Сутерен.мк

Игор Пачемски: Чувството на себепочит

После шест и кусур години го напуштив професионалното партнерство. Многумина би кажале дека во периодот на Ковид – 19, ова е самоубиствен потег. Во рок од 24 часа, антиките ги изнесов од апартманот на фирмата, кој како во секој развод, приватен или професионален, требаше да се ликвидира, и со Живко, мачките и папагалите се најдовме прво во родниот дом на Живко, на 15 километри од Софија (и супер ни дојде: ем блиску до новата работа, ем свеж воздух), каде што мебелите од Лондон, кутрите, во четвртото селење пак се најдоа покриени со чаршафи чекајќи некои подобри времиња каде што пак, ќе има причина да се јаде од Wedgewood сервисите.

Во духот на сестрите Митфорд (јас сум во мојата глава англиска флаперка од 20-тите, а не вол од 300 кг.) се облеков во ново одело, си ставив McQueen марама, се испрскав со Malin + Goetz и отидов уредно да си купам нов Mac, нов телефон, нови патики за мечката и таков целиот, што би рекле Англичаните, defiant, во новата романтична дома, во улица што личи на Врачар/Дебар Маало, нацртав колекција за една од најскапите светски стоковни куќи, густирајки Ризлинг и Comte’, прашувајќи се дали сум нормален што можам да одам од адвокатски назабени состаноци и преговори со uncanny моменти (hello Румена) до ладно цртање гаќи со пердуви, по цена на оние на Ивона (мала шала – таа сељанка од Ла Перла подалеку не знае) во рок од 72 часа.

Елем, сево ова беше за подобро. Подоборо утре, подобра иднина, “decluttering” на животот и пред се, ставање крај на токсични партнерства. Кој рескира, тој и добива. Се чувствувам како да сум во видео игра на петто ниво, ама тие што ме знаат, верувам дека знаат дека знам (хахах, тафтологија на батко), што правам. Чуму (одвратен збор, трес, трес Силјановска) сево ова? Па поради фактот што и во најголемата криза што светот одамна не ја видел, ако не сте третирани како што треба, спакувајте се и одете си.

Не си дозволувајте некој да ја потценува вашата интелигенција, труд, успех, едноставно – ајт, у пи… матер! Е сега, додека во животот ми се случуваат претумбации, за кои 99,99 отсто од нормалната популација од типот – „наведната глава сабја не ја сече“, сведок сум на еден дополнителен (дури и изненадувачки) пад на нивото на кампањата за претстојните избори.

Спотот со ДПМНЕ зомбиња и прашањето на политичар, дали владејачката партија ќе ве вработи, како лајт мотив на една политичка кампања!? Фамилијата Марковски (Лиле нарко бос е плус), неверојатно добро ги илустрираше партиските вработувања и работа во државни партизирани институции! Зарем тоа го сакате? Зарем не ви е доста од 30 години токсичност? Знаете ли кој е виновен за тоа? Вие и никој друг!

Со кое лице ќе си ги погледнете децата? Со кој образ ќе се видите себе во огледало? Нема ли да ви биде срам од вашата искалкулирана сервилност и фактот дека ќе треба да ќутите на некој дебил за плата од 300 евра?! Со Македонија ментално раскрстив во 90-тите, кога меѓу Uppingham и Leicester поминав еден краток период на ТМФ. Една доста грда и глупава професорска ќерка која ја спремав за испит, доби 9-ка (мене ми беше пишана единствената 8-ка), иако не знаеше кои константи да ги користи 12 часа пред испит!

Голема работа си викате. Доста цимолкаш, во животот има многу поголеми неправди! Да, но за мене, токму овие неправди беа предвесник на гомнената бура што следеше. Непотизам, лоши кадри, пад на нивото и ерадикација на Југословенската гордост со академската извонредност. И истите тие буквално, 30 години ве  е.ат во здрав мозок.

Така што, далеку од совршен сум, ама научете ја вредноста на гордо кренатата глава и на диктирање услови. Секако, се додека го имате квалитететот да го сторите тоа. И секако, гласајте!

Инаку, заборавив да кажам, ја имав својата прва филмска улога. Поради мојот британски акцент, глумев дебел гангстер што само јаде и – о, иронијо на ирониите! – морав да јадам кроасан и да пијам млеко. Имам целиакија и сум нетолерантен на лактоза. О, животе скоте! Побарав безглутенски кроасан и јогурт и секако, ги добив. Сигурен сум дека грото од нас, ќутенката ќе си го изедеа кроасанот и ќе си мрчеа после по дома –  лавови во нивните глувчешки дупки. 

( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *