Сутерен.мк

Додека не ни забраниле, да споменеме

На 25 јули 1925 година (на спомен обележјето им друг датум на раѓање) во Скопје е родена Невена Георгиева Дуња, млада македонска партизанка во Народноослободителната војна (НОВ). Таа е македонска комунистка, припадничка на младинското, синдикалното и работничкото движење меѓу двете светски војни, учесник во НОВ од 1941 година. Со своите 16 години била најмладата партизанка во Првиот скопски партизански одред и прва жена партизан во партизанските одреди на Македонија.

Многу мала останала без мајка и со тоа од најраните години ги осознала сите тешкотии на животот. Напоредно со учењето се занимавала и со шиење. Уште 1941 година била примена во СКОЈ. Растурањето на летоците го изведувала со нивно криење меѓу шиените фустани, па така не можела да биде откриена од окупаторската полиција. Одела од куќа до куќа и пренесувала разновиден материјал и пораки. Важела за бистра, пргава и една од највиталните скоевки во извршувањето на курирските задачи. Поради својата голема активност непријателот ја забележал. Затоа поминала во илегала.

Георгиева станала борец на Скопскиот партизански одред при неговото создавање на 22 август 1941 година. По расформирањето на Одредот во ноември 1941, таа заминала во Велес, а потоа во Струмица. Помагала во подготовките за излегувањето на Струмичкиот партизански одред од летото во 1942 година. Во меѓувреме, во мај 1942, во отсуство, била осудена на 7 години строг затвор.

Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Зимата 1942 година одредот бил нападнат кај селото Папрадишта. Се развила жестока нерамноправна битка во која непријателот бил далеку поброен. Неколку партизани на чело со Дуња ја бранеле нивната позиција. Нејзината смела борба ги бодрела и нејзините соборци да издржат до крај.

Загинала во судир со бугарската полиција и велешката контрачета на 16 декември 1942 година во велешко Нежилово. Откако тешко ја раниле, го масакрирале нејзиното мртво тело, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши македонскиот народ. За да предизвикува страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог.

Така на седумнаесетгодишна возраст згаснал животот на оваа смела партизанка, која останала како светол пример на идните генерации.

Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“.

Во нејзина чест, две основни училишта, во Кисела Вода и во Нежилово, го носат нејзиното име. Исто така, еден од студентските домови во Скопје го носи нејзиното име.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *