Сутерен.мк

Капка веселба

„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Капка веселба“ на современиот босански писател Селведин Авдиќ, во превод од босански јазик на Ленче Тосева.
Овој роман се чита како поетична посвета на предвоена Зеница во Босна и истовремено како ламентација за постранзицијата, односно за тоа што останало од мултикултурниот и индустриски организам. А тоа се неговите жители, одеднаш изгубени и несреќни.


Главниот јунак Миран се враќа во градот по војната, еден ден после земјотрес и голема поплава. Тој ќе се обиде да живее мирно, во трошна зграда, со разнобојни соседи и спомени, ќе започне љубовна врска со Верена, поранешната сопруга на кралот Банана, која е само дел од моќната и чудна галерија на ликови во романот.

Приказната за Миран ќе биде заменета со приказната на шефот на хотелската сала на хотелот „Металург“ во градот „лулка на пролетаријатот“: за темнината, за отворената врата на подземјето што ги зафатило луѓето, за злото што доаѓа и расте, за падот и самракот на цивилизацијата, за вознемиреноста и паранојата, за некои апокалиптични или темни теми…
Во оваа книга се сретнуваат онтолошките и психолошките дилеми и рафинираната естетика на Дејвид Линч со лична меморија и одредена носталгија за подемот и оптимизмот на социјалистичкиот период.

Селведин Авдиќ (1969 година, во Зеница) е босански писател и новинар. Го уредува online списанието Журнал и емисијата на БХ радио Free Fight.

Во 2004 година ја објавил збирката раскази Потстанари и други фантоми, која е објавена и во Србија и во Босна и Херцеговина. Расказите од таа збирка се сместени во зборници и антологии на краткиот расказ во Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија… За расказите од оваа збирка има добиено и неколку награди на различни конкурси на списанија. Некои од нив се преведени на англиски, германски, турски, македонски и словенечки јазик. На македонски јазик е објавен романот Седум стравови, во Босна објавен во 2010 година и беше прогласен занајдобра роман таа година. Истиот роман, британски „Гардијан“ го смести меѓу петте најдобри романи објавени таа година на англиски јазик. Во 2017-та, го објави романот Капка веселба.

Автор е и на книгата Мојата фабрика, како и на водичот Патека на кралевите: Јајце, Шипово… Мојата фабрика е театрализирана биографија на градот Зеница, која неколкупати е наградувана.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *