Сутерен.мк

Кои беа солунските атентатори?

Страдањето на македонскиот народ од турската тиранија, одлуката и желбата да се ослободи од ропството, храброста и пожртвуваноста на гемиџиите, преку фотографии и документи се пресликани во документарен филм што по иницијатива на Општина Велес го изработи Државен архив – Одделение Велес.

Документарниот филм е со наслов „Во архивската меморија – 121 година од Солунските атентати и жртвата за татковината“.

-Целта на документарецот е со факти да се прикаже состојбата во која се наоѓал македонскиот народ, организацијата на нападите на Гемиџиите и како овие херојски подвизи оддекнале во светот. Филмот содржи историски податоци за периодот од 28 април до 1 мај 1903 година, кога се извршени бомбашките напади во Солун, од страна на анархистичката револуционерна група од Велес со цел да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање – соопштија од Општина Велес.

Документарниот филм е направен по повод 121 години од подвигот на Гемиџиите.

Солунските атентати се низа бомбашки напади во Солун, извршени од 28 април до 1 мај 1903 година од страна на Гемиџиите, анархистичка револуционерна група од Велес. Целта на овие напади била да се нападне најзначајниот европски град во Османлиското Царство, за да се привлече вниманието на големите сили врз македонското прашање. Во изведувањето на Солунските атентати учествувале десетмина гемиџии: Јордан Поп Јорданов – Орцето, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов и Цветко Трајков.

Гемиџиите се стремеле да извршат редица атентати врз железничките линии, турските достоинственици и европските банкарски институции. Преку овие терористички акции се надевале дека ќе предизвикаат интервенција на големите европски сили заради автономија за Македонија.

На 28 април во близина на солунското пристаниште Павел Шатев го потопува со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Бродот бил запален, а патниците сите до еден спасени. Истата вечер Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов поставуваат динамит на железничката пруга Истанбул-Солун и го онеспособуваат возот. И при оваа акција нема жртви, но е предизвикан хаос во железничкиот сообраќај.

На 29 април вечерта и Константин Кирков поставува 2 кг динамит на цевките со гас за осветлување и на водоводните цевки на Солун. Целиот град е во темница и без вода. Во целиот град владее паника, хаос и страв. Десетина минути по изгаснувањето на осветлувањето, врз Отоманската банка се фрлени две бомби, по што Јордан Поп Јорданов – Орцето го активира експлозивот, кој уништува поголем дел од зградата на банката.

Во истото време на повеќе локации во Солун гемиџиите фрлаат бомби: Милан Арсов фрла бомба во летниот театар Алхамбра, Илија Трчков фрла две бомби на главната улица, Димитар Мечев фрла две бомби пред хотелот Египет, Константин Кирков фрла бомба пред Гранд хотелот, а Георги Богданов пред кафеаната Ноја. Владимир Пингов предизвикува пожар кај „Бошњак-ан, а потоа фрла бомба пред вратата на Топхането (турската државна управа), каде што е застрелан од војници.

По овие акции Мечев и Трчков се вратиле во својот стан и од таму почнале да фрлаат бомби врз турската војска. Откако фрлиле 50-60 бомби, се самоубиле, за да не бидат фатени од турските власти. На 30 април во борба со турската војска и полиција загинува и Јордан Поп Јорданов. На 1 мај се извршуваат две неуспешни акции. Кирков прави обид да ја крене во воздух солунската телеграфско-поштенска станица, но е убиен од стражарот. Цветко Трајков прави обид да го убие солунскиот валија Хасан Фехми паша. Откако не успева, Трајков се самоубива, активирајќи бомба.

Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција на своето време. Нивниот план бил успешно извршен. Сите дипломатски претставници во Солун ги известиле своите влади за солунските настани. Во битка со војската и полицијата се убиени шестмина од гемиџиите: Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Уапсени се четворица: Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие прво се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Либија).

„Тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, за да станат првите светци на македонската револуција…“

Во 1923 година Павел Шатев во својот „Осврт по повод Солунските атентати“ запишал: „…великите македонски покојници во Солун беа се заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на Идејата, но не и на славата. Таму, во урнатините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни. … Од моментот кога Орце го запали фитиљот во Отоманската банка – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската осветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да станат првите светци на македонската револуција…“

„Македонскиот идеал во лицето на Солунските атентатори беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата… Тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија – Солунските атентати, или Илинденското востание – било позначајно, што било повеличествено: дали примерот на личната бестрашност, или системската подготовка на масите за револуцијата. И ако Илинденското востание донесе едно самоосознание на македонските маси, Солунските атентати се оној поттик, кој што го создава македонскиот идол на револуцијата, на кого ќе му се восхитуваат вековите… Солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните македонски поколенија.“ – истакнува Павел Шатев во „Освртот по повод Солунските атентати“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *