Естер Перел: Нема љубовна приказна која нема пречки!

„Дали љубовта е доволна? Не. Дали љубовта треба да биде тешка? Не постои љубовна врска која не содржи потешкотии. Привлечност плус пречка е еднаква на возбуда, љубов, желба. Но, пречката е патот. Таа го гради заплетот, го зголемува интензитетот и ја засилува љубовта… А довербата значи дека можеме да сметаме на некого, дека се потпираме на него, дека ни го чува грбот,“, вели светски познатата белгиска психотерапевтка Перел, во поткастот на популарниот јутјубер, Џеј Шети

Деновиве, популарниот британски автор и мотивациски говорник, Џеј Шети, во неговиот поткаст „On Purpose“, разговараше со светски познатата белгиска психотерапевтка Естер Перел, која работи во Њујорк, САД (авторка на бестселерите „Mating in Captivity“ и „The State of Affairs“), за љубовта, особено во современата дигитална ера.

Во разговорот, меѓу другото, тие се осврнаа и на тоа како денес луѓето имаат списоци со сè што сакаат да поседува личноста за да би се вљубиле во неа.

„Љубовта ќе ви се насмее на тоа. Љубовта не е само исполнување на листа, туку процес на откривање и прифаќање“, вели Перел и додава дека љубовта не значи пронаоѓање луѓе кои се согласуваат за се со вас, туку да бидете откриени од некој различен од вас.

„Дали љубовта е доволна? Не. Дали љубовта треба да биде тешка? Нема љубовна приказна која не содржи потешкотии. Привлечност плус пречка е еднаква на возбуда, љубов, желба. Пречката е патот. Таа го гради заплетот, го зголемува интензитетот и ја засилува љубовта“, истакнува таа, појаснувајќи дека поентата е токму тоа, справување на партнерите со препреките во нивната љубовна врска.

За тоа кои вештини треба да ги развиваме за да оствариме реален љубовен однос, таа посочува: „Љубопитност кон другата личност е првата и најважна. Тоа е откритие, патување и истражување на различноста. Хуморот е исто важен за да не се земаме премногу сериозно себеси и да сфатиме дека многу работи не вредат борба. Важните глаголи што треба да ги научиме се: прашување, давање, примање, споделување, имагинација, одбивање. Односно, колку си добар во прашувањето? Дали знаеш што сакаш и што ти треба? Дали уживаш во давањето или даваш за да не должиш? Со партнерот имате различни идеи како да го поминете саботното утро. Како ги интегрирате тие разлики? Имагинацијата е способноста да сонуваме и да создадеме животен проект, додека одбивањето е важна способност за здрави односи. Дали во врската може да се каже „не“ без притисок?“

Во поткастот, психотерапевтката ја објаснува човековата силна потреба за поврзаност преку детската игра „криенка – миженка“:

„Тоа значи дека не те гледам јас, ти не ме гледаш, но јас постојам дури и кога не ме гледаш. Токму ова ми овозможува да излезам во светот и да знам дека нема да бидам заборавен, дека ти ќе дојдеш да ме бараш. Тоа е најневеројатната игра. Нема поголемо возбудување од тоа да се криеш и да знаеш дека некој те бара. Но, нема поголем терор од тоа да почувствуваш дека другите се откажале да те бараат.“

Таа го потенцира и нашето длабоко посакување да бидеме пронајдени, да бидеме видени, некој да нè бара.

Перел ја нагласува важноста на истрајноста во љубовта и потребата од вистинска интимност и разбирање во модерните врски. „Љубовта е скок без гаранција. Вљубувањето е скок. Не е безбедно во тој поглед. Ти треба безбедност, ти треба сигурност за да можеш да го направиш скокот, но скокот е преземање ризик. Токму во тоа преземање ризик лежи твојата иднина. Инаку, можеш да останеш заглавен во времето“, вели таа и продолжува:

„Како да знаеш дали можеш да му веруваш на некого? Од една страна, луѓето постојано се прашуваат тоа, а од друга страна, им веруваме на непознати, им ги даваме сите наши податоци на платформи каде што немаме поим кој ги гледа тие информации. Имаме доверба во цели мрежи, во невидливи корпорации?!“

Довербата според неа, се гради со мали чекори, преку мали моменти кога учиме дека можеме да сметаме на некого, дека се потпираме на него, дека ни го чува грбот, дека мисли на нас кога не сме присутни.

На прашањето пак, „зошто некои луѓе секогаш се вљубуваат во погрешни личности?“, Перел одговара: „Големата уметност во врските е да направиш разлика помеѓу она што е твое и она што е наше, помеѓу релациското и личното. Кога еден образец повторуваш, тоа е твоја приказна, и сега треба да откриеме што си правиш себеси, а не што другиот ти прави тебе. Кога се потпираш врз илузијата за сличност, не си подготвен кога лицето не се однесува според твоето сценарио“.

„Меѓутоа“, нагласува таа, „се чини дека иако вистинската потреба на човекот е откривање, истражување, љубопитност, двосмисленост (што е суштината на љубовта), како сите ние да бараме удобност наместо тоа. Зошто толку го бркаме тоа?“

Понатаму, Перел вели дека љубовта не е тешка, туку активна. Дека се зајакнува кога ќе надмине неволја, криза, тага или проблематични настани:

„Она што е тешко во љубовта е стравот дека можеш да ја изгубиш. Тој е еден од најголемите предизвици. Колку повеќе сакаш, толку повеќе не можеш да го замислиш светот без таа љубов и без оној или она што го сакаш. Мислам дека е прекрасна онаа мисла на Дејвид Кеслер (американски автор во чии книги тагувањето е главната тема, нов.заб.), дека мерката на твојата тага сведочи за тоа колку си сакал. Не е мерката на тоа колку си изгубил, туку мерка на тоа колку си сакал“.

А, нејзиното мислење за „скршеното срце“ е доколку ти е скршено срцето, тоа значи дека твоето срце било полно. Тоа, според неа значи дека си живеел, си доживеал, си имал врски, си љубел, си бил сакан и притоа ти било скршено срцето. Како и зошто дошло до тоа, е веќе друго прашање.

Кога станува збор за важните прашања што треба да си ги поставиме пред бракот, Перел тврди дека тоа се следните: „Дали ова е личност со која можам да создадам живот? Постојат љубовни приказни и животни приказни. И има многу луѓе кои можеш да ги сакаш, но не мора да бидат и луѓе со кои можеш да создадеш проект на живот. Пред да се ожениш, прашај се: можам ли да замислам живот со неа, кој ќе вклучува многу работи како преселби, промени, загуби, нови и додадени луѓе во нашата заедница?“

За жал, според неа, сето претходно кажано станува многу потешко да се искуси денес, особено меѓу т.н. Gen Z (младите родени приближно помеѓу 1997-ма и 2012 година), кои влегуваат во романтични врски подоцна од своите претходници, а повеќето од нив признаваат дека имаат тешкотии со непосредната комуникација, флертот и емоционалната блискост. И други психолози и социолози предупредуваат дека станува збор за длабока општествена промена, поврзана со дигиталниот живот, пандемијата и постепеното исчезнување на „аналогното“ дружење.

Всушност, дека „никогаш не сме биле повеќе поврзани, а никогаш повеќе одвоени“ е една од клучните пораки што денес сè почесто се слуша во анализите на оваа генерација. Една од главните тези е дека младите денес растат без спонтаната игра надвор, нешто што постарите од нив го сметале за нормален дел од детството.

„Ако не се дружиш слободно на улица, го пропушташ целото поле на социјална преговарачка игра каде што учиш да функционираш заедно, да поставуваш правила, да ги кршиш, да се справуваш со конфликти и да создаваш сојузи“, наведува Перел и додава: „Токму преку таквите детски интеракции луѓето учат како да им приоѓаат на непознати, како да создаваат пријателства и како постепено да градат блискост.“ 

Познато е дека за многумина од Gen Z, „разговор“ денес значи размена на пораки, а не вистински контакт. „Кога велат дека зборувале со некого, мислат на пратена порака. Но тоа не е разговор, не си го слушнал гласот. А токму гласот, погледот и физичкото присуство се клучни за создавање емоционална поврзаност“, коментира Перел, појаснувајќи дека пандемијата дополнително го забрзала повлекувањето од физичкиот социјален живот: „Генерацијата која имала меѓу 18 и 25 години за време на ковид кризата учела, работела и комуницирала претежно онлајн. Научивме дека не мора да излегуваме од дома за да одиме на училиште, да работиме, да купуваме, па дури ни за да се рекреираме“.

Соговорничката на Шети жали што младите денес често ги доживуваат првите посериозни романтични искуства дури на 24 или 26 години. Па така, иако оваа генерација е постојано онлајн, многумина се чувствуваат осамено и изолирано. Затоа што постојаната дигитална поврзаност, според неа, создава илузија на блискост, но не ја заменува вистинската човечка интеракција, разговорите лице в лице, допирот, заедничкото време и чувството на припадност.

На крајот, како можен излез од денешната криза на поврзувањето, Перел ја издвојува едноставната, но сè поретка карактеристика: „Вештината број еден е љубопитноста кон другата личност. Во време кога комуникацијата сè повеќе се сведува на екрани, младите повторно ќе мора да учат како да разговараат, слушаат, приоѓаат… да создаваат вистински човечки односи“.

Бранка Д. Најдовска

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *