Фејсбук с(р)еќавања…
Збогувајќи се со старата Куќа, само две работи се помрднаа…
Ми се виде повредна без нас. Ја немаше онаа тешка, загушлива мрежа што постојано лебдеше и ни го притискаше дури и сонот. Го немаше она нешто, заради кое се вџашуваме од осаменоста. Белите, долги завеси ослободени конечно, од нашите бесцелни самодокажувања, како да ветуваа мир.
Се сетив и на мојот последен, арогантен монолог кон една од гостинките, кои беа бајаги често присутни тогаш.
И реков на таа млада госпојца, дека нејзините кокетност, шарманција и нежност не се првите што избледеле овде, во овој двор, под ова сјајно сонце. И реков дека генерации нељубени жени се украсувале пред моето огледало за сировите и сурови љубовници, на кои не им било грижа за нив.
И реков дека младоста постојано доаѓала во овие простории во најсветло црвено, а си заминувала во помодрена наметка од очај, носејќи во следниот кревет пазуви полни беда и темнина.
Не дека не ме разбра, но полесно и беше ова да го сведе на проста завист кон нејзините години, одбивајќи да ми го препознае презирот кон глупавата, невешта младост.
Ја заклучив за последен пат вратата што ми се чинеше дека овојпат со олеснување чкрипи и, и посакав молкум на Куќата врамена со јасмин, црн трендафил – ползавец и тешки, дрвени стреи, поедноставни, понескептични, посолидни и посилни сопственици.
Во и вон неа…