Сутерен.мк

Киран Џетва: Вкусот на Африка

Кенискиот шеф Киран Џетва (1977), кого го гледаме во авантуристичко-кулинарската емисија „Приказни од африканскиот шпајз“ на каналот „24 Кичен“, не е само готвач туку и репортер.

Овој исклучително енергичен и симпатичен Кениец со индиско-британско потекло, како сопственик на два ресторана „Севен сифуд енд грил“ го направи Најроби, главниот град на Кенија, една од најатрактивните и најпосетувани гастрономски дестинации во Африка.

Најпопуларниот шеф на црниот континент со своето шоу на светот му ги покажува невообичаената кулинарска култура на африканските племиња, убавината на недопрената природа и уникатните и ендемични плодови што ги дарува таа.

Тој веќе пет години е во брак со Сара Џетва, со којашто има една ќерка. Киран речиси секоја година е во финалето на светскиот избор за шеф на годината, а во 2013 станал и сопственик на оваа награда. Како што објаснува, спортот му е во крвта, а како студент неколку години играл и во универзитетскиот рагби тим во Манчестер, каде што и студирал. Исто така, бил член на кениската рагби-репрезентација, со којашто учествувал на повеќе интернационални купови.

Неговата емисија не е само обично спремање на храната и презентација на рецепти туку неверојатна авантура под отворено небо и борба со суровоста на природата. Без оглед дали нурка во длабоките океански води на Мозамбик и вади школки-камењарки или, пак, бара вкусни печурки низ суровата дивина на Етиопија, тој на дело покажува дека храната во овој дел од светот има поинакво значење и поинаква вредност и секогаш не се купува во супермаркетите!

  • Имате интересна семејна историја. Кажете ни нешто за себе?

– Јас сум Кениец со индиско потекло. Мојот дедо дошол овде во осумдесеттите-деведесеттите години од 19 век и оттогаш почнува таа разновидна мешаница во моето семејно стебло. Мојот татко е 14-тото и најмало дете кое го имал дедо ми. Мајка ми е од Јоркшир и дошла најпрвин во Уганда во 1950 година, а подоцна се преселила во Најроби, каде што се запознала и се венчала со мојот татко. Јас сум најстариот од тројцата браќа.

  • Како е да се порасне во Кенија? Како изгледаше Вашето детство?

– Тоа е привилегија. Климата е феноменална во текот на целата година, надвор од урбаниот Најроби почнува дивина, близу е морскиот брег, живееш со природата и нејзините закони. Затоа имам неверојатно искуство и незаборавни спомени од моето детство, за што сум благодарен. Ние пораснавме надвор, под отворено небо.

  • Од кога и како почнавте да готвите и да се интересирате за кулинарството?

– По завршувањето на средното училиште заминав во Велика Британија, каде што дипломирав менаџмент во хотелскиот туризам на Универзитетот во Манчестер. По дипломирањето патував многу, а во Флорида работев во кујната на еден познат ресторан. Но, не како готвач, туку како обичен работник. Потоа тоа го правев во многу ресторани низ целиот свет и можам да кажам дека ги познавам индиската, азиската, кинеската, италијанската и, се разбира, африканската кујна.

Но, морам да наспоменам и дека потекнувам од семејство во коешто храната и нејзиното консумирање имале централно место и им се посветувало огромно внимание. Се сеќавам дека во неделите додека бев дете правев појадок за сите, а мајка ми викаше по мене дека секогаш ѝ ја уништувам кујната и правам хаос…

  • Како го опишувате Вашиот готварски стил, што несомнено е микс од многу влијанија?

– Навистина е така. Храната што ја спремам мора да биде забавна и полна со вкусови. Употребувам локални продукти, а крајниот производ е мешавина од индиско-африканско-медитеранска кујна. Звучи многу комплицирано, но во суштина не е.

  • Што има на менито во Вашите ресторани во Најроби?

– Често го менувам менито во моите ресторани. Единствено што е константа се локалните продукти и морските плодови од источноафриканскиот брег. Покрај ова, во менито имам и стек на различни начини.

  • Вашето шоу „Приказни од африканскиот шпајз“ има репортерски, кулинарски и документаристички елементи. Намерно ли го одбравте овој концепт?

– Кениската и кулинарската култура на другите земји од источниот брег на Африка не можете да ги покажете во кујна во урбана средина. Мора да бидете во дивина, со локалните жители, да ги доживеете руралната заедница, нивниот живот, навиките и сето богатство на зеленчук и овошје што ќе го најдете во природата. Да наберете, уловите, пронајдете специфични продукти и од нив да создадете нешто што ќе ве нахрани. Тоа во овие услови понекогаш е тешко. Едноставно не може да биде поинаку.

  • Кое е национално јадење во Кенија?

– Тоа е „угали ниама чома анд сукума вики“. „Угали“ е солена погача слична на палента, „сукума вики“ е кељ спремен на пареа, а „ниама чома“ е месо на скара. Најчесто тоа е козјо месо спремено на оган со сол и црн пипер. Ова јадење во рестораните се служи со ладно кениско пиво „тускер“.

  • Кое е најбизарното нешто што сте го пробале за време на снимањето на Вашата емисија?

– Без дилема, тоа е крв од крава. Бевме во познатиот резерват на племето Масаи за да ја разоткриеме нивната култура на спремање на храната. Нивен деликатес е крв од крава, што ја вадат директно од вената на вратот, без да го повредат животното, кое нема последици од овој процес. Крвта се пие додека е сѐ уште топла. Беше ужасно. На снимањето во Уганда имав дилема дали да пробам скакулци кои во моментов се многу барани и се одгледуваат индустриски, но, за моја среќа, тие беа вкусни. Имаат вкус сличен на кафеавите ракчиња. Преживеав.

  • Вашата емисија „Приказни од африканскиот шпајз“ е многу популарна и имате многу фанови и кај нас…

– Навистина се радувам кога ќе слушнам дека моето шоу се гледа насекаде во светот. Исклучително ми е мило што ме побаравте за разговор и што се интересирате за мојата работа и за уникатноста на африканската кујна. Но, јас не сакам да ме гледаат како „селебрити фаца“, затоа што не сум тоа. Пред сè, храната е потреба, а потоа забава и уживање.

  • Дали некогаш сте биле во Македонија? Знаете ли нешто за нашата земја?

– Иако многу сакам да патувам и сум прошетал многу земји, никогаш не сум бил во Македонија. Се надевам дека ако имам можност или ако ме повикате, ќе дојдам и ќе ја запознам вашата земја.

 

  • Дали знаете нешто за готварската традиција на Балканот?

– Знам, но мошне малку. Балканот има заедничка нитка што ги поврзува традиционалните кујни на повеќето земји со многу мали разлики. Исто така, знам дека имате неверојатно квалитетни овошје и зеленчук.

  • Која Ви е омилена кујна?

– Се разбира, италијанската, а веднаш по неа – мексиканската и тајландската. Во суштина, ги сакам сите во коишто се користат многу зачини. Од друга страна, мислам дека француската кујна денес е преценета неправедно.

  • Јадете ли благо?

– Обожавам торти и колачи, но не смеам да ги јадам толку колку што сакам.

  • Кои се официјалните јазици во Кенија? Колку јазици зборувате Вие?

– Имаме многу јазици, точниот број би можеле да ви го кажат малкумина. Но, официјални јазици се англискиот и свахили. Се зборуваат и курин, бахуја, џамаи… Но, сите жители во градовите знаат англиски и свахили. Овие два јазика можете да слушнете дека често се мешаат еден со друг. Јас зборувам свахили и можам да се разберам и на неколку други јазици. Но, не би рекол дека ги зборувам како што треба.

  • Покрај готвењето, имате ли други интереси, хоби? Како го поминувате слободното време?

– Да, правам многу работи, но немам време да им се посветам толку колку што сакам. Одам на риболов и тоа не е само за во емисија. Многу сакам и подводен риболов. Имаме многу видови риболов и ретко ќе најдете човек во Кенија кој не рибари. Голем дел од моето слободно време го поминувам во сала за вежбање. Сакам да играм и голф.

  • Кои се Вашите идни планови?

– Ја продолжувам соработката со „Нешнел џиографик“ и тргнувам во нов проект. Тоа ќе биде глобална серија снимана не само во Африка туку и во Боливија, Перу, Монголија Кина, Непал, на Борнео… Овие авантури се за луѓето кои во екстремни услови во нивната околина стигнуваат до храна. На пример, во Мозамбик нуркав 30 метри под вода без никаква опрема со локалните жители „вооружени“ само со копје за да го уловат својот ручек.

Во Непал, пак, се искачувавме на карпи високи 200 метри за да стигнеме до мед што го прават најагресивните и најголеми пчели на светот. Ова го правиме со цел да ги покажеме најекстремните начини на борба меѓу човекот и природата во неговата постојана потрага по храна.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2015 година

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *