Фудбалскиот клуб „Реал Мадрид“ воден од легендарниот Карло Анчелоти (62) дојде до својата 35-та титула во клупската историја.
Анчелоти, пак, се запиша во аналите на светскиот фудбал, откако стана единствениот тренер во историјата на фудбалот кој ги освојувал титулите во петте најсилни шампионати на Европа.
Анчелоти ја освои шампионската круна во Италија со „Милан“, беше шампион на Англија со „Челси“, шампион и на Германија со „Баерн Минхен“, ја освои и француската фудбалска круна со „Пари Сен Жермен“ и сега во својот втор мандат на чело на „Реал Мадрид“ дојде до шампионската титула во Шпанија.
„Реал Мадрид“ денеска и математички ја обезбеди титулата шампион на Шпанија откако на домашен терен го совлада „Еспањол“ со 4-0.
За 35-тата титула на шампионот на Шпанија, стигнаа полесно од очекувањата.
„Реал Мадрид“ сезонава немаше сериозен ривал во борбата за титулата, а веќе по првиот дел од сезоната беше јасно дека титулата најверојатно ќе заврши на „Сантијаго Бернабеу“, што на крајот и се случи.
Најголемиот ривал на кралскиот клуб, „Барселона“, до крајот на сезоната ќе се бори за втората позиција и целта е да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
Каталонците денеска ги воодушевија сите со објава на Твитер бидејќи се огласија веднаш откако „Реал“ стана шампион на Шпанија и решија да му честитаат на најголемиот ривал за тој потфат:
„Барселона му честита на Реал Мадрид за освоената 35-та титула во Примера!“