Сутерен.мк

Дизајнерката која правеше промени кон подобро

Британската дизајнерка Вивиен Изабел Вествуд почина вчера на 81-годишна возраст, во својот дом во јужен Лондон. Таа не само што беше кралица на панк-стилот, туку беше и голем еколошки активист во последните години од нејзиното работење.

Модната икона е родена во Велика Британија за време на Втората светска војна. По завршувањето на основното и средното училиште, таа се запишала на програма за сребрарство на Факултетот за применета уметност. Сепак, по само еден семестар, таа се откажала од студиите бидејќи сметала дека една девојка од работничка класа како неа не би можела да живее од уметност.

Затоа се запишала на курс за наставници, кој во Велика Британија трае само една година, и станала наставничка во основно образование. Сепак, таа не го запоставила својот уметнички порив и во слободно време продолжила да изработува накит. Потоа се омажила, родила син и живеела нормален живот во предградието.

 

Клучна средба во нејзиниот живот била онаа со дизајнерот Малком Мекларен, кој засекогаш ѝ го променил нејзиниот поглед на уметноста и модата. На почетокот, таа ја задржала својата примарна работа во училиштето, но почнала да дизајнира и облека за членовите на музичката група „Секс пистолс“, чиј менаџер бил тому Мекларен.

Како што групата станувала сѐ попопуларна, така и облеката на Вествуд (која им ја дизајнирала заедно со Мекларен) станувала сѐ позабележана од јавноста.

Панк-музиката ја вивнала во ѕвездите. Таа во оваа музика препознала израз против системот во кој гледала многу маани. Нејзината шарена облека зборувала сама за себе, а често била и исмејувана поради нејзините парчиња. Но, токму нејзината цврста приврзаност кон идејата да ја користи облеката за да каже сè што мисли ја натерала да влезе во историјата.

Со текот на времето, престанала да работи како наставничка и целосно се посветила на модниот дизајн.

Нивната продавница „Лет ит рок“ станала култно збирно место, а облеката која ја дизајнирале била вистински спој на музиката и модата. Сѐ што дизајнирале, музичарите од „Секс пистолс“ го носеле на нивните концерти и така им правеле реклама.

Вивиен немала формално образование за бизнисот, но била многу интелигентна жена и бргу учела. Нејзиниот бунт кон општеството се рефлектирал врз нејзините модни колекции, кои биле унисекс, односно нејзините парчиња можеле да ги носат и мажи и жени.

Името на нивната продавница често се менувало. Во 1975 година, продавницата била именувала „СЕЏ“, а на излозите се нашле парчиња направени од материјали како гума и ПВЦ. На тој начин, Вивиен го споила панкот со фетишизмот.
Сепак, модната индустрија е еден од поголемите загадувачи во светот, а за тоа била свесна и самата Вивиен Вествуд.

Токму затоа, во последните неколку години, таа цврсто се бореше за промена на ставот на дизајнерите и потрошувачите кон облеката, инсистирајќи дека сите треба да станеме свесни за тоа како и каде се прави нашата облека и дека треба да развиеме одржлива мода.

 

На Модната недела во Лондон во 2019 година, таа го изрази своето незадоволство за климатските промени и незадоволството од недоволните напори на политичарите да променат нешто пред да биде предоцна.

Нејзините манекенки имаа испишани антикапиталистички пораки на нивните маички, а ревијата заврши така што држеа заеднички транспарент на кој пишуваше: „Оваа година нешто мора да се промени“.
Една година претходно, како дел од проектот на списанието „Вижионер“, таа направи мапа на светот со означени области каде што нема да може да се живее за неколку децении ако температурата на Земјата продолжи да расте.

Затоа таа повика на климатска револуција и им се обрати на сите сопственици на брендови кои создаваат т.н. брза мода. Во последната деценија, таа максимално се посвети на изборот на што е можно поеколошки материјали за нејзините модни парчиња.

Поради нејзиниот придонес како дизајнер и активист, таа беше крунисана со титулата Дам, највисоката титула што може да ѝ се даде на жена која не е дел од британското кралско семејство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *