Буквално. За несекојдневниот проблем со слухот пишува Лис Рагбир
Имам проблем со слушање мажи. Ова не е метафора. Можат многу шеги да се смислат овде. Некои ќе кажат дека намален капацитет да слушаш голем дел од глобалната популација може да се смета за предност. Други би имале аргументи за спротивното. Но, бидејќи мојата дијагноза не е мој избор, сè уште не сум стигнала до шегувањето, или до „среќата во несреќа“, затоа што сè уште се обидувам да разберам како сум можела цел живот да го поминам без да знам дека го имам овој проблем.
На почетокот на годинава открив дека имам редок тип на губење на слух што се вика cookie-bite, наречен така затоа што на аудиограмот фали како одгризано парче од звуците со средна фреквенција. Како што ми објасни аудиологот, повеќето машки гласови се во овој распон. Загубата е генетска – ништо не ја предизвикало. Едноставно така ми е изграден слушниот систем, веројатно од раѓање.
И излегува дека не сум сама – 1 во 8 жени страдаат од некакво губење на слухот. И иако црнките статистички поретко добиваат дијагноза за оштетен слух, јас сум сепак во група со Вупи Голдберг и Хали Бери. Сепак, не знам дали цел живот не можеле јасно да слушаат мажи.
На многу начини, дијагнозата ми беше олеснување. Ми ги оправдува тврдењата дека „не те игнорирам!“ кога мојот партнер ќе каже дека неколку пати ми повторил. Ја објаснува мојат навидум ирационална фрустрација со луѓе што зборуваат тивко, мојата убеденост дека непропорционален број мажи мумлаат, а жените зборуваат многу гласно, што мислев дека е метод да се наметнеме во одредени ситуации.
Но, еве го најпроблематичниот дел од мојата дијагноза: Поминав толку години живот без да сфатам дека едно од сетилата ми е нарушено. Отсекогаш сум верувала дека она што ми фали како интроверт, го надоместувам со талент за набљудување. Како тогаш дозволив состојбата со слухот да ми помине незабележана? Дали тоа што одев во женско школо ми го сокри нарушувањето додека растев? Или дека растев во семејство со релативно тивок татко, надбројан од жени? Или животните лекции да терам напред, да бидам силна и да не бидам чувствителна го оформија начинот на кој му верував на мојот слух?
Како дете, „не биди толку осетлива“ беше повеќе концепт отколку лекција додека еден ден, во четврто одделение, една жена на улица почна да ми дофрла расистички навреди. Другар ме придружуваше до дома додека плачев.
„Што ѝ е?“ праша татко ми.
„Една стара жена ја нарече со зборот на Н, г-не Рагбир,“ рече Енцо. „Ѝ реков да ја затне муцката, но мислам дека Лис е тажна.“
Татко ми се сврте кон мене. „Зошто си тажна?“
„Па, не го слушна Енцо? Една ме нарече со погрден збор.“
„И?“
„Ме нарече—“
Ме прекина. „Не си чула? Погрдни имиња ништо не ти можат.“
Сакаше да ми каже дека не сум повредена. Да не бидам толку чувствителна. Дека да си мек не се важи. Само силни коски се кршат.
„Добро, тато.“
„Ете. Значи добро си. Енцо, ти благодарам. Лис, оди да пишуваш домашно.“
„Но, г-не Рагбир—“
„Што е, Енцо?“
Можеби Енцо сакаше да каже дека „не беше баш било кој збор“. Можеби сакаше да каже „Знам дека сте од Тринидад, но тој збор е многу, многу гаден овде.“ Можеби сакаше да каже „Мислам дека Лис стварно се потресе.“ Но, можеби Енцо и го прочита погледот на татко ми. Поглед кој можеби рече „Не смеам да дозволам тој збор да има моќ над мојата ќерка, ме разбираш?“ Па, така, Енцо рече „Ништо, г-не Рагбир“ пред да си оди дома.
Татко ми е тивок човек. Понекогаш и пелтечи, па можеби затоа се научил да биде тивок. Кај мене дома, никој не можеше да се мери со мајка ми која зборуваше гласно и брзо. Токму нејзиниот глас нè собираше на вечера, или нè праќаше да чистиме по соби.
Но татко ми тој ден не пелтечеше. Слушнав јасно и гласно „Не смееш да бидеш толку чувствителна.“
Сфаќам. Овие лекции можеби имаат за цел да нè заштитат, затоа што сме условени да веруваме дека чувствителноста е бескорисна – ни одвлекува внимание, ни го поткопува потенцијалот. Но, нашите сетила ни дозволуваат да примиме информации за светот и да реагираме соодветно. Па, во обид да бидеме помалку чувствителни и со максимум потенцијал, дали ненамерно сме ја ослабнале конекцијата со нашите сетила? А со тоа и самиот потенцијал?
Додека се обидуваме да му најдеме смисла на сè похаотичниот свет, пракси и системи на верување кои историски се косат со „здравиот разум“ – како тарот и астрологија – се враќаат. И иако лекции по емпатија се сè почести, се отвори и простор за емпатите – луѓе со способност да детектираат (речиси магично) нечија емотивна или ментална состојба. Но, можеби сите би имале „магиски способности“ како не би си ги игнорирале сетилата.
Какви структури нè одвлекле од потпирање на сетилата, или на она што лежи под нашите пет сетила – па да се биде чувствителен станало лоша работа?
Сè повеќе ме фрустрира колку многу ресурси се упатуваат кон нарушен вид, со секакви корективни леќи и ласерски процедури и подршка од осигурување. Дали мојот нарушен слух помалку ги заслужува овие ресурси бидејќи историски гледано, таков инвалидитет немало да ме спречи да работам во поле или на погон?
Да сме јасни, мојата загуба на слух е минорна, со оглед на сè. Разгледувам курсеви за знаковен јазик и слушни апарати кои би го исконтролирале мојот проблем, но и се прашувам – ми треба ли ова навистина, кога веќе цел живот вака го живеам?
Но, не се работи само за слушањето мажи. Во текот на животот, слухот ми беше доволен за да ја изгребам површината за тоа што ми треба. Знаејќи сега што сум пропуштала, се освестив на повеќе фронтови. Како што женските права се соочуваат со предизвици што не сме ги виделе со децении, сега знаеме и дека не нè слушаат. Ни кажуваат дека нашите гласови не се важат. Но, јас знам дека постои повеќе од еден начин да се биде силен и моќен и да ти се слуша гласот – јасно и гласно. А во битката за менаџирање на сопствените тела, знам дека ќе морам да си верувам комплетно – на моето тело, моите сетила и чувства – за да влезам во полниот потенцијал.