Сутерен.мк

Косовскиот театар на апсурдот

Печатот на германски јазик пишува дека по една недела заедничките сили на ЕУ и САД го ставиле под контрола северот на Косово. Но, сега мирните протести се уште траат
Во репортажа од северот на Косово, австриски Стандард пишува дека на лице место се одвива театар на апсурдот.

„Ситуацијата е надреална, бидејќи никој не знае точно зошто има протести овде или зошто има толку многу полицајци и војници. Минатата недела овде луѓето демонстрираа против тоа што Албанец го започна својот мандат како градоначалник“, пишува Стандард.

Весникот наведува дека по последните немири, ЕУ и НАТО се длабоко шокирани бидејќи во последните 20 години немало ваква ескалација на насилството на Косово.

„Србинките сакаат да продолжат со протестот додека не се повлече косовската специјална полиција Росу. 42-годишната докторка Јелена К., вели дека нејзината ќерка од страв повеќе не излегува од дома, бидејќи минатата недела морала да помине низ редовите на војската и полицијата на пат кон училиште. Сите се плашиме од албанската полиција, вели таа. Росу има лоша репутација меѓу Србите на северот на Косово: има веродостојни извештаи за етнички мотивирана бруталност против Србите“, пишува Стандард.

Земјите од ЕУ се залагаат за организирање нови локални избори во четири српски општини на северот на Косово во август или септември. Сепак, тоа би имало смисла само доколку на локалните избори учествуваат и Србите. „Ќе одевме на избори ако најпрво се формираше Заедницата на српските општини“, вели Јелена К. Косовската страна, сепак, е против таква заедница, бидејќи е загрижена дека во тој случај Србија секогаш ќе може да се меша во внатрешните работи на соседната земја, која не ја признава како независна“, пишува Стандард.

Весникот наведува дека секојдневието на северот на Косово е секогаш политички тензично, бидејќи проблемот никогаш не бил решен. Весникот пишува дека „некои албански националисти на терен сакаат Косово и Албанија да се спојат во Голема Албанија.“ „Тврдат дека им припаѓа и северниот дел на Косово. Една држава за сите граѓани – тоа за нив е туѓо“, пишува Стандард.

„Со заеднички сили, ЕУ и САД ја ставија под контрола ескалацијата на конфликтот меѓу Косово и Србија по една недела“, пишува Ноје Цирхер Цајтунг (NCC) . „Сега ЕУ бара од Приштина да организира нови избори што е можно поскоро. Барањето од Белград е овој пат да се осигура дека нема да има бојкот. А Приштина, пак, веднаш треба да почне да работи на реалниот дел на автономната Заедница на српски општини (ЗСО)“.

Весникот пишува дека „сепак, Приштина е главната цел на кризната дипломатија на Западот“. „Вашингтон, најважниот сојузник на Косово, се повеќе е иритиран од непослушноста на Курти. Сега за прв пат Американците презедоа казнени мерки против Приштина“, пишува NCC.

„Осумдневната криза драстично покажа колку брзо безбедносната ситуација во северно Косово може да излезе од контрола. Но, тоа не се случува спонтано, туку секогаш преку насочени провокации на едната или на двете страни“, пишува NCC.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *