Сутерен.мк

Елита Маша: Суровоста на пазарот не признава полови поделби

Наредната година во Македонија ќе биде отворен нов образовен центар, „Вилсон” школата, по лиценца на светски познатиот бренд образовни институции, што веќе ги има во Соединетите американски држави и Европа. На Балканот овој систем на школување веќе е десет години присутен и тоа во Албанија, а овој американски начин на образование го носи во нашава земја, поточно, во тетовската општина Брвеница д-р Елита Зулбеари Маша, тетовчанка, омажена за Адриан Маша, заменик претседател на постоечкиот „Вилсон” во соседството и председател на “Вилсон Македониа”. Елита е дипломец на Медицинскиот факултет во Скопје, која наскоро заминува на постдипломски студии во Израел, како стипендист на фондацијата „Ротшилд”. Дваесет и седумгодишната Албанка патем, со години наназад волонтира во „Црвениот крст”, кампањите за борба против рак на дојката и други граѓански движења што, како што вели, можат да го подобрат животот на обичниот граѓанин. За центарот „Вилсон” ќе рече дека е најголемата странска инвестиција во образованието во Македонија, а тврди, многу брзо ќе биде отворен и универзитет по истата лиценца. Институцијата „Вудроу Вилсон” ќе „оперира” на три нивоа: средно и основно образование и градинка. Системот е од затворен тип на кампус, со интернат, организиран превоз, униформи, обезбедена литература и храна за учениците. Во кампусот е вклучен и затворен полуолимписки базен, театар со петстотини седишта, акустика, кабинети за глума, лаборатории за природни науки, уметност, музика…

  • Очигледно е дека сте се зафатиле со голем проект, но зошто ја избравте токму Брвеница како локација, а не Скопје?

– Па, нема да претерам, ако кажам дека Тетово во последно време прераснува во еден „Оксфорд” на Балканот бидејќи, веќе има два универзитети, што предузвикуваат голем интерес и покажуваат потенцијал и по нашето анкетирање на регионот и маркетиншките истражувања испадна дека тоа е најдобрата локација.

  • Каков ќе биде составот на раководството со Центарот, колегиумот?

– Движечка сила на целата институција е почесниот и извршниот одбор.
Во склоп на училиштето дејствува и американскиот департмент, кој што ја предава американската култура и литература. Значи, начинот на образование е американски, во согласност со законот за образование на Република Македонија, но инвестицијата е албанска. Колегиумот ќе биде од мешан состав, со странски професори, албански, но поголемиот број ќе бидат наши, македонски професори, од овде.

  • Која ви е целната група?

– Таргет популацијата е целата Македонија, но и регионот. Бидејќи сме убедени дека нудиме квалитетно образование сигурни сме дека ќе привлечеме студенти и од Црна Гора, Косово, Србија па и Бугарија, како што е случајот со албанскиот “Вилсон”. За цената на школувањето допрва ќе се размислува зашто, финансиската конструкција се уште не е затворена, но начелно, ќе стартуваме со 150 академски работни места и 40 до 50 места за помошен персонал, а капацитетот на Центарот е 999 ученици.

  • Колку за оваа функција сте заслужни лично, а колку ви помогнаа брачните врски?

– Знаете како, “Вилсон” не оперира како институција каде првиот и последниот збор го има претседателот. Напротив, има два важни одбори составени од различни профили на луѓе, кои гласаат за сите важни одлуки. Значи, доколку овие членови не се согласат со некој предлог не може никој да им го наметне. Меѓутоа, јас сум тетовчанка, ги познавам луѓето и нивните навики, одлучија дека сум добар избор за менаџер на “Вилсон Македонија”.

Многу жени влијаеле врз промената на сликата и историјата за еден народ па зошто и ние, модерните жени да не следиме некои поранешни хероини и да не направиме нешто подобро за сите нас. Да ги смениме работите. Затоа и се нафатив со оваа работа. Да го дадам мојот допринес во прогресот на општеството. Со добар тим околу себе, мислам и дека ќе успеам во тоа.

  • Колку е тешко да се биде млада интелектуалка, деловна жена во албанското милје? Се судрувате ли со предрасуди?

– Не ги двојам милјеата на албански и македонски. Попрво би рекла, се се сведува на балканско општество. Јас пораснав во центарот на Скопје, дружејќи се со македонски семејства и сметам дека менталитетот е многу сличен меѓу Албанците и Македонците. Верувам во балканската жена и убедена сум дека умее да оди напред и да се идентификува во Европа со квалитет. Би сакала да се надминат тие класификации како албански, македонски, турски. Се надевам дека многу скоро ќе се идентификуваме како европејци и тоа, би било – тоа!

Што се однесува до предрасудите… Не сум од оние кои ќе ја изберат и ираат улогата на жртва. Кога ќе расчистите со таа ситуација веќе не морате да се плашите и да им отстапувате на мажите. Мислам дека во нашето општество веќе се напуштаат поголемиот дел од предрасудите за жените. Сакале или нејќеле, напредокот доаѓа. Суровоста на пазарното општество не признава полови поделби, туку само профит, напредок и визија. Без разлика дали таа доаѓа од маж или жена. Секако, не дека е иделна ситуацијата. Се уште ќе наидете на застарени модели на размислувања, но сметам дека доста е напреднато на ова поле особено, меѓу помладите менаџери и жените се повеќе добиваат шанса да ги покажат своите способности и добијат заслужените признанија. Дури и самите жени имаат предрасуди едни кон други од типот „таа е домаќинка, таа не е”, а не пак, мажите!? Иако, искрено, никогаш не ми било јасно што значи тој збор „домаќинка”. Барем не денес, во 21 век!

  • Па, што е за вас успешна жена?

– Жена која се бори со неприликите и не чека да најде машко раме за плачење и да се „обеси” на него. Жена која верува во себе и не се плаши од предизвици, ниту ризици. Која не се плаши од животот, од луѓето, од напредокот! Меѓутоа, секако, многу е поудобно, но само поудобно, не и неопходно, кога до тебе стои сопруг, кој покрај тоа што ти дава внимание, љубов е и модерен капиталист. Таа поддршка, искрено речено, е повеќе од добредојдена.

  • Вашиот сопруг е образован во Лондон, добро ситуиран албански државјанин и велите, доста амбициозен. Како се справуваат две силни личности со “менаџирањето” на бракот?

– Па не баш секогаш совршено, но генерално, се разбираме. Се создаваат “искрички” бидејќи се појавува компарација, моменти на идентификација. Некогаш со компромис, некогаш со галамење, на балкански начин, но на крајот успеваме да се разбереме. Меѓутоа, да беше поинаку, мислам дека многу ќе се досадував во бракот.

  • Што е според вас, пресудно за успех, на било кое поле?

– Самодовербата,трудот и работата се чудотворни! Меѓутоа, тоа не се гради без основа, а темелот е семејството. Имав голема среќа да пораснам во фамилија на интелектуалци. (Татко и е професор на медицинскиот факултет, а мајка и педагог нов. заб.) Се “хранев” цело време со хумани вредности, многу љубов и внимание. Тоа е многу добра основа за успех. За еден човек да се реализира, најбитно е семејството, на што родителите ќе ве научат од мали нозе, како ќе ве насочат.

Потоа, инвестирањето во образованието. Пак, од страна на семејството. Кога веќе сте на некоја возраст, проистојна, важно е да се сетите на тие насоки од родителите и да сфатите дека само, вложувањето во своето образование, лично надградување, знаење, информација, ќе ве води напред. Знаете, има многу квалитетни луѓе, кои од проста мрзеливост пропаднале или барем, останале со години на истото место.

Тоа се конзервирани умови, луѓе кои не сакаат да се менуваат, кои не се отворени за новото, за напредокот, за времето што доаѓа. Како што се вели, не умеат да се „преструктуираат”. Таа неспособност е погубна за нив самите, но е погубна и за останатите, доколку ги ставите на важни, раководни места. Затоа што едноставно, го кочат процесот! Тука, би рекла, жените се поснаодливи, полесно прилагодливи од мажите. Важна е интелектуалноста, духовноста и давањето и земањето на љубов, начинот.

Јуначки да се отиде до целта!

  • За себе велите дека сте феминистка, а искрено, не изгледате за таква?

– А, како ја замислувате пак, вие феминистката?!

  • Па, во секој случај, не како вие што изгледате…

– Ете и вие робувате на предрасуди. Зарем, феминстките се грди, машкуданки!? Зарем тоа се ненашминкани, намуртени и студени суштества!? Многу погрешно…

  • Со кого е полесно да се работи: со мажи или со жени?

– Жените се покомплицирани и поголеми злопамтила. Иако, сум голема феминистка и сум за тоа да се оди до крај, јуначки да се отиде до целта сепак, ние знаеме и безмилосно некого да “прегазиме”! Меѓутоа, тоа е затоа што во принцип, жените во нашето општество го немаат заслуженото место, а секоја дискриминација резултира со фрустрации, незадоволство. Општеството, авторитетите треба да помогнат.

Реализирана жена ни е повеќе од потребна. Жените, статистички гледано, се малку вклучени во клучните сегменти од општеството. Меѓутоа, апелирам и до жените меѓу изборот дали да избегаат или да се борат, да ја изберат борбата. Без да се виктимизираат, да играат на картата на жртва туку да застанат рамо до рамо со мажите. Да се изборат за своето. Значи, токму заради таа, недоволна еманципација се уште мажите се попријатни за соработка. Барем, моето искуство го докажува тоа. Меѓутоа, работите се менуваат во наша корист.

Жената не е репродуктивна машина!

  • Се уште не сте мајка. Ќе ја следите ли кампањата на Владата за многудетно семејство?

– Не сум упатена во таа кампања на Владата зашто многу патувам и не ми западнала за ок… Се уште не сум мајка, но израснав во четиричлено семејство. Ги знам и негативните и добрите страни на многудетно семејство. Јас сум за наталитет, но наталитет кој ќе биде во корелација со материјалниот статус во кој живееме. Планирањето на семејството е приватна работа. Секое семејство знае колку деца може да изгледа.

Мислам навистина, секој треба да има онолку деца, за колку што самиот тој мисли дека може да се грижи. Така е фер и за децата и за родителите. Не треба да се прават компромиси на штета на квалитетот. Не по секоја цена. Жената не е репродуктивна машина. Мајката треба првенствено да одлучи, но не и припаѓа ексклузивното тоа право. Планирањето на семејството е договор меѓу сопружниците.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2010
Фото: Игор Тодоровски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *