Сутерен.мк

Короната и знаците

Овен


Секако дека ова дрво неделкано, ако се зарази со Ковид 19 ќе земе мегафон и ќе разгласи додека го држи глас, мозочните виуги и силината на интернет конекцијата, дека е вирозен и опасен по живот, но дека му треба сета нега и галење на светов што постојат! Меѓутоа, не повеќе од пет минути. На шестата, веќе му сте здодевни. Она што не го знаете за рогативе е дека сите, ама сите до еден, имаат таен бункер (за кој не знае никој) каде што чуваат барем една базука, колекција на пиштоли, мала верзија на црешовото топче, неколку рачни бомби и една катана. Потоа, разни семиња на житарки, тарана, смрзнати – свински ребра и сланина, леб, леб и леб. Тегли феферонки и ајвар (од мама, нормално), канти полномасно мешано сирење, домашни чадени кобасици, ракија и… Нема – и! Толку е. (Не чуваат кондоми. За нив е тоа фрлање пари.)

Бик


Му се смее константно на Овенот. Му се смееше и за време на Шпанската треска пред сто години. Ахам. Затоа денес повеќе овци има од бикови. Нека продолжи да се смее. Кај и да е, така насмеан, ќе го одгледуваат во аквариум. Во некоја школка. Се додека не му текне дека ситуацијата е сериозна. А обично, доцна му текнува. Тогаш, логор поставува пред маркетите и штом отворат, купува се што е за јадење. И ќе го изеде сето тоа во еден ден. И после купува еклери. Многу еклери. Бидејќи само тоа е останато. Тоа, другите, лудите, глупавите му го изреметија планот. Ги испокупија сите тестенини и конзерви. А тој требаше да биде министер. За локална самоуправа. И тоа му го уништија.

Близнаци


Ах, па нема повоодушевено створење од карантинот од Близнаците! Се додека не му објаснат дека гости (повеќе од ич) не смее да прима во својот дом! Значи, исто колку што и претходно ги имал. Огромно е разочарувањето кога ќе дознае дека не може дома да приредува оргии и колективно озборување на сите негови душмани, а уште пострашно му е сознанието дека некои вирусот ќе го употребат како оправдување дека не можат да дојдат да го посетат! Близнакот е интелигентен – сфаќа кога – тогаш, дека е напорен и дека дружбата со него е крајно бесмислена!

Рак


Овие па?! Едвај чекаат некој и официјално да им заповеда да останат дома и да се затворат без непотребни објаснувања, и да готват, готват и готват! После плачат дека не можат да ги нахранат сите кои се гладни, а и за тоа што не знаат што да прават со вишокот храна. По некој ден, пуштаат „авиончиња“ кон соседите со молби и солзи да дојдат и да се фатат за раце и да играат нешто на што се рика и пее. Добро е што имаат желба да нахранат се што мрда. Од нивната тотално некорисна патетика најмногу ќар гледаат глувците.

Лав

Лавовите во карантин можете да ги сместите само доколку ги киднапирате и притоа, ограбите! Ако не ги врзете блиску до парното, тие, колку што ланецот им дозволува, и понатаму ќе одат од врата на врата и ќе им ѕвонат на соседите соопштувајќи им дека тој е под карантин и дека му е многу лошо и дека сево ова е светски заговор и дека тие треба да се побунат! Заради него. Најверојатно, ќе заврши како „жив заѕидан“, но тоа не е крајот и за него: ќе почне да става видеа на Јутјуб како херојски се бори од ден на ден со вирусот (кој го нема) и откако се ќе помине, ќе ве советува како да замесите козињак!

Девица

Девица не се става на ниедно раководно место. Бидејќи ќе одговарате за загрозување на безбедноста на колективитетот од религиозни причини. (Бидејќи, причините се секогаш непознати за крвопролевањето од страна на Девиците, мора да бидат мистериозни демек, религиозни. И, само ова е јасно. Се понатаму е неразбирливо до мозочен удар.) Главно, се однесуваат ноншалантно во време на кризи ( тие се цело време манијаци, па така што не ја ни забележувате разликата) што ќе рече, исто чистат, дезинфицираат и глумат жртви. Мора се, може се. Шо?!

Вага

Вагата најверојатно, ќе „зароби“ на време неколкумина добри пријатели дома, убедувајќи ги дека надвор е колеж и дека и самото излегување на неговата тераса може да заврши со кобен крај! „Епа, ако ти стиска, излези и нека те спржат вонземјаните што будно го надгледуваат мојот дом, а?!“ А?! Сите ќе и готват на Вагата, ќе и го разместуваат мебелот и ќе бидат благодарни за тоа. Само на време да обезбеди што повеќе заложници! Бидејќи, овој знак не знае и не може и не се ни труди да живее сам! Ниту да преживее! Ниту да умре! Сам. Никако сам и без последни наредби.


Шкорпија


Искрено речено, Шкорпиите со Ковид 19 ги дочекаа своите пет минути! Па, почнуваат: „ Нели ти реков?! Ајдее, сеа трпете! Да бе, јас сум била параноична! Што е сега? Што цвикате? Купувајте тоалетна, кога не ви држи газот!…“ Неподносливи се. Ама станува уште полошо. Почнуваат да се облекуваат како оние чудацине од „Господар на прстените“ и бараат да ги слушате! До толку се нетокму, што на моменти и ќе ви прозборат на некој неразбирлив јазик! Вистината е дека сепак, само им е многу здодевно. И дека многу им сте здодевни и вие…

Стрелец

Е, ова е веќе проблем! „Јас ли!? Ти, мене тоа – карантин?! Ти на мене?! Јас дома?! По цел ден?!…“ Ова се говеда што ни едно трло и ни едно куче не може да ги дисциплинира! Тоа не помага никому, не сочувствува со ништо, не гледа потреба од солидарност никаде. Тоа створење ти е нешто демек кул фраер, од типот: „Па стално има некои вируси, стално се умира, зошто цела оваа галама…?!“ Не, не се на никакви дроги, такви си се од својот нулти предок. Ако не умрат за време на пандемијава ( а нема, бидејќи се големи страшливци во суштина, па се кријат по осамени темни сокаци), после излегуваат најгласни од сите и нормално, формираат партија.

Јарец

Ако некому најтешко му паѓаат превентивниве мерки за справување со Ковид 19, тоа е Јарецот! Ептен не му се вкалупува во неговите бизнис планови. Покрај тоа што мора да ги исплати хонорарците, мора да ги плати и редовно вработените?! Тие што заработуваат за него?! Види, види… Што е многу, многу е! „Па зарем еден вирус ќе ја загрози мојата диета што чини 1 500 евра, а?! Тоа што за една недела ќе ја побијам целата идеја на личниот ми тренер доведен дури од Холивуд, не ви јанамалува одговорноста дека мора да ми ги набавите тие пари за моето нејадење! Платете ми го гладот или сите ќе ве избркам!“

Водолија

„Што значи зборот вирус? Што е самоизолација? Што е карантин? Што е болест? Што е животот? Ќе умреме ли? Кога? Зошто? Што има после смртта? Медитирате ли? Не, а?!“ Лежете. Уживајте во мирисот на зумбули, ако има и јорговани, планински чај, диви нарциси… Не мрдајте. А, ако веќе морате, одете по вжарени јагленчиња. Или, лежете на клинци. Или не лежете. Земете поправете ја чешмата што капе сто години. „А зошто да не се лежи? Што значи станувањето? Што значи прашалников?“ Господи Боже, со кого живем?!

Риби

Моите најомилени. До толку се избезумени, што ќе сфатат дека се во карантин дури на четвртиот ден. Откако ќе сфатат (а се сомневам дека ќе), најмалку три дена само ќе се ѕверат во белиот ѕид пред нив. Четвртиот ден, се уште ќе се ѕверат, а колачињата што ќе им ги донесете, ќе ги спакуваат како резерва за некои полоши времиња! За нив, најлошите времиња се нервозитесо најблиските, а не, немање на макарони и тоалетна! Не ви се извинувам за пристрасноста: рибите се најлудиот знак што постои! Но и – најчесниот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *