Доколку го прогуглате „зеланд“, прво на што ќе наидете се штури податоци за дански остров сместен помеѓу Јитланд и Шведска!
Првиот Европеец кој се истоварил на Нов Зеланд бил Холанѓанецот Абел Тасман. Тасман работел за холандско – источноиндијска компанија која барала нови трговски партнери кои би биле расположени да трампаат злато и сребро за холандски текстил и железо.
Холандските истражувачи веќе ја имале откриено Австралија и ја нарекле „Нова Холандија“. Додуша, не сфатиле дека е тоа остров, туку мислеле дека таа се протега се до Антарктикот.
Тасман немал заслуги околу Австралија, но тој и неговиот екипаж биле првите Европејци кои стапнале на неколку острови. На првиот му го дале името „Земјата на Ван Дајмен“ (според нивниот гувернер), што подоцна е променето во Тасманија.
Продолжувајќи да плови на исток, Тасман наишол на големо копно и се вчудоневидел кога видел дека тука живеат маорски племиња. Кои пак, воопшто не биле воодушевени од натрапниците од Европа. Маорите не биле ниту уплашени, ниту импресионирани од „гостите“, туку покажале голема нетрпеливост, па дури и убиле неколкумина од придружбата на Тасман, спречувајќи ги да го истражат новооткриеното тло.
Новиот остров Тасман го нарекол „Статен ланд“, претпоставувајќи дека е дел од голем континент што се протега по јужниот дел од Тихиот океан се до Јужна Америка.Токму затоа и новото копно го нарекол по остров на југот на Аргентина.
Веќе следната година,еден друг Холанѓанин открил дека станува збор за остров, а не за дел од Јужна Америка, така што „Статен ланд“ веќе не било воопшто соодветно име.
Овој Холанѓанец, островот го преименувал во Зеланд („морска земја“), но не по данскиот остров, туку според истоимената провинција во родната Холандија. А англиските доселеници го додале она „нов“…