По убиството на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе многумина се шокираа што тоа се случува во земја која не е позната по политичкото насилство. Но иако во споредба со други бројот на вакви случаи е мал, не е дека ги немало, само што атентаторите ретко користеле огнено оружје. Најчестиот мотив, пак, бил гневот кон локалните политичари кои сакале да шуруваат со странци
Ии Наосуке (1815-1860) бил „даимјо“, јапонски феудален господар и висок функционер, позиција која ја држел до неговото убиство во инцидентот Сакурадамон, наречен така според портата Сакурада пред замокот Едо кадешто се случил. Ии бил водечка фигура во напорите за отворање на Јапонија по повеќе од 200 години изолираност од светот, што секако не наидувало на поддршка од конзервативните кругови. Во 1858 бил потпишан Договор за пријателство и трговија со САД, а набргу и слични спогодби со други западни земји. Пристаништата на Нагасаки, Хакодате и Јокохама се отвориле за странски трговци, а истовремено го засилиле авторитетот на владеачкиот шогунат во однос на другите регионални политички сили.
На денот на атентатот во спомнатиот замок требало да се одржат состаноци, а Ии бил предупреден дека му се подготвува атентат. Неговата изјава наводно била: „Мојата безбедност не е ништо кога ја гледам опасноста која ѝ се заканува на иднината на мојата земја“. Неговата придружба се состоела од дури 60 самуари-телохранители, кои биле начекани во заседа од 17 воини од конкурентски клан во чии редови бил и Аримура Џисаемон, индивидуален „играч“, исто така самурај. Додека нападот во првите редови им одземал внимание на телохранителите, тој испукал еден куршум во носачите на „паланкин“-от (вид рикша) за Ии. Тоа било копија од јапонско производство на Колт 1851, огнено оружје какво што на шогунатот му подарил американскиот капетан Метју Пери. Аримура го извадил Ии од рикшата, со меч му ја исекол главата а веднаш потоа извел сепуку, односно се самоубил.
Конспираторите со себе носеле манифест, кој ја објаснувал причината за нивното дело:
„Целосно сме свесни за неопходноста за промена на политиката по доаѓањето на Американците во нашата земја. Но тоа е против интересите на нашата земја и дамка на националната чест, да се воспоставуваат трговски врски со странци, да се примаат странци во Замокот, да се потпишуваат договори со нив, да се напушти воспоставената пракса на фуми-е, газење на претстава на Исус или Богородица (нешто што биле терани да го прават христијаните за да покажат дека не припаѓаат на забранетата религија), да им се дозволува на странците да градат храмови посветени на оваа зла религија и да им се овозможува на тројца министри за надворешни работи да престојуваат во земјата. Оттаму, одлучивме да бидеме инструменти на небесата и да го казниме овој зол човек и автократ“
Веста за насилниот настан била испратена со брод преку Пацификот до Сан Франциско а потоа со пони експрес до американскиот запад. На 12 јуни 1860 ја објавил Њујорк Тајмс. Убиството било голем удар на престижот на шогунатот па оттаму официјалните власти одбивале да ја признаат смртта на Ии цел месец, тврдејќи дека бил ранет но се опоравува. Дел од придружбата која била тешко ранета и активна во одбраната била казнета со егзил и намалување на нивните примања. На оние со помали повреди им била дозволена честа да извршат сепуку, а оние кои воопшто не биле повредени биле обезглавени со одземен самурајски статус.
На следниот дијаграм се прикажани и други атентати на јапонски политичари од поновата историја и причините за истото.