Кон крајот на минатата година беше објавена книгата „9 – 4 х 9“ од Гоце Ристовски во која е испечатен драмскиот текст „9“ на македонски, српски, бугарски и руски јазик. Праизведбата на оваа дуодрама беше во 2016 година во Културниот центар во Нови Сад, во режија на Богдан Јанковиќ, со актерите Соња Лештар и Лазар Јованов. Во книгата се поместени и критички толкувања на драмата од проф. д-р Мимоза Раил, проф. Десислава Шпатова од Бугарија,од драматургот и писател Симон Грабовац и театарскот критичар Игор Буриќ од Србија и Тодор Кузманов.
-„9“ е современо напишан текст, без оние класични поставки, но кој токму поради тоа нуди многу предизвици за инсценација. Пред сè тој на поширок план кореспондира со општо распространетото чувство на исчашеност од светот, чувство на преод од еден облик во друг, од реалното кон виртуелното, но како тој преод предолго да трае и тој наш поединец сè повеќе личи на некое немоќно суштество на кое ништо не му поаѓа од рака. Него (суштеството) строго го определува координативниот систем на политиката, војните, медиумите, надзорот. Сите обиди некако да се избори со тоа, и да пронајде своја потпирна точка остануваат неостварени. Би можело да се каже дека во овој текст во основа се работи за театар во театар со три битни одредници: кон минатото, сегашноста и иднината – истакнува Симон Грабовац.