално олеснува.

Знаете како, театарските актери се носители на драмските дејствија и своите улоги ги менуваат од еден драмски проект во друг, додека висктинските носители на политички дејствија и процеси се „актерите зад кулисите“, а не оние кои доминираат на политичката сцена. Можеби тоа што и двете професии се тесно врзани со публика ми ја олесни „адаптацијата“ зашто и театарот и политиката се „играат“ пред очите на јавноста и значат живот.

Времето наметнува нови игри, а со тоа и потреба за нови, поенергични и подинамични играчи, па свесна сум дека и во политиката никој не е вечен и незаменлив. За мене најважно е со голема посветеност и одговорност, но пред се со човечки пристап кон работата, колегите и другите вработени да оставам белег во професијата со која се занимавам.

  • Како влеговте во политиката?

– Дебатите за политичките случувања беа присутни во нашиот дом од кога паметам. Од мојот почитуван татко научив дека одбранувањето на тезите потребно е секогаш да биде базирано врз факти и аргументи и истовремено од него научив да формирам критичко мислење, да бидам прагматична и рационална секогаш спротиставувајќи им се на догмите.

Родителите ме научија на смелост, да се спротивставам на прастарата емоција – стравот , да ја зачувам автентичноста и да бидам поинаква од другите. Ме воспитуваа за стремежот кон идеалната правда и затоа никогаш не се откажувам од тоа дека правдата е бавна, но секогаш доаѓа. Заради нив знам дека во животот е потребно да се надеваме , односно да копнееме за остварување на нашите желби како сеопфатен дискурс кој не обележува како единки и кој е суштествен сегмент на нашиот ментален и емоционален склоп.

“Надежта е сонот на будните”, вели Аристотел. И јас секогаш будно сонувам ! И како во домино – ефектот ми се случи политиката . . . Незадоволна од состојбата во областа на културата за Албанците во нашето општество, од рестриктивните можности за создавање, развивање, презентирање и размена на културни вредности, од нефункционалното и непрофесионалното менаџирање на Албанскиот театар, решив активно да се занимавам со политиката свесна дека измените можат да се постигнат само по политички пат.

За жал, мора да констатирам дека во земјава политиката длабоко навлезе во сите пори на општеството и дека нејзината импликација во општествените сегменти се уште продолжува. Сакајќи да придонесам во деполитизацијата и департизацијата на културните институции започнав да се занимавам со поголеми прашања, со секојдневните проблеми на граѓаните…

  • Како ќе се сменат нештата, кога веќе и зборот политичар стана навредлив?

– Цврсто верувам дека не е се загубено инаку, сигурно не би била таму кај што сум. Точно е дека политиката денес и овде е претворена во навредлива професија и тоа благодарејќи им на дел од моите колеги. Сепак, секогаш постојат исклучоци и политичари кои ќе се согласат со мојот став дека се потребни аргументирани настапи и спорења на определени политики и одлуки одбегнувајќи ја употребата на навредлива реторика во однос на личноста, семејството, националноста, полот или професијата.

Лично, се залагам за политичка суштинска, квалитетна расправа но, во недостиг на аргументи колегите знаат да употребат огорчени зборови со единствена цел: да го деградираат и девалвираат опонентниот соговорник. Токму затоа ваквите говори оставаат впечаток на горчина, острина па дури и цинизам. Меѓутоа, тоа е пред се, нивна лична дискредитација пред широката јавност и таквите грешки скапо ги наплаќаат пред електоратот, нивните гласачи и сограѓани.

Преку ноќ не се менуваат работите. За мене мотив се личностите кои умеат да го надминат концептот на партиски интерес, а со тоа самосвесно да се надминат и себеси и да го постават на пиедестал концептот на интерес за севкупно јавно добро. Убедена сум дека бавно, но сигурно нашата политика ќе ја добие својата вистинска смисла и значење како една креативна професија, токму со личности кои се активни, слободни, еманципирани, одлучни, смели, без комплекси и предрасуди.

На политичката сцена во Македонија недостига токму вплотување на веќе стекнатото политичко искуство со енергична и динамична младина.

  • До кога ќе живееме во свет во кој со нас, треба некој да владее, а не да биде одговорен за своите постапки од местото, на кое е избран од граѓаните?

– Се додека во нашата држава недостига конституционализмот кој подразбира ограничена власт, согласност на управуваните, постоење на повисок закон, заштита на човековите права и владеење на правото, се дотогаш ќе постои гола моќ или лична власт и самовластие.

За жал, ние реално живееме во свет на власт која е неподложна на контрола и секако тоа е на штета на граѓаните, нивните права, слободи, интереси, имоти, среќа, иднина, а понекогаш и со понижување на човечкото достоинство, ум и интелект, чувство за чест.

Значи, за правилен и плодоносен политички облик на заеднички живот на луѓето во нивната политичка заедница т.е. држава потребна е демократија со суштествена уставност и владеење на правото при што и односот на институциите и уставот мора да бидат демократски, а оној кој владее мора да биде одговорен за своите постапки пред граѓаните бидејќи е избран со нивна волја преку непосредни избори.

  • Постојано зборуваме за влез во Европската заедница, но колку сме реално подготвени за таму?

– Мора да признаеме дека владеачката гарнитура е подготвена повеќе декларативно отколку реално. Крахирањето и секојдневните гафови во меѓународната дипломатска политика дополнително ја отежнуваат и онака слабата позиција на Македонија на надворешен план. Потребата за воспоставување на меѓуетничка кохезија се уште тлее, а со тоа и развојот на консезуалната демократија и зацврстувањето на мултиетничката коегзистенција на внатрешен план.

И покрај сите инвестиции во општествените сегменти, реформите стагнираат и не може да се пофалиме со квалитетна, стручна и професионална државна и јавна администрација, со независно и деполитизирано судство, со успешна децентрализација, со ефикасен претставнички дом кој има развиена контролна и надзорна улога или пак со слобода на говор и изразување. Затоа, сметам дека Македонија само искажува волја да биде дел од Европската цивилизација, а реално е многу далеку од Европа, нејзините институции и стандарди.

  • Во каква Македонија живееме?

– Во Македонија без одржлив дијалог чија цел треба да е вложување во духот на заедништвото и колективниот напор за победа, каде недостасува нормалната кохабитација помеѓу власта и опозицијата потребна за градење на политички консензус. Во Македонија во која постои деформираност на власта, при што нејзините институции функционираат со улични поведенија, без стабилни департизирани и деполитизирани државни институции, органи и регулативни тела кои претставуваат основа за развој на функционалната демократија.

Во Македонија без почитување на системот на вредности и заслуги, преполна со стереотипи и предрасуди и без почит кон традиционални, морални и законски вредности, што ги поставуваат границите на индивидуалното и колективното однесување во средината на живеење.

Македонија каде етничките, религиските, културните диверзитети не се сметаат за богатство и во која доминираат манипулациите со минатото и “патриотската” агенда на Владата која инсистирајќи на кампањи за промоција на “антиквизацијата” ги експлоатира историските вредности при што евроинтеграцијата и спречувањето на можна изолираност на земјата не се поставува повеќе како приоритет. Посакувам да живеам во Македонија целосно споротивна од оваа во реалноста, со еден збор во вистинска Европска Македонија.

  • Верувам со жени во, а не на маргините на јавниот живот?

– Секако… Структурата на Собранието има висок процент на жени пратенички, но факт е дека нема коректна опфатеност на жените на локално ниво и дека денес во државата нема ниту една жена градоначалник. Политичките субјекти, владите и парламентите се задолжени да обезбедат антидискриминација по родова основа и да придонесат во измени на машката психологија, особено во време на економска рецесија.

Знаете, треба да ни биде јасно дека во општество во кое правата и потенцијалот на жените се ограничени, ниту еден маж не може да биде вистински слободен. Тој може да има моќ, но нема да има слобода. Во општествата пак, каде мажите се сигурни во својата вредност, важност, жените не се само “толерирани”, туку се и ценети. Нивното мислење се почитува, дадено им е местото кое го заслужуваат во формирање на општеството во кое живеат.

Затоа ние, жените треба да се доживуваме како личности способни да создаваме промени. Во тоа се состои политичката и економската храброст: да кренеш глас, да си способен да ја обликуваш иднината. Наместо да мислиме дека храброст е маж со пушка в рака, треба да сфатиме дека храброст е да знаеш дека си поразена пред да почнеш само затоа што си жена, но сепак почнуваш и завршуваш до крај. Потребно е жените да се вклучат активно во политиката и носењето на одлуките.

Отсуството на жените на позиции каде се носат одлуки ја лишува земјата од неопходниот напредок. Ако воопшто цивилизацијата, треба да напредува во иднина, тоа мора да биде со помош на жените, ослободени од нивните политички окови и со целосна моќ да ја исполнат својата волја во општеството.

“Жените отсекогаш биле заштитници на мудроста и хуманоста што ги чини природни, но најчесто притаени владетели. Дојде времето да владеат отворено, но заедно со мажите, а не против нив”, ќе рече Шарлота Вулф. Затоа покрај еманципацијата на мажите потребна е законска рамка со решенија како и обезбедување на еднаков пристап и контрола на жените врз економските и финансиски ресурси со што ќе се овозможи неограничен прогрес во овие сфери, но и на општеството во целина.

  • А жените? Што треба тие да направат?

– Тие прават. Не залудно е речено дека, ако сакаш нешто да се каже – побарај маж, а ако сакаш нешто да биде сторено – побарај жена.Сметам дека успехот на една жена само може да помогне во успехот на друга жена. Прифаќањето на жените како авторитативни фигури или како пример е важен чекор во женската едукација…Токму овој процес на идентификација, почит, а потоа и самопочит сметам дека го поттикнуваат напредокот. Со смелите жени кои ги истражуваат границите на можностите на човекот, без да ги води минатото и со храброст да бидат ранливи. Таквите примери мене ме трогнуваат и ме оставаат без зборови. И, ме водат напред.

Болното отсуство

– Ми недостасуваат страшно и секојдневно моите покојни родители… Ми фали нивната поткрепа и заштита во животниот пат преполн со предизвици. Не се повикувам на нивните успеси бидејќи сметам дека секоја индивидуа треба лично да се докаже, но време е да говорам отворено за она што тие го оставија зад себе.

Во комунистичкиот период, кога сите институции во нашата држава имаа затворени врати за политички затвореници, татко ми, како основоположник и директор на трговското претпријатие “Макоплод” ширум ги отвори вратите за нив, но и за стотици други. Како визионер прв овозможи увоз на самолеплива лента од Италија во бившите Југословенски простори. За неговата хуманост и менаџерска способност и ден денес се говори.

Основањето на Албанскиот театар, како и реализирањето на над стотина драмски улоги го докажуваат огромниот придонес на мајка ми во културата. И токму од моите родители се здобив со одредени квалитети: да се почитувам пред се, себеси и моите вредности и при тоа да се грижам, да им помогам и да ги почитувам и другите со сите нивни можни разлики.

Вечноста и големината на личноста зависи од заложбата за правење на добри дела, велеа тие. Ме воспитуваа дека за љубов кон луѓето се потребни грижа, одговорност, почитување и познавање. Денес, овие пораки им ги пренесувам секојдневно на моите чеда, Леонора и Леон, кои иако, израснаа во семејство каде што уметноста е приоритет се определија за сосема поразлични научни правци. Сепак, културата остави длабоки траги врз нивното однесување. Се гордеам со нивната пристојност и приземност.

Најтешките моменти

– Пред години имав тешка собраќајна несреќа по која чекорев на граница до смртта. Беше неизвесно што и како ќе биде со мене и докторите креваа раменици. Вистинско чудо е што повторно проодев… Тие случувања уште повеќе ме убедија дека во центарот не сме ние туку, само Господ. Тој е еден и најголем! (Сепак, во религијата повеќе ја почитувам содржината отколку формата.)

По таа несреќа на животот му се радувам повеќе, секое утро го сметам за подарок, секој преживеан миг го вреднувам и среќна сум за моето постоење, опкружена со моите блиски и сакани. Доброволно нудам помош, разбирање и љубов без очекување нешто за возврат бидејќи, цврсто верувам дека постои надприродна сила која според нашите постапки, не наградува или казнува.

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски
“Теа модерна”, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *