(За изложбата Blue на Маргарита Василеска Маги)
Никогаш не се дозна со сигурност дали еден од првите графити на екс ју-просторите Маргита је дечак е луцидна посвета на Маги ЕКВ или беше само експресија на бесконечната фантазија на сите Марг(ар)ити на овој свет кои немаат страв од летање, ниту да бидат она што општеството не сака да бидат. Урбаниот мит инсистира на првата верзија, додека романтичната претпоставка дека се работи за она второто е добар увод на изложбата на колажни слики со назив Блу на академската вајарка Маргарита Василеска Маги, одржана на 23 октомври, сабота, во просториите на продавницата на Варта батерии на улицата која само оние преостанатите се уште ја нарекуваат Ленинова.
Уметноста на 20 век во кој се случи експлозија на поп културата и масовните медиуми е поле на истражување на уметникот, вешто испреплетувајќи ги ликовите на некои од хероите на тој бурен век со цитати и упади на култни мисли и песни. Низ тој колаж на слики, можат да се сретнат ликови од Алберт Ками и Пабло Пикасо, до Бастер Китон и Ројан Аткисон алијас Мистер Бин, Ернест Хемингвеј, Хемфри кој би друг, ако не Богарт…,песни од Смешинг пампкинс до Кјур, Перл Џем, Ник Кејв, Квин, ох јес ајм грејт претендер… Панк естетиката е важен израз во нејзините дела, вешто спојувајки ја со Бел Епох како извор на величенствената експлозија на уметнички правци во 20 век, не заборавајќи во сето тоа да внесе меланхолично потсетување дека позади себе ја оставивме убавината на сензибилниот и нерационален наивен живот, препуштајќи го својот инвидуалитет на колективниот ум. Секоја декада си има свои претставници, арт деко и дадаизмот имаат посебен третман, а особен впечаток во нејзините слики остава кубо-футиризмот, кој е познат како основа за многу трендови во руската авангарда, а во основа е комбинација на италијанскиот футуризам и францускиот кубизам.
Како академски образован уметник, Маргарита ја разбира европската уметничка стигма на декаденција и песимизам, свесно или несвесно вткаена во нејзините дела, приметувајќи дека во создавањето на масовното индустријализираното поп општество се наоѓа изворот на аксиозноста на евроцентричното културно милје од Рашморс до Урал.
I love walking in the rain couse no one can see me crying – гласеше цитатот на една од сликите, во дождливото саботно предвечерие во една обична скопска населба.
Зоран Бендевски