Сутерен.мк

Најбакнуваната жена на светот!

Кон крајот на 19 век, пронајдено е тело на млада жена во водите на Сена во Париз. Ништо необично за тоа време, затоа што многумина излезот од бедата, болестите и личните несреќи го барале со скок од некој од мостовите на реката, па така и оваа жена би била брзо и засекогаш заборавена, но… нејзиното лице и денес илјадници луѓе го гледаат секојдневно.

Приказната вели дека патологот, кога некаде во текот на 1880 година го видел телото на удавената жена, бил толку воодушевен од нејзината убавина, што порачал да се направи посмртна маска. Во исто време, моделарот направил уште една копија и ја поставил пред својата работилница. На негово огромно изненадување, набрзо парижаните почнале да му нарачуваат нејзини реплики. Така “Непознатата жена од Сена“ станува моден детал во многу домови ширум Европа, но и инспирација за уметниците како Набоков, Рилке, Ками, Анаис Нин…

Тренд како тренд, би поминал кога – тогаш, доколку извесен куклар, Асмунд Лердал во 1955 година не му го спасил животот на својот син така што, после давење му вдишал воздух во белите дробови преку „уста на уста“. Неколку години подоцна, кукларот добил нарачка да изработи помагало за вежбање на техниката за кардиопулмонална реанимација што почнувала тогаш да се развива.

 

Лердал ја изработил куклата, а сакајќи да изгледа што помалку страшно решил таа да има женско лице, а за модел ја искористил маската што висела на ѕидот во куќата на своите родители – „Непознатата жена од Сена“!

Токму тоа лице и денес се користи за моделирање на куклата „Малата Ени“ или „Спасете ја Ени“, врз која се вежба прва помош ширум светот!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *