Сутерен.мк

Заморно дотерување

Во брак сум дваесетина години и секогаш сум стокмена, нашминкана, тип – топ. Ми се чудат моите пријателки како наоѓам време за се да биде цакум – пакум, но јас знам дека сето тоа вреди. Пред извесно време, тој, мој маж ми префрли дека не знам игрите да го задржам заинтересиран за мене. Ме навреди. Што уште да сторам, какви итрини да смислувам за да му бидам интересна?

Милка

Милка дарлинг, велат дека една жена се кити толку, колку што се чувствува второстепено. Секако дека косата треба да биде чиста, ноктите средени, забите уредни, но секој ден, од утро до вечер да се изгледа како кукла од излог мислам дека е претежок товар за секого. Папарацо фотките на светските ѕвезди само го потврдуваат тоа.

Па добро бре, жено, што друго правите вие освен што постоите за тој ваш сопруг!? Што маж ќе беше!? Со што толку ве задолжи!? Освен тоа, кој се грижи за децата, внуците, цвеќињата, гардеробата!? Со кого ги озборувате комшивките, кој ја носи мајка ви на лекар!? Се опуштате ли некогаш или само мислите на тоа колку е вашиот партнер задоволен!?

Драга моја, ако имате време (и разум) после сите тие депилации, затегнувања, стискања, масирања, оксидирања, шминкања, укоченост… и за мајмунлаци – правете ги! Јас не знам какви се тие. Прашајте некој поумен. Меѓутоа, убедена сум дека целодневното одење на штикли, со три милиметри пудра на себе и два броја помал мидер не е животот што повеќето од нас го посакуваат. (И уште „игри“ да се смислувале, бе!?)

Крајно време е да му се стомните на тој ваш шовинист и да му спискате здраво. ( Пред тоа, сменете го за секој случај, пинот од кредитната картичка.) Потоа, облечете пижами, спуштете ролетни и наточете од тоа виното, што со години го колекционирате.

Љубовта не е љубов, ако бара вакви идиотски жртвувања. За таа состојба има поинакви називи. Оваа рубрика сепак, се обидува да задржи какво – такво достоинство.
Не нашминкано, реално…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *