Сутерен.мк

Имаат 7 деца и посакуваат уште толку

Во денешно време, кога кај нас брачните заедници се „потпираат“ најчесто на едно дете, семејството Зафировски со нивните седум се вистински ексклузивитет. Особено, што се работи за урбан брачен пар, кој живее речиси на сред Скопје…

Пространиот стан во осумкатницата сместена во населбата „Кисела вода“, го делат Јасмина и Александар Зафировски со своите рожби: Анастасија (11 години), Симеон (9), Прохор (7), Иларион (5), Никодим (3,5 години), Андријана (2) и десетмесечната Марија. Со толку многу деца би се очекувало да затекнете еден прилично хаотичен простор, но во домот на Зафировски владее изненадувачки ред. Дури, ни многубројните играчки не се расфрлани по подот. „Деца, како деца, знаат да растураат, но не претеруваат со нередот и доста се организирани“ – вели Јасмина, која за прв пат станала мајка на 19 години откако, една година пред тоа, ќе го запознае Александар.

Иако родена во Скопје, таа поголемиот дел од детството ќе го помине во Сараево со родителите, но често ќе доаѓа во родниот град. При една таква посета ќе и се случи и судбоносното присуство на забавата што ја организира Александар, познат меѓу градската средина по како што вели самиот, „партизанското“ име Клео. „Другиот ден и направив шпагети и таа ’падна во несвест’. Замислете, од шпагети!?“ – раскажува нејзиниот сопруг. По заедничкиот ручек љубовта е веќе на повидок и наскоро 18 – годишната Јасмина и 11 години постариот Александар заминуваат за Сараево. „Татко и не сакаше никако да се согласи на бракот велејќи дека ќерка му е премногу млада и треба прво да се школува, а после да мисли на свадба. Откако му ветив дека Јасмина ќе заврши факултет, ни даде одобрение да се венчаме. Еве, ветувањето го исполнив: има дури седум дипломи!“ – се смее „главата“ на семејството Зафировски.

Иднина

„Тоа е и погрешната проценка меѓу денешните млади: додека завршуваат факултети, па бараат работа, па чекаат на стан, времето им поминало и за деца веќе е доцна! Ние почнавме ’обратно’. Најпрвин децата, а после ќе мислиме на материјалните удобства “ – вели тој и додава дека не за џабе кај нас постои изреката дека „едно дете како ни едно, две се како едно, а од три веќе се бројат.“

Го прашуваме дали е загрижен за нивната иднина, дали се плаши од егзистенцијалните проблеми и нели, се доволно три – четири деца!? Тој изгледа навикнат на ваквите прашања, смирено одговара: „Децата се подарок од Бога и нам ни се само ’позајмени’ за одредено време да направиме луѓе од нив. Секое си има своја судбина. Не се плашам од иднината. Всушност, со доаѓањето на секое дете на овој свет мене ми се зголемуваа работните ангажмани. Не живееме во некој луксуз, но имаме доволно. Ви велам, секој нов член на семејството носеше повеќе радост и повеќе пари“ – тврди Александар, кој работи како преведувач од англиски јазик, но во „домашна канцеларија“.

Покрај преведувањето, тој студира теологија, а има ангажмани и како чалгаџија – свири на ут, во групата „Свирипиле“ со која настапуваат најчесто на свадби и други веселби. Во домот на Зафировски го забележавме и електричното пијано и ни раскажуваат дека најстарата ќерка е заинтересирана за музика, како и Никодим, додека останатите се уште се во „фазата на шкртање“. Меѓутоа, фотоапаратот на нашиот репортер денеска е многу поинтересен од шкртаниците и со вообичаената детска љубопитност ја анализираат „чудната“ направа, но сепак, без никаква агресија.

„ Не значи дека, ако се седум се неразгалени. Знаат да пробаат да си го истераат детскиот ’инает’, но не е тешко да се справиш со нив зашто всушност, и двајцата сме постојано дома. Не знам како би се снашла кога би била сосема сама со нив. “ – вели Јасмина и тврди дека не и недостасува „надворешниот свет“ зашто таму нема ништо што вреди повеќе од нејзините деца. „Најсакана сум дома иако, вредно ја ’заработувам’ таа љубов. Ми се случуваа ’кризи’ првите години, но потоа се ’навикнав’. Всушност, секое наредно породување беше се полесно, а сите деца се родени по спонтан пат. По новото раѓање станував се посилна и се попосветена на нивното одгледување. Што би рекол Александар, јас ја работам најскапо платената и најодговорна ’професија’. Ние не сме воспитани да му служиме на некој друг и затоа ни паѓа тешко да имаме повеќе деца, а деца верувајте, никогаш не се многу. Толку радост и милост ми носат што не ми паѓа на ум да одам да се вработувам, да бркам кариера и слично. Освен тоа, Клео умее да се грижи за нас и јас сум цврсто уверена дека се ќе биде во ред“ – вели таа, но сепак, признава дека последната бременост поминала со одредени компликации и токму за тоа, малку ќе „подзапрат“ во првичната намера да родат 16 деца!?

Организација

„Ние сме му посветени на православието и кога живееш со вербата во Бога ниту е нешто тешко, а најмалку е чудно да сме во толкав број. Се јавуваа често од медиумите сакајќи да прават стории за нас и тоа малку ми пречеше. Божем ’мечка игра’!? Се случуваше кога ќе излезевме сите заедно на улица, да подзастануваат и да ме прашаат: ‘ Сите ли се твои?!’ Сега веќе се навикнаа на нас, а и јас излегувам само со две до три деца на улица. ’Побезбедно е!’“ – се смее Јасмина и вели дека токму заради бројноста, почесто им доаѓаат отколку што тие одат на гости.

„Најтешко ни е организирањето на транспортот. За неколку часови престој некаде, влечкаме ’опрема’ како други луѓе за еден месец. Меѓутоа, имаме пријатели кои не ги ’прескокнуваме’, но има и такви кои се ’пеплосуваа’ кога ќе не видеа дека сме им дошле па, престанавме да им одиме. За време на викендите децата најчесто одат во Соње, кај родителите на Александар, но не им ги праќаме сите ’наеднаш’ сепак, тоа се стари луѓе иако, најмногу ’заслуга’ за нивното раѓање има токму свекрвата. Знаеше да ми рече ’Не мисли на барање работа, глеј си ги децата! Нема ништо поважно од тоа!’ Не очекуваше ни таа баш толку да си ’гледам работа’, но сега ги обожуваат внуците“ – раскажува оваа млада жена.

Во домот на Зафировски има многу книги, компјутери, фрижидери, играчки но не и телевизор. „Всушност има еден, сосема мал, но го употребувам само за работа“ – вели, Александар. “Не гледаме телевизија, повеќе се дружиме меѓу себе, играме, се галиме, разговараме, но децата многу добро го познаваат интернетот и кога сакаат да одгледаат некој филм, го наоѓаме таму. Иако, кога одат кај баба и дедо, не се ’одлепуваат’ од сателитските канали со анимирани филмови “ – нагласува тој и ни открива дека планираат за неколку години да изградат куќа во скопската викенд населба Соње – ем, да бидат поблиску до неговите родители ем, да се раскомотат.

„Во стан е сепак, претесно за толкаво семејство. Децата растат и им треба повеќе простор, а тоа е можно само во куќа, во двор.“ – тврди Александар и ни покажува како го решиле спиењето. Јасмина со трите девојчиња и двата најмали сина спие во една соба, на голем брачен кревет, во другата се двете најстари момчиња, а тато спие сам во „канцеларијата“ т.е. дневниот престој. На крајот сите не испраќаат освен седумгодишниот Прохор, кој беше отсутен заради училишните часови, а Јасмина насмеана на одење ни дофрла: „Не морате нас да не послушате. Ете, Американците дошле до ’сензационално’ откритие дека за долговечен живот рецептот е да не се прејадуваме, да имаме многу деца и да живееме на село!“

Бранка Д. Најдовска
“Глобус”, 2008 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *